Економија
Владата го донесе ребалансот на буџетот за 2020 година
Владата на својата вчерашна 52. седница ја донесе уредбата со законска сила за изменување и дополнување, односно за ребаланс на буџетот за 2020 година. Детаљно образложение за проекциите во приходната и расходната страна на буџетот ќе бидат презентирани на прес-конференција во текот на денешниот ден.
Владата вчера ја усвои одлуката за максимален износ на ново задолжување преку издавање државни хартии од вредност на меѓународниот пазар на капитал – еврообврзници на Република Северна Македонија.
Имајќи ги предвид сите предизвици што произлегоа по прогласената пандемија на Ковид-19 на светско ниво од страна на Светската здравствена организација, мерките за заштита и рестрикција на движење што ги преземаат државите, а особено нејзиното влијание на пазарите на капитал, Министерството за финансии предложи, а Владата прифати, финансирањето со издавање еврообврзници, кои ќе ги поддржат ликвидноста на државата во време на пандемија, намалената економска активност, преземените мерки за заштита на економијата и работните места на граѓаните, како и зголемените трошоци во секторот здравство.
Предложениот максимален износ на новото задолжување преку издавање државни хартии од вредност на меѓународниот пазар на капитал – еврообврзница во износ до 800 милиони евра ќе обезбеди финансиски средства за буџетска поддршка на Република Северна Македонија во 2020 и 2021 година и за рефинансирање на обврските што достасуваат по основ на отплата на државниот долг на Република Северна Македонија.
Владата на Република Северна Македонија ја разгледа и усвои информацијата за потребата од назначување агент за процесни услуги на Република Северна Македонија, претставувана од Министерството за финансии во процесот на издавање еврообврзница на меѓународниот пазар на капитал, и го задолжи Министерството за надворешни работи преку Амбасадата на Република Северна Македонија во Лондон, Велика Британија, да ја преземе функцијата агент за процесни услуги во име на Република Северна Македонија, претставувана од Министерството за финансии.
Владата донесе изменување на уредбата со законска сила за начинот на промена на договорни услови на кредитни изложености кај банките и штедилниците. Со уредбата се предвидува продолжување на рокот во кој банките и штедилниците може да ги променат договорните услови на кредитните изложености на должниците – правни и физички лица, и тоа за 90 дена по престанокот на траењето на вонредната состојба.
Исто така, беше донесена и уредба со законска сила за изменување на уредбата за примена на Законот за заштита на потрошувачите при договори за потрошувачки кредити за време на вонредна состојба, со која се овозможува и во наредните 90 дена висината на трошоците што не се вклучени во пресметката на годишната стапка на вкупни трошоци да не надминува 30 проценти од износот на одобрениот кредит.
На оваа седница е донесена измена на уредбата со законска сила за примена на Законот за акцизите за време на вонредна состојба, со која се продолжува рокот за исполнување на обврската за поднесување гаранција за обезбедување на плаќањето на акцизниот долг, кој може да настане за акцизните добра што се наоѓаат во постапка на акцизно одложување. Имено, приватните здравствени установи, аптеките и производителите на лекови, помошни лековити средства и средства за дезинфекција, кои се иматели на одобрение за повластен корисник, треба да поднесат гаранција заклучно со 31 декември 2020 година како дополнителна олеснителна мерка во услови на ширење на коронавирусот Ковид-19.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.