Економија
Владата пред јапонските бизнисмени ги претстави поволностите за инвестирање во земјата
Вицепремиерот задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, и министерката задолжена за странски инвестиции, Зорица Апостолска, денес остварија средба со јапонска бизнис-делегација предводена од Јошихиро Секи, државниот министер за економија, трговија и индустрија на Јапонија, пред кои ги презентираа можностите за инвестирање во нашата земја.
Вицепремиерот Анѓушев ги претстави поволностите за инвестирање во Република Северна Македонија, при што истакна дека целта на Владата е да привлекува странски инвестиции со висок степен на технолошки развој, какви што несомнено има во Јапонија, која е една од најразвиените земји во светот.
„Со министерот Секи разговаравме за интензивирање на економската соработка помеѓу двете земји и тоа во насока на привлекување јапонски инвестиции, да дојдат во нашата држава и да инвестираат, односно да ја препознаат можноста нашата земја да биде нивна порта кон европскиот пазар. Воедно, разговаравме и за зголемување на извозот од нашата земја кон Јапонија, т.е. кои продукти би можеле да се пласираат на тој пазар. Во бизнис-делегацијата денес се и претставници на големи јапонски компании, како „Мицубиши“, „Мицуи“ и др., кои се навистина големи компании. Се надеваме дека од оваа посета ќе се појави интерес кај некоја од компаниите за инвестиции и на тој начин да се зголеми соработката помеѓу нашите две земји“, потенцира Анѓушев.
Министерката за странски инвестиции, Апостолска, истакна дека Владата е отворена за соработка со сите компании и води постојани контакти со компаниите од фазата на појавување на интерес, па сè до фазата на реализација на еден инвестициски проект.
„Оваа посета за нас претставува одлична можност да ги презентираме економските политики на Владата, но и да посочиме дека сме посветени на целиот процес на еден инвестициски циклус, од споделување информации потребни за инвеститорите до институционална грижа и следење на нивните проекти, па сè до целосна реализација на инвестицискиот проект“, рече Апостолска.
Јапонскиот министер Секи посочи дека оваа година се одбележуваат 25 години од воспоставување на дипломатските односи помеѓу двете земји, а лани јапонскиот премиер Абе ја објави иницијативата за интензивирање на економските односи на Јапонија со земјите од Западен Балкан.
„Денес сум тука со претставници од асоцијацијата Jetro, јапонска организација што се грижи за јапонските инвестиции во странство и промоција на јапонската економија. Со мене денес се претставници на компании од автомобилската и козметичката индустрија, туризмот, финансискиот сектор, логистички компании и компании од други индустрии. Ја посетивме технолошко-индустриската развојна зона во Скопје, задоволни сме од тоа што го видовме таму, се одвиваат многу активности и ќе разговараме за начините за меѓусобна соработка, кои би значеле придобивки за двете земји“, нагласи министерот Секи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.