Економија
ВМРО-ДПМНЕ: И Германија ги намалува давачките за горивата, само Ковачевски и СДСМ го ограбуваат народот со висока акциза
И Германија ги намалува давачките за горивата, само Ковачевски и СДСМ го ограбуваат народот со висока акциза. Од денеска литар дизел од 86 денари, колку што се продаваше вчера се продава за 95 денари, додека литар бензин од 97 денари се продава за 106.5 денари. Ова е еднократно зголемување за 12%, и тоа не е последица на растот на цената на нафтата на светските берзи, туку последица на високата акциза на СДСМ, со која ќе го полнат буџетот, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
И додека во Македонија Ковачевски удира по народот, во Германија ќе има намалување на даноците за горивата и до 30 евро центи по литар. Германската влада излезе со образложение дека нема да дозволат народот да ја почувствува кризата, со тоа практично литар гориво ќе има иста цена и во Македонија и во Германија, со таа разлика што во Германија платите се 10 пати поголеми.
Од партијата додаваат дека високите цени на горивата се само поради криминалот на владата, која не работи ништо, и мисли дека со високи цени на горивата ќе го полни буџетот.
Имено, на 2 јуни 2008 година кога барел нафта чинеше 140 долари, на 6 јуни РКЕ тогаш донесе одлука со која бензинот се продаваше за 75.5 денари, а дизелот за 74.5 денари. Сега барелот нафта е 116 долари, а цените на горивата се за 50% поскапи од 2008 година.
Разликата е што во 2008 година ВМРО-ДПМНЕ менаџираше со државата, а сега СДСМ. Тогаш државата не стави високи акцизи, а сега владата го краде сопствениот народ. Ова е уште една причина зошто СДСМ треба да си замина, предвремени избори се потребни час поскоро, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Трипуновски: Рекорден трговски дефицит во 2023 година во износ од 436 милиони евра
Дополнителниот заменик-министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, преку фејсбук-објава извести за рекорден трговски дефицит во 2023 година за земјоделско-прехранбени производи во висина од 436 милиони евра.
„Рекорден трговски дефицит во 2023 година во износ од 436 милиони евра. Еве како СДС го уништува македонското земјоделство, Македонија со СДС стана земја увозно зависна од храна. Негрижата за македонските земјоделци и тотално погрешните земјоделски политики на СДС ги принудија земјоделците да го напуштат полето, а со тоа македонските граѓани да јадат увозни земјоделски производи, Македонија од земја извозник стана земја увозник на храна под власта на СДС. Земјоделците ќе имаат вистински партнер во новата влада на ВМРО-ДПМНЕ и заедно ќе го вратиме македонското земјоделство во онаа препознатлива состојба, а Македонија повторно ќе биде земја извозник на храна“, рече Трипуновски.
Економија
Надворешен долг, побарувања и меѓународна инвестициска позиција во четвртото тримесечје од 2023 година
Објавено е редовното статистичко соопштение за позначајните промени кај надворешниот долг, надворешните побарувања и меѓународната инвестициска позиција.
На крајот на четвртиот квартал од 2023 година:
На 31.12.2023 година, нето надворешниот долг изнесува 4.458 милиони евра (или 32,6% од проценетиот БДП). Нето надворешниот долг на земјата, во четвртиот квартал од 2023 година, е зголемен за 305 милиони евра, или за 7,3%. Од аспект на структурата, приватниот нето-долг и натаму има поголемо учество во вкупниот нето-долг со 67%.
Во текот на четвртиот квартал од 2023 година, негативната нето меѓународна инвестициска позиција (МИП) е зголемена за 160 милиони евра и изнесува 8.500 милиони евра, односно 62,2% од проценетиот БДП за 2023 година.
Најновото соопштение за позначајните промени кај надворешниот долг, надворешните побарувања и меѓународната инвестициска позиција е достапно на следниот линк.
Економија
Во вториот квартал од 2025 година стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот ќе остане 1,5 отсто, одржана седница на Советот на Народната банка
Советот на Народната банка, на својата редовна седница, одржана на 28 март 2024 година, врз основа на редовната квартална оцена на системските ризици, донесе одлука за задржување на стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот за изложеностите на банките во Република Северна Македонија во висина од 1,5%, којашто ќе се применува и во вториот квартал од 2025 година. Одлуката се заснова врз оцените за постепено стабилизирање на нагорните циклични системски ризици и постојана стабилност на банкарскиот систем. Исто така, ги зема предвид условите од окружувањето коешто и натаму е неизвесно и придружено со ризици, што е причина за претпазливо спроведување на макропрудентните мерки заради натамошно јакнење на отпорноста на банкарскиот сектор. Со одржувањето на стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот се придонесува за спречување и за намалување на можните ризици.
Народната банка ќе продолжи со внимателно следење на системските ризици и ќе ја преоценува висината на стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот на редовна квартална основа. Притоа, имајќи ја предвид природата на противцикличниот заштитен слој на капиталот и насоките на релевантните европски институции, Народната банка може да ја оцени потребата за зголемување на стапката, при раст на ризиците и неизвесностите од окружувањето, во услови на поволни остварувања на банките. Во случај, пак, на значително остварување на ризиците во билансите на банките, може да се оцени и потребата од делумно или целосно ослободување на овој заштитен слој на капиталот, како поддршка во работењето на банките при евентуални неповолни сценарија.
Советот на Народната банка на седницата разгледа и други материјали поврзани со работата на централната банка.