Економија
Германска економска делегација во работна посета на „Aлкалоид“
Германска економска делегација, составена од претставници на Министерството за економија на СР Германија и на германски компании, од потпретседателот на групацијата „BASF Централна и Југоисточна Европа“ и од високи претставници на Aмбасадата на СР Германија во Скопје, оствари работна посета на „Алкалоид“ АД Скопје.
На средбата претставниците на германската економска делегација, чиј домаќин беше Генералниот директор и Претседател на УО на „Алкалоид“, г. Живко Мукаетов, проследија презентација која ги опфати остварените резултати од работењето на „Алкалоид“, како една од најуспешните фармацевтски компании во ЈИЕ, нејзините пласмани, производственото портфолио и деловните операции. За време на средбата беа претставени и големиот број инвестиции кои компанијата континуирано ги реализира низ годините, извозните активности и политиката за општествена одговорност, кои се дел од деветдеценискиот континуитет на успешната приказна за „Алкалоид“.
Во рамките на работната средба посебен акцент беше ставен врз долгогодишната успешна соработка на „Алкалоид“ со германски компании. Како еден од брзорастечките извозни пазари на компанијата, Германија е од особено стратешко значење и пазар каде што „Алкалоид“ во 2022 година оствари пласмани од 3.014.328 евра, при што забележа раст од 6,6 % во однос на 2021 година. Посебен осврт беше даден за тридецениската стратешка соработка на „Алкалоид“ со компанијата „BASF“, eвропска мултинационална хемиска компанија и најголем производител на хемикалии во светот, која важи за еден од најсигурните партнери на „Алкалоид“. Како компанија со најголема доверба во однос на квалитетот на суровините и која ги следи потребите на нашата компанија, „BASF“ е снабдувач на суровини во сегментите фармација, козметика и хемија.
При обиколката на производствените капацитети на сегментот фармација и на Институтот за истражување и развој, гостите изразија задоволство од високото ниво на подготвеност и на стручност на човечкиот капитал кој управува со процесите, како и од високото ниво на технолошка опременост на капацитетите, при што голем дел од инсталираната опрема е снабдена од германски производители.
Генералниот директор и Претседател на УО на „Алкалоид“ АД Скопје, г. Живко Мукаетов, се заблагодари за честа и за можноста да ги претстави работењето и деловните операции на компанијата пред присутните, потенцирајќи го значењето на оваа средба за натамошно продлабочување на билатералната соработка.
Вршителот на должноста Aмбасадор на СР Германија, г. Ото Граф, изрази благодарност од посетата и од срдечното гостопримство, истакнувајќи дека преку оваа работна средба се уверил во големината, успешноста и во организираноста на една од компаниите столбови на македонската економија.
ПР текст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.