Економија
Главниот извршен директор на Халкбанк Турција, Осман Арслан, со поддршка за осигурувањето во Северна Македонија
Главниот извршен директор на Халкбанк Турција, Осмaн Арслан, најголем поддржувач на економскиот развој на Северна Македонија и регионот, ја посети компанијата во Скопје, со цел давање комплетна поддршка на осигурувањето во Северна Македонија.
Во посетата, чија цел е комплетна поддршка во работата и развојот од страна на „Халк“ групацијата, Главниот извршен директор на Халкбанк Турција, Осман Арслан, беше пречекан од страна на главниот извршен директор на Халк осигурување АД Скопје, Суат Инан.
На состанокот се зборуваше за развојот и новитетите во осигурувањето, како и продлабочувањето и креирањето на новите услуги за физички и правни лица, а воедно беа испратени и честитки за успешниот развој на компанијата која во период од две години обезбеди раст од 52 % и 57 % за 2019 односно 2020 година.
Но, главната цел на посетата на генералниот директор Осман Арслан на Северна Македонија е поддршката на Сити Плаза холдинг од 105 милиони евра, целосно нов изглед на Рамстор 2021-2025 година и изградба на хидроцентрала во Кочани.
„Благодарение на поддршката на Халкбанк ќе се вработат уште 700 луѓе, додека досегашните 1.000 вработени ќе бидат задржани, тоа е додадена вредност во економијата“, изјави Арслан. Комплетната инвестиција и развој ќе бидат осигурени во Халк осигурување АД Скопје, како компанија која овозможува ликвидност за комплетна поддршка на проектот.
„Нè радува тоа што продолжуваме да растеме на Балканот и секоја година додаваме нови успеси во нашите достигнувања. Нашите банки во Северна Македонија и во Србија значително напредуваат. На крајот од 2020 година, како Халкбанк АД Скопје ги зголемивме активата и кредитите по 16 % а депозитите за 22 %, со што истите следователно достигнаа на 1,1 милијарда евра, 718 милиони евра и 690 милиони евра”.
Посочувајќи дека Халкбанк АД Скопје ја слави десетгодишнината од работењето во Северна Македонија, г. Арслан истакна дека „со знаењето и искуството што го имаме, и во иднина ќе продолжиме да ги поддржуваме Халк осигурување АД Скопје и Халкбанк АД Скопје, како и стабилноста на осигурителниот и финансискиот сектор на Северна Македонија.
Со преземањето и ребрендирањето на Халк осигурување АД Скопје во 2018 година и тогашниот капацитет на полисирана премија од 5,6 милиони евра, во период од две години со континуиран раст од 137 %, полисираната премија ја зголемивме на 13.3 милиони евра. Целта ни е во 2021 година, со одлучни чекори, да го трасираме патот кон компанија која цврсто го освојува финансискиот пазар со широка палета на перманентни, стабилни финански производи.“
(ПР)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Трипуновски: Јаболкото во Ресен ќе остане неоткупено поради големиот увоз на странско јаболко во Македонија
Дополнителниот заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски денес е во работна посета на Ресен каде што оствари работни средби со овоштарите од овој регион.
„Овоштарите од Ресен претрпуваат големи губитоци заради погрешните политики на СДС и големиот увоз на странско јаболко во Република Македонија. Согласно податоците, додека ресенското јаболко стои неоткупено, од 1 септември 2023 година до сега во Македонија се влезени околу 4 милиони килограми јаболко што е главна причина што ресенчани ги преживуваат најцрните денови во историјата на овоштарството во Македонија“, изјави Трипуновски.
Како поголеми проблеми на земјоделците од Ресенскиот регион, Трипуновски ги посочи неисплатените субвенции како и неисплатените штети од природните непогоди од пред некоја година, откупно-дистрибутивниот центар којшто требаше да биде завршен во 2023 година сѐ уште не е ни започнат со градба.
„Цврсто им ветив дека идната Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ има сериозен план и конкретни мерки со кои ќе се стави крај на маките на ресенчани“, заврши Трипуновски.
Економија
Ангеловска-Бежоска на Пролетните средби на ММФ и СБ: Носителите на политики ќе дискутираат за состојбите и перспективите во економијата
Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, и заменик-министерот за финансии, Филип Николоски, ја предводат нашата делегација, која учествува на Пролетните средби на групацијата на Светскатa банка (СБ) и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во Вашингтон, САД. Во делегацијата на Народната банка на овие средби ќе земе учество и вицегувернерот Фадил Бајрами.
Гувернерката Ангеловска-Бежоска и вицегувернерот Бајрами на претстојните Пролетни средби ќе одржат состаноци со заменик-директор на Меѓународниот монетарен фонд, Бо Ли, со директорот на ММФ за Европа, Алфред Камер, како и со извршниот директор на ММФ и алтернативниот извршен директор, Пол Хиберс и Лук Дресе. На состаноците со високите претставници на ММФ ќе стане збор за економските состојби во нашата земја и поставеноста на монетарната политика, којашто придонесе за стабилизирање на инфлацијата. Делегацијата на Народната банка, предводена од гувернерката, ќе оствари средба и со претставниците на одделите за статистика и за монетарни и капитални пазари при Меѓународниот монетарен фонд, на која ќе се споделат досегашните достигнувања и резултати од заемната успешна соработка.
Во рамките на Пролетните средби, Ангеловска-Бежоска ќе одржи состаноци и со високи претставници на Светската банка, заменик-претседателката на СБ, Антонела Басани и со извршниот директор на СБ за Конституенцата во која членува нашава земја, Јуџин Ругенаат. Исто така, делегацијата на Народната банка ќе учествува и на редовниот состанок на земјите членки на Конституенцата.
Одржувањето на Пролетните средби секоја година на едно место ги собира носителите на политиките, односно првите луѓе на централните банки и министрите за финансии од земјите членки, кои ќе разговараат за политиките и финансиските реформи во насока на остварување на целите за одржлив раст (SDG), особено поврзани со климатските промени и родовата еднаквост.
Економија
Трипуновски: Ги потпишав првите 16 договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост
Дополнителниот замени министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски на својата фејсбук страна објави дека ги потпишал првите 16 договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост.
Во својата објава Трипуновски вели: „Почитувани земјоделци, штотуку ги потпишав првите 16 договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост, нека е аирлија!“
Трипуновски во неколку наврати ја алармираше јавноста дека во Република Македонија постојат договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост кои истекуваат оваа година, но на истите не им е овозможено продолжување и дека Николовски го кочи продолжување со образложение дека се потребни законски измени на законот за земјоделско земјиште.
„Сепак на крајот успеавме да го реализираме нашиот предлог за разрешница на овој проблем по многу побрза и поедноставна постапка, наспроти тврдењата на министерот Николовски кој постојано, од непознати причини, тврдеше дека се потребни измени на законот за земјоделско земјиште и дека со анексирање на договорите не се решава овој проблем. Со ова само се докажа дека Николовски повторно ве лаже како што тоа го прави изминативе 7 години“, дополни Трипуновски.
Позитивно е тоа што овој голем проблем доби решение и засегнатите земјоделци конечно ќе можат да ги продолжат своите договори согласно законските регулативи. Со ова Трипуновски покажа дека ќе биде предводник во промените и решавањето на проблемите во македонското земјоделство.
„ВМРО-ДПМНЕ секогаш било и ќе биде на страната на македонските земјоделци, доколку ние не го изнесовме овој проблем во јавноста, СДС и Николовски никогаш немаше да ги продолжат овие договори на вредните македонски земјоделци или пак тоа ќе го правеа селективно и повторно земјоделското земјиште ќе завршеше кај луѓе што не се земјоделци или истото ќе го трансформираа за плантажи со фотоволтаици. ВМРО-ДПМНЕ секогаш ќе може гордо и со крената глава да биде помеѓу светиниколчани и сите земјоделци во Република Македонија“, заврши Трипуновски во својата објава.