Економија
Грантовите на Фондот за иновации пет месеци во предистражна постапка во обвинителство
Основно јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција пет месеци води предистражна постапка за можните злоупотреби при одобрувањето на грантовите во Фондот за инвестиции и технолошки развој. Постапката беше покрената откако јавноста реагираше на одобрувањето грантови на тукушто формирани компании и на компании поврзани со носители на јавни функции.
„Предметот е во предистражна постапка. По прибраната материјална документација, надлежниот обвинител издаде наредба за прибирање информации од стручните лица што постапувале во постапките на јавниот повик“, велат од Обвинителството за гонење организиран криминал.
Обвинителството, на крајот на јули годинава, соопшти дека оформило предмет по допрен глас за да утврди дали Фондот за иновации направил злоупотреби. Обвинителството извести дека презема мерки за утврдување факти во предметот, а во врска со сторени кривични дела во постапката по јавен повик за финансирање проекти за финансирање проекти во третиот столб од Планот за економски раст – прв инвестициски бран.
Откако обвинителството оформи предмет, апликациите за грантови ги повлекоа компаниите поврзани со вицепремиерот Кочо Анѓушев и пратеникот Хари Локвенец, а Фондот побара сите останати да достават изјави за поврзаност со функционери. Само четири од 77 компании се изјаснија дека се поврзани со носители на јавни функции. Со нив не се потпишани договори и парите не им се префрлени, а одлуката за тоа дали ќе ги добијат парите Комитетот за одобрување инвестиции во Фондот за инвестиции треба да ја донесе на крајот на јануари. Тоа се компаниите „Декодикс“ поврзана со советничката за култура на премиерот Цветанка Ласкова, „Микросам“ на поранешниот министер без ресор Веле Самак, „Контура“ поврзана со поранешниот амбасадор Јован Донев и „Т – сенс“ поврзана со актуелниот министер за култура, Асаф Адеми. За овие четирити фирми „Транспаренси интернешнал – Македонија“ направи проценка на ризик и утврди ниво на среден ризик од влијанието на јавната личност кај сите, со тоа што „Микросам“ на Веле Самак е поблиску до низок ризик, а „Декодикс“ поврзана со Цветанка Ласкова е на граница со висок ризик па не ги исполнува условите за добивање на парите.
Последниот скандал поврзан со Фондот за иновации беше одобрениот грант на фирмата „Билд ДООЕЛ Скопје“ од 200 000 евра, сопственост на сопруг на вработена во Фондот која пред две недели добила решение за вработување на определено време. Од Фондот објаснија дека договорот со „Билд“ не е потпишан поради недовршена првна процедура, а во периодот кога на незиниот сопруг му бил одобрен грантот, таа не била вработена во Фондот туку била надворешен соработник.
Вчера Фондот на 65 компании им додели грантови за кофинансирање проекти од вториот инвестициски бран во рамки на првиот повик од третиот столб од Планот за економски раст. Овој пат од Фондот изјавија дека ги провериле сите компании и дека ниту една не е поврзана со носители на јавни функции.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Трипуновски: Јаболкото во Ресен ќе остане неоткупено поради големиот увоз на странско јаболко во Македонија
Дополнителниот заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски денес е во работна посета на Ресен каде што оствари работни средби со овоштарите од овој регион.
„Овоштарите од Ресен претрпуваат големи губитоци заради погрешните политики на СДС и големиот увоз на странско јаболко во Република Македонија. Согласно податоците, додека ресенското јаболко стои неоткупено, од 1 септември 2023 година до сега во Македонија се влезени околу 4 милиони килограми јаболко што е главна причина што ресенчани ги преживуваат најцрните денови во историјата на овоштарството во Македонија“, изјави Трипуновски.
Како поголеми проблеми на земјоделците од Ресенскиот регион, Трипуновски ги посочи неисплатените субвенции како и неисплатените штети од природните непогоди од пред некоја година, откупно-дистрибутивниот центар којшто требаше да биде завршен во 2023 година сѐ уште не е ни започнат со градба.
„Цврсто им ветив дека идната Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ има сериозен план и конкретни мерки со кои ќе се стави крај на маките на ресенчани“, заврши Трипуновски.
Економија
Ангеловска-Бежоска на Пролетните средби на ММФ и СБ: Носителите на политики ќе дискутираат за состојбите и перспективите во економијата
Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, и заменик-министерот за финансии, Филип Николоски, ја предводат нашата делегација, која учествува на Пролетните средби на групацијата на Светскатa банка (СБ) и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во Вашингтон, САД. Во делегацијата на Народната банка на овие средби ќе земе учество и вицегувернерот Фадил Бајрами.
Гувернерката Ангеловска-Бежоска и вицегувернерот Бајрами на претстојните Пролетни средби ќе одржат состаноци со заменик-директор на Меѓународниот монетарен фонд, Бо Ли, со директорот на ММФ за Европа, Алфред Камер, како и со извршниот директор на ММФ и алтернативниот извршен директор, Пол Хиберс и Лук Дресе. На состаноците со високите претставници на ММФ ќе стане збор за економските состојби во нашата земја и поставеноста на монетарната политика, којашто придонесе за стабилизирање на инфлацијата. Делегацијата на Народната банка, предводена од гувернерката, ќе оствари средба и со претставниците на одделите за статистика и за монетарни и капитални пазари при Меѓународниот монетарен фонд, на која ќе се споделат досегашните достигнувања и резултати од заемната успешна соработка.
Во рамките на Пролетните средби, Ангеловска-Бежоска ќе одржи состаноци и со високи претставници на Светската банка, заменик-претседателката на СБ, Антонела Басани и со извршниот директор на СБ за Конституенцата во која членува нашава земја, Јуџин Ругенаат. Исто така, делегацијата на Народната банка ќе учествува и на редовниот состанок на земјите членки на Конституенцата.
Одржувањето на Пролетните средби секоја година на едно место ги собира носителите на политиките, односно првите луѓе на централните банки и министрите за финансии од земјите членки, кои ќе разговараат за политиките и финансиските реформи во насока на остварување на целите за одржлив раст (SDG), особено поврзани со климатските промени и родовата еднаквост.
Економија
Трипуновски: Ги потпишав првите 16 договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост
Дополнителниот замени министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски на својата фејсбук страна објави дека ги потпишал првите 16 договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост.
Во својата објава Трипуновски вели: „Почитувани земјоделци, штотуку ги потпишав првите 16 договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост, нека е аирлија!“
Трипуновски во неколку наврати ја алармираше јавноста дека во Република Македонија постојат договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост кои истекуваат оваа година, но на истите не им е овозможено продолжување и дека Николовски го кочи продолжување со образложение дека се потребни законски измени на законот за земјоделско земјиште.
„Сепак на крајот успеавме да го реализираме нашиот предлог за разрешница на овој проблем по многу побрза и поедноставна постапка, наспроти тврдењата на министерот Николовски кој постојано, од непознати причини, тврдеше дека се потребни измени на законот за земјоделско земјиште и дека со анексирање на договорите не се решава овој проблем. Со ова само се докажа дека Николовски повторно ве лаже како што тоа го прави изминативе 7 години“, дополни Трипуновски.
Позитивно е тоа што овој голем проблем доби решение и засегнатите земјоделци конечно ќе можат да ги продолжат своите договори согласно законските регулативи. Со ова Трипуновски покажа дека ќе биде предводник во промените и решавањето на проблемите во македонското земјоделство.
„ВМРО-ДПМНЕ секогаш било и ќе биде на страната на македонските земјоделци, доколку ние не го изнесовме овој проблем во јавноста, СДС и Николовски никогаш немаше да ги продолжат овие договори на вредните македонски земјоделци или пак тоа ќе го правеа селективно и повторно земјоделското земјиште ќе завршеше кај луѓе што не се земјоделци или истото ќе го трансформираа за плантажи со фотоволтаици. ВМРО-ДПМНЕ секогаш ќе може гордо и со крената глава да биде помеѓу светиниколчани и сите земјоделци во Република Македонија“, заврши Трипуновски во својата објава.