Економија
Групацијата „Трафигура“ го зголеми влогот во проектот за бакар „Иловица – Штука“
Групацијата „Трафигура“ преку својата подружница, инвестициската групација Галена ресоурс еквитис лимитед (Galena Resource Equities Limited) ја зголеми својата инвестиција во проектот за рудник за бакар „Иловица – Штука“ на компанијата „Еуромакс ресоурцес“ за дополнителни 6,9 милиони американски долари. Инвестицијата е направена преку Еуромакс ресоуцес Лтд канадска компанија која котира на берзата во Торонто.
Зголемувањето на своите инвестиции во проектот од страна на „Трафигура“ е охрабрено од поддршката што „Еуромакс“ ја добива од локалното население, како и конструктивните чекори кои македонската Влада ги презема за заедницата, а особено прогресот на интегративниот процес за влез во НАТО, што е силен сигнал за странските инвеститори.
„Трафигура“ има богато искуство со изградба и управување со рудници низ целиот свет. „Трафигура“ направи детална техничка и правна детална анализа на „Еуромакс“ и проектот во изминатите дванаесет месеци и потврди дека проектот „Иловица – Штука“ е усогласен со целата македонска регулатива и е проектиран согласно со најдобрите меѓународни практики за работење, заштита на животната средина и здравјето на луѓето.
„Еуромакс“ пред повеќе од 1 година донесе одлука за откажување од цијанидот и со тоа е во целосна согласност со неодамна усвоените измени на Законот за минерални суровини.
Трафигура е подготвена да го води проектот „Иловица – Штука“ кон процес на изградба и работење за да ја покаже неговата вредност и придонес за локалната заедница и останатите засегнати страни. Дополнителните финансии ќе се искористат за понатамошен развој на проектот, вклучително и дополнителна техничка работа и активности во процесот на добивање дозволи, што ќе овозможи и почетни вработувања.
„Почетокот на интегративниот процес за влез на земјата во НАТО и напредокот во процесот за влез во ЕУ ја зголемија довербата на инвеститорите во нашиот проект. Овој позитивен сигнал беше засилен и од проактивнoста што Владата ја покажува за проектот ‘Иловица – Штука’. Ние одлучивме да се откажеме од употребата на цијанид, а новите финансии ќе бидат вложени во дополнителна техничка работа на терен и поддршка за локалното население. Кога проектот ќе биде во фаза на работење ќе придонесе за значителен развој на националната економија, особено во регионот каде што е лоциран рудникот. Очекуваме понатамошна заедничка соработка со локалното население”, изјави главниот извршен директор на „Еуромакс ресоурцес“, Варшан Гокул.
Предвидени се 343 милиони евра инвестициja за изградба на проектот и со тоа ќе биде најголемата гринфилд-инвестиција во земјата која ќе донесе значителен поттик за економски раст.
Со приходи од над 180 милијарди американски долари за изминатата 2018 година, „Трафигура“ е една од водечките светски независни трговски и логистички куќи со значајно рударско искуство во срцето на глобалната економија. „Трафигура“ е посветена на исполнување на највисоките стандарди во синџирот за набавки, и секогаш во нејзиното планирање и донесување одлуки на прво место ги поставува здравјето, безбедноста, животната средина и заедницата.
Покрај „Трафигура“, зад структурата на акционери и кредитори на „Еуромакс“ стојат многу други престижни меѓународни институции, како Европската банка за обнова и развој, британскиот инвестициски фонд „Ора капитал“, американскиот инвестициски фонд „Eквинокс партнерс“, „Инвестек банка“ и менаџерски тим и Одбор на директори со повеќе од 200 години заедничко искуство во рударскиот сектор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.