Економија
Деловната заедница бара задолжителна опомена пред глоба при инспекциски надзор
Проектот на УСАИД Партнерство за подобра бизнис регулатива одржа инфо сесија на тема Предлози и измени на Законот за инспекциски надзор на која четирите комори партнери во проектот, го презентираа новиот предлог на Закон за инспекциски надзор.
Едно од главните барања на деловната заедница во изминатиот период беше воспоставување на систем на работа на инспекциските служби со точно утврдени акти, поделени по сектори за тоа која документација е потребно да ја поседуваат компаниите како би се овозможило саморегулација на компаниите, со цел да се превенираат репресивни мерки и казнувања. Дополнително, побарано е да се стави акцент на едукативната и советодавна улога на инспекциските служби, пред санкционирање.
„Превенција и едукација, па потоа санкција, модернизирање на инспекциските служби и зајакнување на нивните капацитети и пред се создавање на систем со јасно дефинирани правила кои ќе важат и ќе се почитуваат подеднакво во сите компании е предуслов за подобрување на квалитетот на инспекциската контрола. Потребно е да се промени перцепцијата за инспекциска контрола, компаниите да не стравуват дека ќе бидат санкционирани кога ќе дојде инспектор во контрола, туку напротив инспекторите да бидат еден вид регулатори и во функција на подобрување на работата на компаниите”, изјави Данела Арсовска, претседател на Сојузот на стопански комори на Македонија.
Според министерот за информатично општество и администрација Дамјан Манчевски, во досегашното постоење инспекцискиот совет не придонел за остварување на целите заради кои беше формиран, а инспекциските служби се преоптоварени со обврски од административна природа кон советот.
„Инспекцискиот надзор мора да престане да биде механизам за полнење на буџетот. Инспекцискиот наздор мора најпрвин да има советодавна улога. Субјектите најпрвин да добијат опомена и рок да ја отстранат неправилноста, пред да се изрече казна. Само на таков начин инспекцијата нема да се доживува како репресија. Овие измени на законот, конечно го предвидуваат тоа. Од ова голема корист ќе има бизнис заедницата“ рече Манчевски.
Oпомената, како вид на инспекциска мерка, треба да биде задолжителна, наместо досегашните изречени мерки кои беа базирани врз субјективен пристап на надзор, проблем кој е воочен од резултатите кои произлегоа од анкетите во приватниот сектор, спроведени во рамки на проектот. Кон ова се додава и неоходноста за ставање на реални рокови за отстранување на неправилност, бидејќи често документацијата која треба да се приложи зависи од административни процедури.
„Уште од самиот почеток се стремиме кон решенија што се темелат на превенција и едукација, кои ќе го намалат процентот на казни и санкции. Во овој процес досега многупати се покажало дека компаниите во Македонија сакаат да се развиваат и да бидат успешни. Затоа сите ние имаме многу одговорна улога во подобрувањето на бизнис средината во државата со што ќе им понудиме на компаниите вистинска можност да се развиваат и да инвестираат во своите потенцијали. Нашата поддршката во оваа насока е се поголема и се стремиме иновативноста да ја споиме со функционални решенија кои ќе им бидат лесно достапни на компаниите изјави Љубомир Димовски директор на ЕПИ ЦЕНТАР Интернационал.
На инфо сесијата се обрати и Магдалена Филиповска-Грашкоска претседател на Инспекциски совет, која се осврнаа на сите придобивки кои произлегуваат од новиот предлог текст. Во текот на дискусијата беа отворени повеќе прашања и дилеми, со цел подобрување на текстот на законот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Трипуновски: Рекорден трговски дефицит во 2023 година во износ од 436 милиони евра
Дополнителниот заменик-министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, преку фејсбук-објава извести за рекорден трговски дефицит во 2023 година за земјоделско-прехранбени производи во висина од 436 милиони евра.
„Рекорден трговски дефицит во 2023 година во износ од 436 милиони евра. Еве како СДС го уништува македонското земјоделство, Македонија со СДС стана земја увозно зависна од храна. Негрижата за македонските земјоделци и тотално погрешните земјоделски политики на СДС ги принудија земјоделците да го напуштат полето, а со тоа македонските граѓани да јадат увозни земјоделски производи, Македонија од земја извозник стана земја увозник на храна под власта на СДС. Земјоделците ќе имаат вистински партнер во новата влада на ВМРО-ДПМНЕ и заедно ќе го вратиме македонското земјоделство во онаа препознатлива состојба, а Македонија повторно ќе биде земја извозник на храна“, рече Трипуновски.
Економија
Надворешен долг, побарувања и меѓународна инвестициска позиција во четвртото тримесечје од 2023 година
Објавено е редовното статистичко соопштение за позначајните промени кај надворешниот долг, надворешните побарувања и меѓународната инвестициска позиција.
На крајот на четвртиот квартал од 2023 година:
На 31.12.2023 година, нето надворешниот долг изнесува 4.458 милиони евра (или 32,6% од проценетиот БДП). Нето надворешниот долг на земјата, во четвртиот квартал од 2023 година, е зголемен за 305 милиони евра, или за 7,3%. Од аспект на структурата, приватниот нето-долг и натаму има поголемо учество во вкупниот нето-долг со 67%.
Во текот на четвртиот квартал од 2023 година, негативната нето меѓународна инвестициска позиција (МИП) е зголемена за 160 милиони евра и изнесува 8.500 милиони евра, односно 62,2% од проценетиот БДП за 2023 година.
Најновото соопштение за позначајните промени кај надворешниот долг, надворешните побарувања и меѓународната инвестициска позиција е достапно на следниот линк.
Економија
Во вториот квартал од 2025 година стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот ќе остане 1,5 отсто, одржана седница на Советот на Народната банка
Советот на Народната банка, на својата редовна седница, одржана на 28 март 2024 година, врз основа на редовната квартална оцена на системските ризици, донесе одлука за задржување на стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот за изложеностите на банките во Република Северна Македонија во висина од 1,5%, којашто ќе се применува и во вториот квартал од 2025 година. Одлуката се заснова врз оцените за постепено стабилизирање на нагорните циклични системски ризици и постојана стабилност на банкарскиот систем. Исто така, ги зема предвид условите од окружувањето коешто и натаму е неизвесно и придружено со ризици, што е причина за претпазливо спроведување на макропрудентните мерки заради натамошно јакнење на отпорноста на банкарскиот сектор. Со одржувањето на стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот се придонесува за спречување и за намалување на можните ризици.
Народната банка ќе продолжи со внимателно следење на системските ризици и ќе ја преоценува висината на стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот на редовна квартална основа. Притоа, имајќи ја предвид природата на противцикличниот заштитен слој на капиталот и насоките на релевантните европски институции, Народната банка може да ја оцени потребата за зголемување на стапката, при раст на ризиците и неизвесностите од окружувањето, во услови на поволни остварувања на банките. Во случај, пак, на значително остварување на ризиците во билансите на банките, може да се оцени и потребата од делумно или целосно ослободување на овој заштитен слој на капиталот, како поддршка во работењето на банките при евентуални неповолни сценарија.
Советот на Народната банка на седницата разгледа и други материјали поврзани со работата на централната банка.