Економија
Ден на Северна Македонија на Експо Дубаи 2020
Вицепремиерот задолжен за економски прашања, Фатмир Битиќи, и министерот за животна средина Насер Нуредини, кои ја предводат владината делегацијакоја е во дводневна официјална посета на Обединетите Арапски Емирати, утринава во седиштето на Стопанската комора на Дубаи остварија средба со претседателот и извршниот директор Хамад Буамим и потесниот менаџмент на комората.
Во придружба на вицепремиерот Битиќи и министерот Нуредини на оваа средба присуствуваа и амбасадорот на нашата земја во ОАЕ, Абдулкадар Мемеди, директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Фестим Халили, директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Љупчо Јаневски, како и претставници на четирите најголеми стопански комори: Антони Пешев (извршен директор на Стопанската комора на Северна Македонија), Трајан Ангелоски (претседател на Сојузот на стопански комори), Неби Хоџа (претседател на Стопанската комора на Северозападна Македонија) и Анета Антова Пешева (Претседателка на МАСИТ), кои допатуваа во Дубаи, за промоција на нашата земја во рамките на свеченоста за Националниот ден на Северна Македонија на Експо Дубаи 2020, кој ќе се одржи денес и за бизнис-конференцијата која ќе се одржува утре.
„Северна Македонија е веројатно земја со најдобри услови за водење на бизнис во Западен Балкан, но и пошироко. Имаме инструменти со кои ги поддржуваме компаниите да инвестираат во производствени погони и во земјата се застапени голем дел на компании кои се во синџирите за снабдување на големите меѓународни автомобилски компании. Со новиот Закон за енергетика и Стратегијата за развој на енергетика до 2040 година, отворивме широк фронт на инвестиции во обновливи извори на енергија, особено фотоволтаици и ветерни електрани, што на среден рок ќе обезбеди стабилно, еколошко и одржливо снабдување со електрична енергија. Гледаме можности за зголемување на соработката и во земјоделското производство, со оглед на тоа што Дубаи и Обединетите Арапски Емирати увезуваат околу 95% од потребите за храна. За унапредување на соработката во кој било сектор, би било од обостран интерес да се возобнови директната авионска линија Скопје – Дубаи“, потенцираше вицепремиерот Битиќи и упати покана официјална делегација од Стопанската комора да ја посети Северна Македонија за да дознае повеќе за можностите за инвестирање.
Министерот Нуредини истакна дека Северна Македонија презема сериозни чекори за зачувување на животната средина и заштита на природните ресурси кои се важни за сите граѓани, како што се водата и воздухот.
Тој додаде дека се реализираат голем број на комунални инсфраструктурни објекти и пречистителни станици, а во план е да се реализираат и неколку инвестиции во фабрики за преработка на отпад, за унапредување на циркуларната економија и паметно искористување на достапните ресурси.
Соработката помеѓу Северна Македонија и Емиратот Дубаи има потенцијал да се развива со побрза динамика од досегашната, заклучија на состанокот вицепремиерот Битиќи, министерот Нуредини и претседателот на Стопанската комора на Дубаи, Буамим и притоа се согласија да се продолжи меѓусебната комуиникација и да се разменат дополнителни информации на сите нивоа, за да се зголемат можностите за економска соработка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.