Економија
Дигитализацијата е неопходен чекор за одржлив развој – „Тиквеш“ во соработка со водечки светски експерти отвора ново поглавје во лозарството
Во согласност со својата стратегија за имплементација на ЕСГ-стандардите до крајот на следната година и поставување на македонското вино на светската винска мапа, винарската визба „Тиквеш“ започнува соработка со една од најреномираните светски консултантски компании во областа на лозарството – Перлеуве (Perleuve) од Италија. Оваа позната компанија е предводена од Џовани Бигот (Giovanni Bigot), водечки светски истражувач и промотор на иновации во лозарството, кој воедно е консултант на најдобрите винарници во Италија и во други земји. Во глобални рамки е познат по т.н. „Бигот индекс“, што претставува иновативен метод за оценување на квалитативниот потенцијал на лозјата.
Во рамки на оваа соработка што ќе се одвива во следните пет години, а е поддржана од Европската банка за обнова и развој (ЕБРД), експертскиот тим на Перлеуве, предводен од Бигот, ќе врши опсервации и ќе ги сподели со тимот на „Тиквеш“ најсовремените практики за производство на здраво, висококвалитетно грозје од кое се произведуваат врвни вина.
Во почетниот период од соработката експертите од Перлеуве ќе бидат ангажирани на лозовите насади на „Тиквеш“, а потоа стекнатите нови знаења и искуства ќе се прошират и на голем дел од лозовите насади на партнерите и лозарите со кои винарницата има долгорочни партнерски односи. Тоа неминовно ќе има позитивно влијание врз натамошниот одржлив развој на домашното лозарство и македонската винска индустрија во целина. Истовремено, со воведувањето на овие новини, „Тиквеш“ го трасира патот кон дигитална иднина и за останатите винарници во нашиот регион и има предводничка улога во создавањето вистински услови за долгорочен, одржлив развој на домашното лозарство и винска индустрија.
„Тиквеш“ веќе има воспоставено ефикасен систем за мониторинг на лозовите насади што обезбедува податоци за сите значајни параметри за квалитетот на грозјето, почнувајќи од начинот на одгледување, правилното искористување на почвените ресурси, наводнувањето, заштитата од болести и штетници, како и податоци од агро-метеоролошките станици и сателитски снимки на парцелите. Сите овие податоци се обработуваат во софтверска апликација за мониторинг – „4Grapes”, која овозможува следење на состојбата на секој лозов насад во реално време. Ова има клучно значење во носењето навремени и правилни одлуки во лозарството.
„Со дигитализацијата во производството на грозје, како и преку експертизата што ќе ја добиеме преку соработката со тимот предводен од Џовани Бигот, ја подигнуваме контролата на лозовите насади на највисоко ниво. Природните услови што ги имаме за одгледување грозје во нашата земја, како и сѐ поизразеното влијание на климатските промени нѐ принудуваат да правиме прилагодувања и да воведуваме модерни практики во лозарството, за потоа, како лидер во регионот, да ги пренесеме на останатите со цел одржлив развој на лозарството“, велат од „Тиквеш“.
(ПР)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.