Економија
Димковски : Заеднички ќе се работи на зголемување на трговската размена со Русија
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски во Москва, Русија имаше работна средба со заменик-министерот за земјоделство на руската Федерација, Сергеј Левин.
На средбата рускиот заменик-министер Сергеј Левин, истакна дека македонските производи се многу ценети на рускиот пазар и за нив постои голем интерес, истовремено посочи дека очекува во следниот период извозот на руски производи во Република Северна Македонија да се зголеми, којшто во моментов изнесува околу 1 милион долари годишно.
Министерот Димковски, посочи дека МЗШВ ќе ја продолжи поддршката на саемите „Продекспо“ и „Мир Питание“, како и на Македонскиот дом во Москва. На состанокот Димковски и Левин се согласија за продолжување на соработката помеѓу македонската Агенција за храна и ветеринарство и Фитсанитарните служби со Руската федерална служба за ветеринарен и фитосанитарен надзор – Росселхознадзор, што е важно за непречена трговска размена помеѓу двете земји.
Димковски го информираше заменик-министерот Левин дека на почетокот на месецов, од страна на македонската Агенција за храна и ветеринарство до руската Росселхознадзор, е упатено барање за отпочнување постапка за одобрување и ставање на листата на објекти и оператори за извоз на млечни производи во Руската Федерација и посочи дека е потребно да се забрза процедурата затоа што постои интерес од бизнисмените од двете држави. Димковски изрази благодарност за веќе одобрените извозни дозволи за три фирми кои произведуваат млеко и млечни производи и за една компанија од месната индустрија,коишто започнаа со извоз на рускиот пазар.
Заменик-министерот Левин, ја потенцираше важноста за почитување на фитосанитарните и ветеринарните стандарди при извоз на рускиот пазар и усогласување на потребната документација со повисок степен на заштита на сертификатите за извоз.
Димковски го информираше Левин, дека од македонската страна се започнати подготвителните активности со сите вклучени институции во државата, за одржување на 9 – та седница на Меѓувладината комисија за трговско-економска и научно – техничка соработка, која што ќе се одржи следниот месец во Охрид. На состанокот од руска страна присуствуваше и Ина Жарова, претседател на Фондот Македонско – руско пријателство и директор на Македонскиот дом во Москва, кој е финансиски поддржан од МЗШВ. Жарова истакна дека досегашното искуство е многу позитивно и претстои голема работа за унапредување на промоцијата и маркетингот на македонските земјоделски производи во Русија.
Во рамки на посетата на Москва, Димковски во организација на Македонско-руската стопанска комора, ја посети Трговско индустриската комора на Руската Федерација во Москва и имаше работен состанок со заменик-претседателот на комората, Владимир Падалко,со којшто се согласија дека е потребен поголем ангажман од двете страни за зголемување на трговската размена во земјоделството што и сега доминира во македонскиот извоз во Русија.
Дури 60 отсто од вкупниот извоз од Република Северна Македонија во Руската Федерација отпаѓа на земјоделско-прехранбените производи. Вкупната трговска размена со Русија во периодот јануари – јули 2019 година изнесува 106 милиони долари, што е раст од 19,29 отсто во однос на истиот период лани. Притоа е остварен извоз од 26,4 милиони долари, или 21,72 отсто повеќе, додека увозното салдо е 79,6 милиони, што е зголемување за 18,5 %. Во вкупната трговска размена, Русија е 22-ри партнер на земјава. На рускиот пазар македонските компании најмногу извезуваат свежи јаболка, кајсии, цреши, вишни, праски и сливи, лекови, домати и тутун, додека увезуваме природен гас, полупроизводи од железо, нафтени масла, бакарни жици.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.