Економија
Димовски предлага измени за „Купи куќа – купи стан“: Државата да помага осум, наместо пет години
Денеска, до Собранието, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, ќе достави предлог на Законот за изменувањето и дополнувањето на Законот за субвенционирањето станбен кредит или во јавноста познат како проектите „Купи куќа за млади“ и „Купи куќа – купи стан“, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение.
„Со законот се предлага каматната стапка на субвенционираниот станбен кредит за граѓаните да изнесува не повеќе од 0,8-процентни поени од основната каматна стапка на НБРМ наместо моментните 3,95 отсто за првите три години од отплатата на кредитот и не повеќе од 1,3-процентен поени од основната каматна стапка на НБРМ наместо 4,44 отсто за четвртата, петтата и за шестата година од отплатата. Во моментот основната каматна стапка на НБРМ изнесува 2,5-процентни поени.
Со предлог-законот се дополнува дека каматната стапка по завршување на првите шест години, нема да биде повисока од шестмесечен ЕУРИБОР + 5 процентни поени.
Дополнително, предлагам и моделот на субвенционирање на месечната рата да се измени, па така:
– Државата би субвенционирала 40 отсто од ратата во првите пет години и 20 отсто од ратата во наредните три години.
– Државата би субвенционирала 60 отсто од ратата во првите пет години и 30 отсто од ратата во наредните три години.
Со ваквите предлог-измени државата ќе им помага на граѓаните во првите осум години наместо пет години во согласност со моментното законско решение“, се посочува во соопштението на Димовски.
Со предлогот на законот, вели Димовски, се отстранува и одредбата според која субвенцијата за купување нов стан важи само доколку цената за квадратен метар корисна нето-станбена површина е до 900 евра со вклучен ДДВ. Ваквиот предлог за отстранување на оваа одредба е, пред сè, поради можните злоупотреби за нереално прикажување на цената за квадратен метар на атрактивни локации со цел да се искористи субвенцијата, а остатокот од средствата да се плати неформално, посочува Димовски.
„Со прифаќањето на измените и дополнувањата на Законот за субвенциониран станбен кредит се очекува да се постигнат следниве ефекти:
– Намалување на каматната стапка, а со тоа граѓаните ќе треба да вратат помалку пари;
– Долгорочно решение со каматна стапка, која ги рефлектира пазарните услови;
– Износот на субвенцијата ќе се дава на подолг период, што ќе придонесе и за помал буџетски расходи во тековната година;
– Стимулирање на градежништвото, кое е во пад во последните шест квартали;
– Долгорочно решение за прагот на месечен приход по основ на плата на лицата, односно брачните парови кои може да користат субвенција;
– Проширување на опфатот на субвенцијата и за проширување и реновирање постојна куќа наместо само за купување, односно изградба на куќа“, се вели во неговото соопштение.
Во текот на денешниот ден предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за субвенционирањето станбен кредит, Димовски соопшти дека ќе го достави и до Македонската банкарска асоцијација, Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите при Стопанската комора на Македонија и Градежната комора на Република Македонија при Сојузот на стопанските комори на Македонија со цел да дадат свое мислење.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Трипуновски: Јаболкото во Ресен ќе остане неоткупено поради големиот увоз на странско јаболко во Македонија
Дополнителниот заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски денес е во работна посета на Ресен каде што оствари работни средби со овоштарите од овој регион.
„Овоштарите од Ресен претрпуваат големи губитоци заради погрешните политики на СДС и големиот увоз на странско јаболко во Република Македонија. Согласно податоците, додека ресенското јаболко стои неоткупено, од 1 септември 2023 година до сега во Македонија се влезени околу 4 милиони килограми јаболко што е главна причина што ресенчани ги преживуваат најцрните денови во историјата на овоштарството во Македонија“, изјави Трипуновски.
Како поголеми проблеми на земјоделците од Ресенскиот регион, Трипуновски ги посочи неисплатените субвенции како и неисплатените штети од природните непогоди од пред некоја година, откупно-дистрибутивниот центар којшто требаше да биде завршен во 2023 година сѐ уште не е ни започнат со градба.
„Цврсто им ветив дека идната Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ има сериозен план и конкретни мерки со кои ќе се стави крај на маките на ресенчани“, заврши Трипуновски.
Економија
Ангеловска-Бежоска на Пролетните средби на ММФ и СБ: Носителите на политики ќе дискутираат за состојбите и перспективите во економијата
Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, и заменик-министерот за финансии, Филип Николоски, ја предводат нашата делегација, која учествува на Пролетните средби на групацијата на Светскатa банка (СБ) и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во Вашингтон, САД. Во делегацијата на Народната банка на овие средби ќе земе учество и вицегувернерот Фадил Бајрами.
Гувернерката Ангеловска-Бежоска и вицегувернерот Бајрами на претстојните Пролетни средби ќе одржат состаноци со заменик-директор на Меѓународниот монетарен фонд, Бо Ли, со директорот на ММФ за Европа, Алфред Камер, како и со извршниот директор на ММФ и алтернативниот извршен директор, Пол Хиберс и Лук Дресе. На состаноците со високите претставници на ММФ ќе стане збор за економските состојби во нашата земја и поставеноста на монетарната политика, којашто придонесе за стабилизирање на инфлацијата. Делегацијата на Народната банка, предводена од гувернерката, ќе оствари средба и со претставниците на одделите за статистика и за монетарни и капитални пазари при Меѓународниот монетарен фонд, на која ќе се споделат досегашните достигнувања и резултати од заемната успешна соработка.
Во рамките на Пролетните средби, Ангеловска-Бежоска ќе одржи состаноци и со високи претставници на Светската банка, заменик-претседателката на СБ, Антонела Басани и со извршниот директор на СБ за Конституенцата во која членува нашава земја, Јуџин Ругенаат. Исто така, делегацијата на Народната банка ќе учествува и на редовниот состанок на земјите членки на Конституенцата.
Одржувањето на Пролетните средби секоја година на едно место ги собира носителите на политиките, односно првите луѓе на централните банки и министрите за финансии од земјите членки, кои ќе разговараат за политиките и финансиските реформи во насока на остварување на целите за одржлив раст (SDG), особено поврзани со климатските промени и родовата еднаквост.
Економија
Трипуновски: Ги потпишав првите 16 договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост
Дополнителниот замени министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски на својата фејсбук страна објави дека ги потпишал првите 16 договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост.
Во својата објава Трипуновски вели: „Почитувани земјоделци, штотуку ги потпишав првите 16 договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост, нека е аирлија!“
Трипуновски во неколку наврати ја алармираше јавноста дека во Република Македонија постојат договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост кои истекуваат оваа година, но на истите не им е овозможено продолжување и дека Николовски го кочи продолжување со образложение дека се потребни законски измени на законот за земјоделско земјиште.
„Сепак на крајот успеавме да го реализираме нашиот предлог за разрешница на овој проблем по многу побрза и поедноставна постапка, наспроти тврдењата на министерот Николовски кој постојано, од непознати причини, тврдеше дека се потребни измени на законот за земјоделско земјиште и дека со анексирање на договорите не се решава овој проблем. Со ова само се докажа дека Николовски повторно ве лаже како што тоа го прави изминативе 7 години“, дополни Трипуновски.
Позитивно е тоа што овој голем проблем доби решение и засегнатите земјоделци конечно ќе можат да ги продолжат своите договори согласно законските регулативи. Со ова Трипуновски покажа дека ќе биде предводник во промените и решавањето на проблемите во македонското земјоделство.
„ВМРО-ДПМНЕ секогаш било и ќе биде на страната на македонските земјоделци, доколку ние не го изнесовме овој проблем во јавноста, СДС и Николовски никогаш немаше да ги продолжат овие договори на вредните македонски земјоделци или пак тоа ќе го правеа селективно и повторно земјоделското земјиште ќе завршеше кај луѓе што не се земјоделци или истото ќе го трансформираа за плантажи со фотоволтаици. ВМРО-ДПМНЕ секогаш ќе може гордо и со крената глава да биде помеѓу светиниколчани и сите земјоделци во Република Македонија“, заврши Трипуновски во својата објава.