Економија
Донесена одлука за намалување на основната каматна стапка на Народната банка на нивото од 2 oтсто
Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка вчера ги разгледа клучните показатели за домашната економија и движењата на меѓународните и на домашните финансиски пазари, во контекст на поставеноста на монетарната политика.
Врз основа на оцената на постојните економски и финансиски услови, како и на присутните ризици, Комитетот оцени дека постои простор за натамошно олабавување на монетарната политика, при што беше одлучено основната каматна стапка да се намали за 0,25 процентни поени, односно од 2,25 на 2,00 проценти.
Понудата на благајнички записи за аукцијата што ќе се одржи на 15 јануари 2020 година e задржана на нивото од 25.000 милиони денари. Од НБРМ образложуваат дека одлуката за намалување на каматната стапка се темели на постојаните поволни движења на девизниот пазар, што довело до поголем раст на девизните резерви од очекуваниот, што, пак, упатува на отсуство на притисоци во надворешниот сектор и стабилни согледувања на домашните субјекти. Истовремено, тековните движења укажуваат на умерен раст на домашните цени, а со тоа и отсуство на ценовни притисоци.
Во однос на најновите макроекономски показатели за домашната економија, Комитетот оцени дека економскиот раст остварен во првите три квартали од 2019 година, од 3,6 проценти, е во согласност со проекциите за овој период од годината, а расположливите високофреквентни показатели за октомври-ноември се во согласност со очекувањата за поумерен економски раст во последниот квартал од годината.
Кога станува збор за промените кај потрошувачките цени, oстварената просечна годишна стапка на инфлација за целата 2019 година од 0,8% соодветствува со октомвриската проекција, односно е незначително под проектираната стапка од 1%. При инфлација, што е нешто пониска од проектираната во октомври минатата година, како и при надворешни влезни претпоставки ревидирани во дивергентни насоки, ризиците во однос на проекцијата на инфлацијата за 2020 година од 1,5% засега се оценуваат како урамнотежени. Неизвесноста околу движењата на цените на примарните производи на светските берзи и натаму е главниот фактор на ризик за проекцијата на домашната инфлација за следниот период.
Последните податоци за девизните резерви, информираат од НБРМ, покажуваат нивен натамошен раст, при поволни движења на девизниот пазар и интервенции со откуп на девизи од страна на Народната банка. Показателите за адекватноста на девизните резерви покажуваат дека тие и натаму се во сигурната зона. Според расположливите показатели за надворешниот сектор, податоците за надворешнотрговската размена за периодот октомври-ноември засега упатуваат на можност за остварување повисок трговски дефицит во однос на проекциите за четвртото тримесечје. Последните расположливи податоци за нето-откупот од менувачкото работење, заклучно со втората декада на декември, укажуваат на можност за остварување нето-приливи од приватни трансфери согласно со проекциите за четвртото тримесечје.
Во однос на движењата кај вкупните депозити и вкупните кредити, првичните податоци за декември покажуваат натамошен годишен раст и на депозитите и на кредитите, при што остварувањата не упатуваат на поголеми отстапувања од проекцијата.
Општо земено, на седницата на Комитетот беше заклучено дека последните макроекономски показатели главно се движат во согласност со очекувањата, а согледувањата за амбиентот за спроведување на монетарната политика се малку поповолни во однос на претходната оцена. Ризиците и понатаму постојат, поради што Народната банка ќе продолжи со внимателно следење на трендовите и потенцијалните ризици од окружувањето, заради соодветно приспособување на поставеноста на монетарната политика.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.