Економија
Едукативни трибини во организација на „Ерсте банка“ и „Шпаркасе банка Македонија“
По повод одбележувањето на првата деценија од банкарското работење во Р Македонија,„ Шпаркасе банка“ одржа две едукативни трибини во исто време, на две различни локации. Во просториите на „Јавна соба“ се одржа едукативна трибина на тема „Улогата на малите бизниси и поддршка од банките за нивниот развој“, додека на трибината во гимназијата „НОВА“ се зборуваше за „Улогата на финансиските институции во развојот на претприемништвото и пристапот до фондовите“. Говорници и на двете теми беа реномирани претставници од Штаермаркише шпаркасе групацијата и од домашната финансиска фела.
На настанот во „Јавна соба“ свое поздравно обраќање имаше Саша Боко, член на Управниот одбор на „Шпаркасе банка Македонија“, додека на панел-дискусијата на темата учествуваа и Сава Далбоков, член на Управниот одбор на „Штаермаркише шпаркасе“ и претседател на Надзорниот одбор на „Шпаркасе банка Македонија“, како и г. Бранко Азески, претседател на Стопанската комора на Р Македонија. Марија Матовска, национален координатор на Наградата за социјално претприемништво, говореше на темата „Улогата на банките во развојот на социјалното претприемништво“.
Во исто време, во просториите на гимназијата „НОВА“ едукативната трибина со свое обраќање ја отвори Иван Новаковски, менаџер на меѓународното училиште „НОВА“, а панелисти во едукативната дискусија на темата беа и Георг Бухер, член на Управниот одбор на „Штаермаркише шпаркасе банка“, и Дијана Десподов, извршен директор на Американската стопанска комора на Македонија. Трибините претставуваа одлична можност за споделување важни препораки и насоки за унапредување на развојот на малите бизниси како една од алтернативите за поголем економски развој и секако за охрабрување на младите претприемачи да преземат иницијатива и со поддршка на банките како „Шпаркасе банка“ да ги реализираат своите бизнис-идеи и да изградат успешни приказни во Македонија.
„Шпаркасе банка Македонија“ АД Скопје е дел од Ерсте и Шпаркасе групацијата, која се состои од 49 штедни банки и која бележи речиси 2 века постоење на финансискиот пазар во Република Австрија. Воедно, таа е една од најсилните банкарски групации во Европа, која со својата долгорочна стратешка ориентација кон регионот на Западен Балкан придонесува и „Шпаркасе банка Македонија“ да претставува доверлив партнер за своите клиенти. Заедно со банките ќерки во Австрија, Хрватска, Србија, Босна и Херцеговина, Словенија и во Црна Гора, таа е дел од најсеопфатните банкарски мрежи во регионот – „Штаермеркише шпаркасе“, која со својата билансна сума од 15 милијарди евра, 2.751 вработен и 233 експозитури и регионални центри опслужува околу 702.414 клиенти во овие земји од регионот на Југоисточна Европа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.