Економија
„Еуромакс рисорсис“: Проектот за рудникот „Иловица – Штука“ да не се злоупотребува за политички поени
Го разбираме чувствителниот момент на политичката кампања и затоа апелираме до сите инволвирани чинители во кампањата – Проектот „Рудник на можности Иловица-Штука“ да не се користи и злоупотребува во каква било политичка конотација, велат од компанијата „Еуромакс рисорсис“.
„Мораме конечно сите да бидеме доволно зрели и одговорни кон иднината и да ја прифатиме реалноста дека се работи за потенцијално најголемата гринфилд странска инвестиција во земјава што ќе донесе значајна економска корист и благосостојба за сите граѓани, особено за жителите во Струмичкиот Регион. Апелираме и до политичарите во текот на политичката кампања да се воздржат од коментари за проектот, затоа што така, можеби ненамерно, влијаат и на работата на судството и правната процедура која се одвива во надлежниот суд, а е поврзана со проектот“, велат од компанијата.
Оттука додаваат дека во екот на оваа глобална здравствена, економска и социјална криза предизвикана од девистирачката вирусна пандемија, токму овој проект претставува уникатна можност, брзо и ефикасно да помогне за заздравување и развој на националната економија. Нагласуваат дека мега проектот „Рудник на можности“ е модерен рударски комплекс што ќе се гради и ќе биде опериран согласно највисоките европски и светски стандарди.
„Никогаш нема да резултира во дислокација или деградација на животните услови во кое било од постојните живеалишта. Рудникот никогаш нема да предизвика негативно влијание врз постојаниот квалитет на почвата, водите и воздухот – токму затоа што заедно со граѓаните од регионот ќе ги преземеме сите мерки за заштита на животната средина и здравјето на луѓето! Во првата фаза на завршни истражувања, подготовка на локацијата и изградба, проектот директно и индиректно преку соработниците ќе вработи околу 1.000 лица. За оперативната фаза на редовно функционирање ќе вработиме повеќе од 500 лица, во најголем дел од локалната заедница, а преку нашите соработници и снабдувачи ќе се ангажираат дополнителни 2.700 лица. Веруваме дека новите работни места ќе привлечат многу од иселените да се вратат во својата земја, на своите имоти и кај своите фамилии“, додава Еуромакс преку соопштение.
Велат дека досега во Проектот биле инвестирани повеќе од 50 милиони евра, а за првата фаза на изградба предвидени се околу 340 милиони евра. Околу 73 милиони евра секоја година ќе се исплаќаат за комерцијални договори со локалните кооперанти. Во државниот буџет годишно ќе се слеваат околу 24 милиони евра, од кои над 3 милиони евра ќе се одвојуваат во буџетите на локалната управа. „Рудникот на можности “ ќе придонесе за зголемување на бруто домашниот производ за 3% на годишно ниво и ќе се квалификува во првите ТОП 3 извозни компании од Република Северна Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Трипуновски: Рекорден трговски дефицит во 2023 година во износ од 436 милиони евра
Дополнителниот заменик-министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, преку фејсбук-објава извести за рекорден трговски дефицит во 2023 година за земјоделско-прехранбени производи во висина од 436 милиони евра.
„Рекорден трговски дефицит во 2023 година во износ од 436 милиони евра. Еве како СДС го уништува македонското земјоделство, Македонија со СДС стана земја увозно зависна од храна. Негрижата за македонските земјоделци и тотално погрешните земјоделски политики на СДС ги принудија земјоделците да го напуштат полето, а со тоа македонските граѓани да јадат увозни земјоделски производи, Македонија од земја извозник стана земја увозник на храна под власта на СДС. Земјоделците ќе имаат вистински партнер во новата влада на ВМРО-ДПМНЕ и заедно ќе го вратиме македонското земјоделство во онаа препознатлива состојба, а Македонија повторно ќе биде земја извозник на храна“, рече Трипуновски.
Економија
Надворешен долг, побарувања и меѓународна инвестициска позиција во четвртото тримесечје од 2023 година
Објавено е редовното статистичко соопштение за позначајните промени кај надворешниот долг, надворешните побарувања и меѓународната инвестициска позиција.
На крајот на четвртиот квартал од 2023 година:
На 31.12.2023 година, нето надворешниот долг изнесува 4.458 милиони евра (или 32,6% од проценетиот БДП). Нето надворешниот долг на земјата, во четвртиот квартал од 2023 година, е зголемен за 305 милиони евра, или за 7,3%. Од аспект на структурата, приватниот нето-долг и натаму има поголемо учество во вкупниот нето-долг со 67%.
Во текот на четвртиот квартал од 2023 година, негативната нето меѓународна инвестициска позиција (МИП) е зголемена за 160 милиони евра и изнесува 8.500 милиони евра, односно 62,2% од проценетиот БДП за 2023 година.
Најновото соопштение за позначајните промени кај надворешниот долг, надворешните побарувања и меѓународната инвестициска позиција е достапно на следниот линк.
Економија
Во вториот квартал од 2025 година стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот ќе остане 1,5 отсто, одржана седница на Советот на Народната банка
Советот на Народната банка, на својата редовна седница, одржана на 28 март 2024 година, врз основа на редовната квартална оцена на системските ризици, донесе одлука за задржување на стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот за изложеностите на банките во Република Северна Македонија во висина од 1,5%, којашто ќе се применува и во вториот квартал од 2025 година. Одлуката се заснова врз оцените за постепено стабилизирање на нагорните циклични системски ризици и постојана стабилност на банкарскиот систем. Исто така, ги зема предвид условите од окружувањето коешто и натаму е неизвесно и придружено со ризици, што е причина за претпазливо спроведување на макропрудентните мерки заради натамошно јакнење на отпорноста на банкарскиот сектор. Со одржувањето на стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот се придонесува за спречување и за намалување на можните ризици.
Народната банка ќе продолжи со внимателно следење на системските ризици и ќе ја преоценува висината на стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот на редовна квартална основа. Притоа, имајќи ја предвид природата на противцикличниот заштитен слој на капиталот и насоките на релевантните европски институции, Народната банка може да ја оцени потребата за зголемување на стапката, при раст на ризиците и неизвесностите од окружувањето, во услови на поволни остварувања на банките. Во случај, пак, на значително остварување на ризиците во билансите на банките, може да се оцени и потребата од делумно или целосно ослободување на овој заштитен слој на капиталот, како поддршка во работењето на банките при евентуални неповолни сценарија.
Советот на Народната банка на седницата разгледа и други материјали поврзани со работата на централната банка.