Економија
Заврши учеството на премиерот Заев на форумот во Давос
Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, кој заедно со владината делегација во состав на заменик-претседателот на Владата на РМ, Кочо Анѓушев, и министерот за економија, Крешник Бектеши, учествуваше на годинешниот Светски економски форум во Давос, Швајцарија, денеска ги завршија активностите со повеќе средби и активности од интерес на економската иднина на земјата, соопшти владината прес-служба.
Заев и владината делегација остварија повеќе средби со регионалните лидери од Западен Балкан присутни на форумот.
Прашањата за развој на соработката и за динамизирање на интегративните процеси во регионот доминираа на средбите со премиерот на Република Словенија, Марјан Шарец, со претседателот на Косово, Хашим Тачи, како и со претседавачот на Советот на министри на Босна и Херцеговина, Денис Звиздиќ.
„Соговорниците од регионот му честитаа на премиерот Заев на успешниот развој на спроведувањето на договорот од Преспа и беа неподелени дека овој процес е силен поттик за идниот развој на односите во регионот“, велат од Владата за текот на средбите.
Премиерот Заев како дел од работните средби на Светскиот економски форум во Давос, имаше средба и со министерот за здравство на Сојузна Република Германија, Јенс Спан, и низ разговорот со него истакнаа дека исклучителната соработка и меѓусебна поддршка меѓу двете земји има сериозни потенцијали да се преточи и во соработка во областа на здравството, во размена на искуства и во можностите за усовршување на медицинскиот персонал. Претседателот на Владата и заменик-претседателот задолжен за економиј,а Анѓушев, во Давос остварија средба и со извршната директорка на Светска банка, Кристалина Георгиева, со која се разговараше за можностите за олеснет проток на производите и услугите во регионот на Западен Балкан.
За време на Светскиот економски форум, министерот за економија, Крешник Бектеши, зеде учество во работата на иницијативата за заедничка декларација за е-трговија во организација на Светската трговска организација, која за Република Македонија е од исклучително значење заради поттикот што оваа иницијатива може да значи за претприемништвото, за продуктивноста и економскиот раст на нашата земја.
Заев во Давос оствари работни средби со претставници на високиот менаџмент на повеќе светски компании, како што се Sun Group India, на која се разгледуваа можностите за соработка во областа на обновливите извори на енергија, и со претставници на компаниите CISCO, Philips, Google Jigsaw, за можностите за соработка во сферата на високите технологии и информатичката индустрија.
Во текот на дводневниот, работен престој на нашата делегација на Светскиот економски форум, премиерот Заев учествуваше и на форумите и дебатите како што беа „Креирање силно партнерство за економски раст и мир на Западен Балкан“ и на форумот „Иднината на трансатлантската алијанса“.
Премиерот Заев во Давос оствари работни средби и со еврокомесарот за европска соседска политика и проширување, Јоханес Хан, со генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, како и со финансиерот и филантроп Џорџ Сорос.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.