Економија
Заев: Економскиот и инвестициски план на ЕУ – нов стимул за економски раст
Претседателот на Владата, Зоран Заев, претседаваше со Националниот инвестициски комитет на кој заедно со ЕУ-амбасадорот Дејвид Гир во воведните обраќања ја истакнаа важноста од имплементација на проектите предвидени во Економскиот и инвестициски план за Западен Балкан, усвоен од Европската комисија, како и единствената листа на инфраструктурни проекти.
На состанокот се направи ревизија на единствената листа на проекти за да се утврди кои од нив соодветствуваат со Економскиот и инвестицискиот план на ЕУ, кој ќе мобилизира финансирање до 9 милијарди евра за Западен Балкан во рамките на новиот инструмент за претпристапна помош наречен ИПА III.
Премиерот Заев на средбата подвлече дека Економскиот и инвестицискиот план е од големо значење, а дополнително како земја стекнавме огромно искуство со користење средства преку Инвестициската рамка за Западен Балкан.
„Средствата ќе бидат насочени за инвестиции во областите на транспорт, енергија, зелена и дигитална транзиција, како и развој на човечки ресурси за да се обезбеди одржлив раст и работни места, поттикнувајќи го економскиот развој и закрепнување на регионот. Досега се реализирани преку 23 проекти во вредност од околу 2,1 милијарди евра грантови и заеми во Република Северна Македонија. Верувам дека Економскиот и инвестицискиот план за Западен Балкан ќе даде силно и позитивно влијание врз економското закрепнување на регионот, поддршка на зелена и дигитална транзиција и поттикнување на регионална интеграција кон Европската Унија. Националните институции, присутни на состанокот, ќе работат со голема посветеност, во согласност со нивните надлежности со цел да се искористат расположливите средства. Посветени сме на доброто управување, што е основа за одржлив економски раст. Нашиот фокус е насочен кон поттикнување на економијата и инвестициите со спроведување на основните реформи во согласност со европските вредности“, рече Заев.
Свои излагања имаа и Никола Димитров, вицепремиер за евроинтеграции, и Фатмир Бесими, министер за финансии. Вицепремиерот Димитров посочи на идните планови на Владата во поглед на имплементација на проектите во приоритетните 5 области: транспорт, животна средина, енергетика, социјална и дигитална трансформација, токму во периодот на транзиција од ИПА II кон ИПА III, кога се разгледува и агендата за капитални инвестиции во согласност со новините во ИПА III и Економскиот инвестициски план.
„Се одлучивме за покредибилна, подинамична и попредвидлива инвестициска агенда со зајакнато политичко управување, со цел да создадеме отпорна економија на предизвици како пандемијата, економија која ќе има сила да се избори со ненадејните удари, но и одржлива, социјално праведна и неутрална во однос на климатските промени“, истакна Димитров, додавајќи дека „овие предизвици ќе ги надминеме со зајакнати напори во спроведувањето на структурните реформи, надминување на структурните слабости и зајакнување на конвергентноста во овие тешки времиња.
Министерот Бесими посочи дека имаме добра можност да имплементираме значителен дел од нашиот план за јавни инвестиции преку Економскиот и инвестицискиот план за Западен Балкан, кој има за цел да стимулира долгорочно закрепнување.
„За да ги искористиме придобивките од овој план, поддржан од ИПА III, и за да се обезбеди одржлив економски раст – треба да ги спроведеме реформите од економскиот и финансискиот дијалог со ЕУ под програмите за економски реформи (ERP), препорачани во годишниот пакет за проширување. Покрај тоа, дијалогот за ERP треба да обезбеди важни насоки за инвестициски одлуки според Економскиот и инвестициски план и внимателно планирање и приоритизирање на ресурсите“, рече Бесими.
Презентација на своите секторски приоритетни проекти имаа министрите за транспорт и врски, економија, животна средина и просторно планирање, земјоделство, шумарство и водостопанство, информатичко општество и администрација, труд и социјална политика, образование и наука, здравство и правда. Онлајн присутни на состанокот беа и претставници на Владата, амбасадорите на ЕУ, високи претставници од меѓународните финансиски институции, билатералните партнери и донаторската заедница со постојана мисија во Северна Македонија.
Националниот инвестициски комитет е советодавно тело во кое на транспарентен начин се рангирани стратешки проекти, пред сè во делот на инфраструктура, енергетско и транспортно поврзување на земјите од Западен Балкан и ЕУ, заштита на животната средина, социјалната и дигиталната инфраструктура, како клучен фактор за раст и отворањето нови работни места во регионот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.