Економија
Заев и Бектеши разговараа со дуќанџии и занаетчии во Охрид, најавија нова казнена политика
Претседателот на Владата, Зоран Заев, и министерот за економија, Крешник Бектеши, придружувани од директорот на Царинска управа на РСМ, Ѓоко Танасоски, денеска беа во прошетка по охридската чаршија. Заев и Бектеши посетија неколку дуќани и занаетчиски работилници и поразговараа со сопствениците за условите за работа и за нивните очекувања, и за значењето на мерките за поддршка од Владата за мали, микро и средни претпријатија.
Во рамки на посетата на охридската чаршија премиерот Заев и министерот Бектеши дадоа кратки изјави за медиумите.
„Со министерот Бектеши прошетавме по познатата охридска чаршија, посетивме неколку дуќани и занаетчиски работилници каде што поразговаравме со сопствениците и еснафите за условите за работа и за значењето на мерките за поддршка од Владата на Република Северна Македонија. Сите сме согласни дека поддршката за мали и средни претпријатија што ја обезбедува Владата е значајна и ќе продолжи, а заеднички се очекувањата економските политики да резултираат со зголемување на личната потрошувачка што за овие семејни бизниси и занаетчиски работилници ќе значи и зголемување на профитот“, рече премиерот Заев и соопшти дека оваа година се менува казнената политика која во минатото беше репресивна и служеше за притисоци и закани и политички влијанија врз приватниот сектор.
Премиерот Заев рече дека казните ќе бидат правични и сразмерни согласно со големината на фирмите и нема да го загрозуваат работењето и опстанокот на фирмите и нема да го отежнуваат животот на граѓаните. За фирмите, при одмерување на глобата ќе се води сметка за приходот остварен во претходната година, бројот на вработени и претходно санкционирање за исти или слични прекршоци.
„За малите фирми, според новиот закон, минималната глоба ќе биде 50 евра, а максималната глоба ќе изнесува 2 000 евра. За споредба, во стариот закон максималната глоба изнесуваше 5 000 евра – што значи глобите за малите фирми се намалуваат за 60%. Пред глоба, може да се изрече опомена. Или, во случаи кога прекршокот е сторен за првпат и не предизвикал штетни последици, ниту го загрозил јавниот интерес. Законот ќе важи еднакво за сите“, истакна премиерот Заев и најави дека следува средба со сопственици на хотели со кои ќе поразговараат за перспективите за развој на туризмот.
Министерот Бектеши ги сподели информациите и бројките коишто се однесуваат на бројот на странски и домашни туристи коишто ја посетиле нашата земја и нагласи дека минатата година се надминати очекувањата, земјата ја посетиле над 1 милион туристи.
„Сакам да ве информирам дека од претходната година во Република Северна Македонија имаме регистрирано 1.1 милиони туристи, а очекувањата се дека во 2019 година ќе достигнеме над 1.3 милион туристи и истовремено над 4 милиони ноќевања во нашите угостителски и сместувачки објекти. Добра вест е што имаме пораст на домашните туристи“, истакна министерот Бектеши.
Министерот Бектеши посочи дека Владата на Република Северна Македонија спроведува политики за развој на туризмот, а една од мерките е субвенционираниот годишен одмор која значително придонесува за развој на домашниот туризам.
„Продолжуваме и оваа година да субвенционираме годишен одмор за работниците со ниски примања. Сакам да ве известам дека од 26 пријавени хотели, 14 хотели се од Охрид, што значи дека над 50 проценти од сите добитници на средствата од оваа мерка што ја спроведува Владата преку Министерството за економија ќе престојуваат во Охрид“, рече министерот Бектеши.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.