Економија
Заев на онлајн-средба со мисијата на ММФ: Капиталните инвестиции може да помогнат во закрепнувањето на економијата
Премиерот Зоран Заев одржа онлајн-средба со шефицата на мисијата на Меѓународниот монетарен фонд за нашата земја, Берглјот Бјорнсон Баркбу, резидентната претставничка на ММФ за Западен Балкан, Штефани Ебле, и економисти на ММФ во Вашингтон, како дел од редовните годишни консултации. Состанокот имаше цел информирање за економските изгледи, фискалната и монетарната политика, како и финансиската стабилност во земјата. Премиерот Заев ја истакна соработката со ММФ како значително важна од повеќе аспекти, меѓу кои и мониторингот на економските перформанси на нашата земја.
Од ММФ оценуваат дека реализација и вложувања во капиталните инвестиции во следниот период може да помогнат за зголемување на потенцијалот за раст на економијата, со препорака во услови на Ковид-19 да се продолжи со поддршка на здравствениот систем како приоритет, како што впрочем е предвидено и во предлог-буџетот за 2021 година.
„Заев рече дека моментната криза е можност за системски реформи и во согласност со трендовите, трансформација кон новата развојна економија со фокус на дигитализација, енергетика и обновливи извори на енергија, како и создавање на предвидлив и поволен деловен амбиент за нови инвестиции. За таа цел, покрај справување со пандемијата, се прават планови на среден и долг рок за реализација на економските политики, со цел реалниот сектор да може да планира инвестициска активност. Беше нагласена и важноста од координирана акција за справување со неформалната економија која му прави штети на буџетот на државата и регистрираните деловни субјекти“, се вели во соопштението на Владата.
Како што беше истакнато на состанокот, и во текот на ковид-кризата не смее да се заборави на структурните економски реформи што се предуслов за натамошниот долгорочен раст. На состанокот беше дискутирано дека последиците од ковид-кризата врз економијата се видливи, но се ублажени преку навремените и соодветни монетарни и фискални мерки. Беше заклучено дека е потребно да се продолжи со постојано следење на состојбите, приспособување на политиките и преземање навремени мерки во согласност со моментната состојба за ублажување на ефектите.
Во контекст на закрепнувањето на македонската економија, од високите претставници на ММФ беше посочено и дека од голема важност е финансиската стабилност. Во таа насока банкарскиот сектор, кој е носечки столб на финансискиот систем, е стабилен и значаен за поддршката за економијата и во натамошниот период на ревитализација.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Трипуновски: Јаболкото во Ресен ќе остане неоткупено поради големиот увоз на странско јаболко во Македонија
Дополнителниот заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски денес е во работна посета на Ресен каде што оствари работни средби со овоштарите од овој регион.
„Овоштарите од Ресен претрпуваат големи губитоци заради погрешните политики на СДС и големиот увоз на странско јаболко во Република Македонија. Согласно податоците, додека ресенското јаболко стои неоткупено, од 1 септември 2023 година до сега во Македонија се влезени околу 4 милиони килограми јаболко што е главна причина што ресенчани ги преживуваат најцрните денови во историјата на овоштарството во Македонија“, изјави Трипуновски.
Како поголеми проблеми на земјоделците од Ресенскиот регион, Трипуновски ги посочи неисплатените субвенции како и неисплатените штети од природните непогоди од пред некоја година, откупно-дистрибутивниот центар којшто требаше да биде завршен во 2023 година сѐ уште не е ни започнат со градба.
„Цврсто им ветив дека идната Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ има сериозен план и конкретни мерки со кои ќе се стави крај на маките на ресенчани“, заврши Трипуновски.
Економија
Ангеловска-Бежоска на Пролетните средби на ММФ и СБ: Носителите на политики ќе дискутираат за состојбите и перспективите во економијата
Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, и заменик-министерот за финансии, Филип Николоски, ја предводат нашата делегација, која учествува на Пролетните средби на групацијата на Светскатa банка (СБ) и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во Вашингтон, САД. Во делегацијата на Народната банка на овие средби ќе земе учество и вицегувернерот Фадил Бајрами.
Гувернерката Ангеловска-Бежоска и вицегувернерот Бајрами на претстојните Пролетни средби ќе одржат состаноци со заменик-директор на Меѓународниот монетарен фонд, Бо Ли, со директорот на ММФ за Европа, Алфред Камер, како и со извршниот директор на ММФ и алтернативниот извршен директор, Пол Хиберс и Лук Дресе. На состаноците со високите претставници на ММФ ќе стане збор за економските состојби во нашата земја и поставеноста на монетарната политика, којашто придонесе за стабилизирање на инфлацијата. Делегацијата на Народната банка, предводена од гувернерката, ќе оствари средба и со претставниците на одделите за статистика и за монетарни и капитални пазари при Меѓународниот монетарен фонд, на која ќе се споделат досегашните достигнувања и резултати од заемната успешна соработка.
Во рамките на Пролетните средби, Ангеловска-Бежоска ќе одржи состаноци и со високи претставници на Светската банка, заменик-претседателката на СБ, Антонела Басани и со извршниот директор на СБ за Конституенцата во која членува нашава земја, Јуџин Ругенаат. Исто така, делегацијата на Народната банка ќе учествува и на редовниот состанок на земјите членки на Конституенцата.
Одржувањето на Пролетните средби секоја година на едно место ги собира носителите на политиките, односно првите луѓе на централните банки и министрите за финансии од земјите членки, кои ќе разговараат за политиките и финансиските реформи во насока на остварување на целите за одржлив раст (SDG), особено поврзани со климатските промени и родовата еднаквост.
Економија
Трипуновски: Ги потпишав првите 16 договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост
Дополнителниот замени министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски на својата фејсбук страна објави дека ги потпишал првите 16 договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост.
Во својата објава Трипуновски вели: „Почитувани земјоделци, штотуку ги потпишав првите 16 договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост, нека е аирлија!“
Трипуновски во неколку наврати ја алармираше јавноста дека во Република Македонија постојат договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост кои истекуваат оваа година, но на истите не им е овозможено продолжување и дека Николовски го кочи продолжување со образложение дека се потребни законски измени на законот за земјоделско земјиште.
„Сепак на крајот успеавме да го реализираме нашиот предлог за разрешница на овој проблем по многу побрза и поедноставна постапка, наспроти тврдењата на министерот Николовски кој постојано, од непознати причини, тврдеше дека се потребни измени на законот за земјоделско земјиште и дека со анексирање на договорите не се решава овој проблем. Со ова само се докажа дека Николовски повторно ве лаже како што тоа го прави изминативе 7 години“, дополни Трипуновски.
Позитивно е тоа што овој голем проблем доби решение и засегнатите земјоделци конечно ќе можат да ги продолжат своите договори согласно законските регулативи. Со ова Трипуновски покажа дека ќе биде предводник во промените и решавањето на проблемите во македонското земјоделство.
„ВМРО-ДПМНЕ секогаш било и ќе биде на страната на македонските земјоделци, доколку ние не го изнесовме овој проблем во јавноста, СДС и Николовски никогаш немаше да ги продолжат овие договори на вредните македонски земјоделци или пак тоа ќе го правеа селективно и повторно земјоделското земјиште ќе завршеше кај луѓе што не се земјоделци или истото ќе го трансформираа за плантажи со фотоволтаици. ВМРО-ДПМНЕ секогаш ќе може гордо и со крената глава да биде помеѓу светиниколчани и сите земјоделци во Република Македонија“, заврши Трипуновски во својата објава.