Економија
Заев на средба со четириесет бизнисмени од Стопанската комора на Тирана
Претседателот на Владата, Зоран Заев, вчера имаше работна средба со 40 претставници на повеќе компании, кои се заинтересирани да инвестираат во различните области во кои работат и се дел од Стопанската и индустриска комора на Тирана, соопшти владината прес-служба.
„Сакам да ја искористам можноста да ве охрабрам да ја зголемите трговијата, меѓусебното инвестирање, вие овде во Северна Македонија, ние во Албанија, и да соработуваме. Сме многу блиски земји, блиски народи, имаме исти проблеми, исти надежи кон иднината, заедно чекориме кон ЕУ и како земји со исти евро-атлански стремежи, имаме голема можност за унапредување на меѓусебната економска и трговска соработка. Позитивните примери коишто ги имате во Албанија да ги пренесеме тука за да ги охрабриме нашите граѓани за придобивките од НАТО“, рече премиерот Заев.
Како приоритет на Владата во однос на регионалниот бизнис-развој, Заев го истакна унапредувањето на инфраструктурните врски помеѓу двете земји, преку железница и други сериозни инвестициски проекти во патната инфраструктура.
„Работиме на подготовката на барање инвестиции и можности за железнички да се поврзуваме, буквално од пристаништето во Драч кон нашиот граничен премин преку железничка пруга од Кичево, којашто сакаме да ја градиме, да доаѓа до Скопје, кон Софија и кон Црното Море во Бугарија и Истанбул, со што комплетно би го отвориле коридорот 8. Работиме на сериозни проекти коишто се инвестиции во патната инфраструктура и ќе помогнат многу во збогатување на инфраструктурната поврзаност со патишта меѓу двете држави. Имаме надеж дека некаде кон крајот на март или почетокот на април ќе го отвориме и првиот One Stop Shop помеѓу Албанија и Република Северна Македонија, каде што ќе го преполовиме времето на чекање на камионите, на стоките, па и на патниците. Тоа ќе значи дека во една канцеларија со една иста царина ќе можат да се завршат сите документации што се важни за самиот проток на стоки, што се случува помеѓу нашите две земји“, истакна премиерот Заев.
Претседателот на Стопанската комора на Тирана, Николин Јака, во своето обраќање се заблагодари на премиерот Заев за можноста да ги споделат позитивните примери од Албанија и за досегашната работа на Владата, која со договорот од Преспа обезбеди стабилност во државата, но и за спроведување на Законот за јазиците, со што се зголемува потенцијалот за соработка меѓу двете држави и ја истакна потребата за заедничко делување во зголемување на производството, утврдување на комплементарните сектори, како планинскиот туризам во Северна Македонија и морскиот туризам во Албанија, елиминирање на сите бариери и создавање клима на соработка и меѓусебна доверба.
„Се соочуваме со стареење на народот, имаме феномен на отселување на младите лица од нашите земји и тоа оди на штета на нашата земја, на економијата и на човечкиот капитал. Економијата е генератор на развојот на државата, затоа треба да го зголемиме нашето производство, да ги видиме кои се комплементарните сектори и да изготвиме стратешки план за претприемништво и стабилна економија за сите земји од Балканскиот Регион, преку уште една развојна платформа за трите земји, Албанија, Косово и Северна Македонија. Постојат многу работи кои нè поврзуваат за да имаме комплементарна економија со која ќе ги отстраниме дефицитите и многубројните пречки во Балканскиот Регион и надвор од него“, рече претседателот на Стопанската комора на Тирана, Николин Јака.
Од средбата со тема „Заеднички регионален бизнис-развој меѓу Северна Македонија и Албанија“, освен зголемувањето на регионалната бизнис-соработка помеѓу двете држави, заедничкиот настап на странски пазари и меѓусебната поддршка на стопанството, произлегоа и многу конкретни иницијативи, како развојот на езерскиот туризам во Охрид преку слободниот проток по Охридското Езеро; во областа на енергетскиот сектор и обновливите извори на енергија, намалување на премијата за електрична енергија преку отворање на фотоволтаични центри и можност за инвестирање во Република Северна Македонија до 200 мегавати фотоволтаична соларна енергија. Во областа на комуникациите, вклучување договори со Европската енергетска заедница за намалување на роамингот од 30% со обврска до 2021 година да стигне до 0 роаминг помеѓу земјите во Западен Балкан, како и создавање инфраструктура за трет мобилен оператор со дополнителен квалитет на услугите за граѓаните.
На средбата учествуваа и претставници на Стопанските комори, амбасадорот на Република Албанија во Македонија, Фатос Река, дипломати, советници од Владата и економско-политичкиот консултант, Фатос Мустафа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.