Економија
Заев на форумот: Нема зошто камионот да чека на македонската граница, ако носи стока од Албанија за Србија
Нема зошто камионот да чека на границата на Северна Македонија, ако носи стока од Албанија за Србија. Загубите што се прават со отворање на границите, треба да се претворат во средства за нови инвестиции за отворање на нови бизнис потфати што отвораат нови работни места, истакна премиерот Заев на панелот на Економскиот форум за регионална соработка, на која учествуваа и претседателот на Србија Александар Вучиќ, албанскиот премиер Еди Рама, како и претседателите на стопанските комори од Албанија, Србија и Северна Македонија.
Панелот беше насочен кон интересот на деловните луѓе од регионот кои во голем број учествуваа на форумите за поврзување и кои изразија силна поддршка за новите конкретни проекти што ги предвидува иницијативата.
Претставниците на стопанските комори на трите земји соопштија дека ќе формираат заедничко тело што ќе ја мониторира имплементацијата на преземените мерки и активности како и напредокот на придобивките.
Тие порачаа дека очекуваат колоните камиони конечно да исчезнат од границите и дека преземените активности ќе ја остварат оваа цел.
Стопанствениците изразија поддршка и за меморандумите во кои се исцртани насоките за слободно движење на работната сила низ регионот без пречки и за остварување на политиката за една работна дозвола за целиот регион и признавање на квалификациите со што ќе се создадат услови младите да се задржат во регионот.
„Тука сме и да разговараме директно со стопанствениците, тие ја јакнат нашата економија и го полнат буџетот. Отворени сме за сите добри идеи и имаме силна политичка волја и јас и претседателот Вучиќ и со премиерот Рама. Да ги отстраниме сите причини кои ги создаваат колоните камиони на границите. Ќе ги интензивираме процесите за дигитално поврзување за проверка на сите документи и за поврзување на софтверите за ДДВ. Тоа ќе го покрие целиот регионален простор и границите ќе станат прашање на време кога конечно ќе бидат тргнати“, истакна Заев на панелот.
На панелот беше детално објаснета идејата за поттикнување на комуникацијата меѓу младите луѓе, ученици, студенти, со соодветни програми за поврзување со што ќе се продолжат сезоните во туристичките центри во Албанија, Србија и Северна Македонија.
Претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ истакна дека отворените граници се потенцијал за создавање дополнителна пријателска атмосфера која е стимулативна за поврзување не само на деловните заедници, туку и меѓу обичните луѓе и граѓани.
„Ова не е иницијатива на неколку политичари, ова е иницијатива за иднината на сите граѓани од целиот регион“, потенцираше претседателот Вучиќ.
Премиерот на Албанија, Еди Рама истакна дека во трите земји веднаш ќе започнат подготовките за применливост на одредбите од меморандумите што денеска ги потпишаа трите влади.
„Меморандумот за разбирање за соработка во врска со слободен пристап до пазарот на трудот во Западен Балкан што денеска ќе го потпишеме е првиот чекор во таа насока. Парадоксално е ние да ги признаваме работните дозволи од ЕУ, а да не си ги признаваме работните дозволи меѓу нас“, потенцираше премиерот на Албанија Еди Рама.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.