Економија
Заев од Форумот за енергетика: Ја правиме првата енергетска транзиција во регионот како пример за земјите од Западен Балкан
Ја правиме првата енергетска транзиција во регионот како пример за земјите од Западен Балкан, истакна премиерот Зоран Заев, кој го отвори дводневниот „Македонски енергетски форум 2021: Мапирање на енергетската иднина“.
Рече дека заложбите на Владата се насочени кон зголемување на интересите на инвеститорите во енергетиката со понуда на алтернативни решенија во поглед на геостратегиските енергетски позиции. Дополнително, како што посочи, посветено се работи на преминување кон извори на чиста енергија преку примената на еколошките извори на енергија: вода, сонце и ветер, сѐ со цел постепено намалување на употребата на јагленот како извор на енергија.
„Ние сме земја на сонцето, тоа сите го знаеме, за жал, во минатото тоа не било искористено соодветно, меѓутоа сега во последните 3-4 години во фаза на градба се веќе 60 мегавати на фотонапонски електрани по пат на премиум-тарифи и 100 мегавати во ‘Осломеј’ по пат на јавно-приватно партнерство, кој ќе го заменат РЕК „Осломеј“. Првата фотонапонска електрана на ЕСМ во ‘Осломеј’ од 10 мегавати до крајот на октомври годинава ќе биде готова, значи станува збор за 170 мегавати електрани на сонце или 10 пати повеќе од 17-те мегавати изградени во претходните 11 години. Донесовме закон за стратешки инвестиции за големите инвеститори да ја препознаат заложбата на Владата и да бидат похрабри во донесувањето одлуки за инвестирање во Република Северна Македонија. Веќе неколку сериозни инвеститори доставија официјални проекти за стратешки инвестиции, како што се WPD од Германија за изградба на 415 мегавати ветерна електрана, EFT Group за изградба на 80 мегавати фотонапонска електрана, неколку сериозни инвеститори искажаа интерес за инвестирање во големи енергетски инфраструктурни објекти, како што се „Митилинеос“ од Грција, Akuo Energy од Франција, проекти вредни стотици милиони евра“, рече Заев.
Премиерот образложи дека досега во севкупните намери за инвестиции и почнати процеси на разговори има покриеност од речиси 1.500 мегавати фотонапонски централи за кои интензивно се разговара, за дел е готова документацијата и над 550 мегавати ветерници во државата. Заев изрази надеж дека голем дел од тоа ќе биде успешно реализиран.
Покрај премиерот Заев, воведни обраќања на Форумот имаа и американската амбасадорка во земјава Кејт Мари Брнз, шефот на Делегација на Европската Унија во Скопје, Дејвид Гир и директорот на ЗИП Институт, Агим Селами.
На Форумот учествува и министерот за економија Крешник Бектеши, кој е говорник на панелот насловен „Придонесот на Западен Балкан кон Зелениот договор на Европската Унија”.
Предвидено е на Форумот да се одржат засебни панел-сесии на кои креаторите на политиките, лидерите на енергетските компании и експерти од оваа област од целиот свет ќе дискутираат за важноста на енергетиката, како и за предизвиците на одржливиот развој.
Форумот традиционално се одржува четврта година по ред во организација на ЗИП Институтот, Владата и Амбасадата на САД во земјата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.