Економија
Заев од Штип: Вложуваме 190 милиони денари во земјоделското производство
Обезбедуваме поддршка до 20 илјади евра за 265 млади земјоделци, вложуваме 190 милиони денари во земјоделското производство, истакна премиерот, Зоран Заев, кој заедно со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Арјанит Хоџа и заменик директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Ремзи Абдулахи, денеска ги доделија првите договори за поддршка до 20 илјади евра на млади земјоделци за поттикнување на земјоделското производство.
Заев истакна дека земјоделството и производството на храна се шанса за успех и дека пандемијата со вирусот Ковид-19 уште повеќе ја нагласила потребата населението да биде обезбедено со здрава, безбедна, квалитетна и разновидна храна од македонско производство.
„Чест ми е што денеска сме во Штип за да ги доделиме првите договори за поддршка до 20 илјади евра неповратни средства за поттикнување на земјоделското производство на сите млади земјоделци, севкупно 265 апликанти кои одлучија да инвестираат во оваа значајна економска гранка. Вкупната вредност на оваа мерка е 190 милиони денари или 3,1 милиони евра. Сите одобрени апликации добиваат до 20 илјади евра неповратни средства за реализација на предложените инвестиции, за разлика од минатата година кога износот беше помал до 10 илјади евра“, истакна премиерот Заев.
Тој додаде дека цел на оваа мерка е да се поттикнат младите луѓе да останат во земјата и да ги реализираат инвестициите за модернизирање на земјоделските стопанства, што значи намалување на производните трошоци и зголемување на конкурентноста.
„Само со вложување во младите може да влијаеме на одливот на кадар и миграција село – град, да се инвестира во земјоделството и да се отвораат нови работни места. Дополнително поттикнува тоа што согласно апликациите има многу креативни и интересни идеи за развој на нови бизниси во агро – секторот кои ќе бидат менаџирани пред се од млади до 40 години. Согласно договорите инвестициите ќе бидат насочени за набавка на пчеларска опрема, молзни системи, млинови, современа опрема за фарми, собирачи за лешници, бадеми, апарати за тресење на сливи и слично“, објасни премиерот Заев.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Арјанит Хоџа им честита на сите млади земјоделци и им порача да продолжат да и веруваат на својата држава, посакувајќи им храбро, со ентузијазам и домаќински да ги вложуваат парите и да ја дуплираат нивната вредност преку своето производство.
„Минатата година, преку мерката 113 „Поддршка за поттикнување на земјоделско стопанство“, која се однесува на младите земјоделци до 40 години, финансиската поддршка изнесуваше 10. 000 евра. Со измената на Законот за земјоделство и рурален развој, финансиската поддршка е зголемена за 100% и сега изнесува 20.000 евра. Мерката го поддржува поттикнувањето на земјоделското производство на земјоделски стопанства чии носители се млади земјоделци“, заклучи министерот Хоџа и додаде дека целта е што повеќе младите да се вклучат во целокупниот процес на земјоделство со тоа што ќе обезбедат добри услови и поддршка од државата за нивната иднина да ја градат тука, во нашата земја.
Владата, министерството и Агенцијата ќе продолжат да креираат мерки и програми за развивање на домашниот агро-сектор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.