Економија
Заев: Преку Развојна банка ќе се вбризгаат дополнителни 100 милиони евра за поддршка на малите и средни претпријатија
Премиерот Зоран Заев, денеска на прес-конференцијата во присуство на заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи, министерот за финансии Фатмир Бесими и министерот за правда Бојан Маричиќ, информираше за Одлуката донесена на денешната редовна, 83-та седница со која со поддршка на Владата, преку Развојната банка на Северна Македонија, која ќе ги пласира средствата преку деловните банки, ќе се вбризгаат дополнително 100 милиони евра, евтин капитал во стопанството по исклучително ниски каматни стапки од 1,6%.
Владата, посочи премиерот донесе Одлука да ја субвенционира каматата која Развојната банка ја плаќа кон Европската инвестициона банка при повлекувањето на овие средства.
„Со оваа одлука утврдивме и други многу поволни услови кои ќе им се понудат на малите и средни компании. Рокот на отплата на овие кредити е до 12 години со вклучен грејс-период од две години, зависно од тоа дали кредитите ќе бидат наменети за инвестиции или зголемување на потребите за обртни средства. На овој начин ќе се обезбедат средства за поддршка на малите и средни претпријатија за заздравување од ефектите од Ковид-19 пандемијата. За нашата економија, овие средства значат нови вработувања, нови инвестиции, а со тоа и придвижување на економската активност и забрзување на економскиот раст. Овие исклучително поволни кредитни линии се наменети за мали и средни претпријатија или за претпријатија со помалку од 250 вработени и средно пазарно капитализирани претпријатија, односно претпријатија со 250 до 3.000 вработени“, информираше Заев.
Тој, прецизираше дека кредитите набргу ќе им станат достапни на фирмите, односно во текот на јули се очекува склучување на договор на Развојната банка со деловните банки.
„Трошокот на Владата за оваа мерка е нешто над четири милиони евра, но добиваат компаниите, добиваат граѓаните нови работни места. Нашата определба како Влада е да продолжиме со фискалниот стимул на стопанството се додека тоа не застане на здрави нозе. Претходните кредитни линии од Европската инвестициона банка, пласирани преку Развојната банка, покажаа навистина добри резултати“, истакна Заев додавајќи дека од 2009 година наваму, пласирани се пет вакви евтини кредитни линии за стопанството.
„Петте кредитни линии во вредност од 450 милиони евра се целосно искористени и поддржани се 2.090 проекти на трговски друштва од областа на производството, услугите, градежништвото, трговијата, хотелите и рестораните, транспортот, здравството и образованието.
Околу 75% од средствата се искористени за инвестиции и отворени се над 8.000 работни места. Ова е шеста ваква кредитна линија, но по значително пониска каматна стапка“, заклучи Заев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Трипуновски: Рекорден трговски дефицит во 2023 година во износ од 436 милиони евра
Дополнителниот заменик-министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, преку фејсбук-објава извести за рекорден трговски дефицит во 2023 година за земјоделско-прехранбени производи во висина од 436 милиони евра.
„Рекорден трговски дефицит во 2023 година во износ од 436 милиони евра. Еве како СДС го уништува македонското земјоделство, Македонија со СДС стана земја увозно зависна од храна. Негрижата за македонските земјоделци и тотално погрешните земјоделски политики на СДС ги принудија земјоделците да го напуштат полето, а со тоа македонските граѓани да јадат увозни земјоделски производи, Македонија од земја извозник стана земја увозник на храна под власта на СДС. Земјоделците ќе имаат вистински партнер во новата влада на ВМРО-ДПМНЕ и заедно ќе го вратиме македонското земјоделство во онаа препознатлива состојба, а Македонија повторно ќе биде земја извозник на храна“, рече Трипуновски.
Економија
Надворешен долг, побарувања и меѓународна инвестициска позиција во четвртото тримесечје од 2023 година
Објавено е редовното статистичко соопштение за позначајните промени кај надворешниот долг, надворешните побарувања и меѓународната инвестициска позиција.
На крајот на четвртиот квартал од 2023 година:
На 31.12.2023 година, нето надворешниот долг изнесува 4.458 милиони евра (или 32,6% од проценетиот БДП). Нето надворешниот долг на земјата, во четвртиот квартал од 2023 година, е зголемен за 305 милиони евра, или за 7,3%. Од аспект на структурата, приватниот нето-долг и натаму има поголемо учество во вкупниот нето-долг со 67%.
Во текот на четвртиот квартал од 2023 година, негативната нето меѓународна инвестициска позиција (МИП) е зголемена за 160 милиони евра и изнесува 8.500 милиони евра, односно 62,2% од проценетиот БДП за 2023 година.
Најновото соопштение за позначајните промени кај надворешниот долг, надворешните побарувања и меѓународната инвестициска позиција е достапно на следниот линк.
Економија
Во вториот квартал од 2025 година стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот ќе остане 1,5 отсто, одржана седница на Советот на Народната банка
Советот на Народната банка, на својата редовна седница, одржана на 28 март 2024 година, врз основа на редовната квартална оцена на системските ризици, донесе одлука за задржување на стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот за изложеностите на банките во Република Северна Македонија во висина од 1,5%, којашто ќе се применува и во вториот квартал од 2025 година. Одлуката се заснова врз оцените за постепено стабилизирање на нагорните циклични системски ризици и постојана стабилност на банкарскиот систем. Исто така, ги зема предвид условите од окружувањето коешто и натаму е неизвесно и придружено со ризици, што е причина за претпазливо спроведување на макропрудентните мерки заради натамошно јакнење на отпорноста на банкарскиот сектор. Со одржувањето на стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот се придонесува за спречување и за намалување на можните ризици.
Народната банка ќе продолжи со внимателно следење на системските ризици и ќе ја преоценува висината на стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот на редовна квартална основа. Притоа, имајќи ја предвид природата на противцикличниот заштитен слој на капиталот и насоките на релевантните европски институции, Народната банка може да ја оцени потребата за зголемување на стапката, при раст на ризиците и неизвесностите од окружувањето, во услови на поволни остварувања на банките. Во случај, пак, на значително остварување на ризиците во билансите на банките, може да се оцени и потребата од делумно или целосно ослободување на овој заштитен слој на капиталот, како поддршка во работењето на банките при евентуални неповолни сценарија.
Советот на Народната банка на седницата разгледа и други материјали поврзани со работата на централната банка.