Економија
Заокружи сметка во „Веро“ и донирај за СОС Детско село
„Заокружи сметка“ е најновата иновативна донациска активност што ја организира „Веро“, наменета за помош на децата без родителска грижа од СОС Детско село. Преку оваа акција „Веро“ го промовира значењето на индивидуалните донации меѓу своите потрошувачи кои на едноставен начин можат да се вклучат и да донираат средства за децата од СОС Детско село.
Акцијата „Заокружи сметка“ почнува денеска (15 декември) и ќе трае до 15 јануари, а се базира на многу едноставен концепт. Во наведениот период, секој потрошувач кој пазарувал во Веро маркетите може да даде личен придонес и да донира одреден износ по сопствена желба за СОС Детско село. Имено, при плаќањето на сметката на каса, потрошувачите може да „ја заокружат сметката“ на некој повисок износ, при што целата разлика меѓу износот на пазарувањето и заокружениот износ оди во хуманитарна цел, односно за децата без родителска грижа.
Овој иновативен донациски концепт за првпат се организира во земјава. Покрај тоа што има примарна цел да обезбеди донации за СОС Детско село, идејата на акцијата „Заокружи сметка“ е да ја поттикне индивидуалната филантропија кај граѓаните.
„’Веро’ е компанија која секогаш презема иновативни чекори кога станува збор за донациите, особено оние преку кои се обезбедува подобра иднина за децата без родителска грижа. Преку оваа акција сакаме да ги мотивираме и да ги охрабриме нашите потрошувачи да донираат во согласност со своите можности и да им покажеме дека она што за некого е малку, за друг значи многу. Најважно е да сфатиме дека секоја индивидуа преку личен ангажман може да направи голема промена во општеството, а сите заедно може да придонесеме за поубав свет и да им обезбедиме подобра иднина на децата без родителска грижа. Се надевам дека акцијата ќе биде многу успешна и дека ќе биде инспирација и за другите компании од земјава“ – истакнува Петар Денковски, генерален директор на „Веро“.
Од СОС Детско село ја поздравуваат донаторската акција, истакнувајќи дека се особено горди што партнерот „Веро“ беше отворен да го слушне концептот „Заокружи сметка“ и покрај тоа што ваква донаторска кампања досега се нема реализрано во нашата земја.
„Следејќи ги интернационалните стандарди и проекти кои го поттикнуваат индивидуалното донаторство, клучен партнер се компании како ‘Веро’ кои секојдневно имаат контакт со голем број граѓани и така може да се прошири мисијата на СОС Детско село: Топол дом и грижа за секое дете. Ако се прашувате зошто да донирате, одговорот е затоа што споделувањето и помагањето додаваат вредности во животот на секоја индивидуа. Ние како индивидуи имаме моќ да влијаееме, коригираме и да предизвикаме позитивни промени, а воедно чувството кога знаеме дека сме помогнале некому е навистина прекрасно и нѐ оплеменува. Да го искористиме празничниот дух за секое дете да ја почуствува магијата на семејството. Само со мал придонес при заокружувањето на сметката во ‘Веро’ и децата од Сос Детско село ќе се чуствуваат како да се на вашата празнична трпеза“ – вели Јулијана Накова – Гапо, генерална директорка на СОС Детско село.
Таа ги повикува граѓаните да ја заокружат сметката на каса во Веро маркетите за да ја внесат магијата од нивниот дом во детските срца и да донираат за секое дете со љубов и бескрајни насмевки.
(ПР-текст)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.