Економија
Зоран Спасов: BtoBet е заинтересирана за нови и возбудливи пазари за спортско обложување
ИТ-компанијата BtoBet е еден од лидерите, а воедно и пионер во iGaming-индустријата и во светски рамки. Извршниот директор Зоран Спасов во интервју за „ИТ.мк“ открива дека BtoBet бележи експоненцијален раст, особено во последната година, меѓу другото, и поради тоа што фокусот на нивното софтверско решение е целосно насочено кон играчот со цел врвно корисничко искуство, но и како резултат на партнерството со водечкиот глобален провајдер во iGaming-индустријата Aspire Global, што на партнерите им дава на располагање значајни иновативни решенија што произлегуваат од зголемениот инвестициски капацитет.
Сепак, факт е дека iGaming-индустријата е висококонкурентна, меѓутоа Спасов вели дека уште од кога е оформена компанијата, нивниот раст се базира на неколку клучни столбови, а првично на развој на врвна технологија како за оние што се обложуваат така и за операторите во iGaming-индустријата преку што компанијата се погрижила нивните софтверски решенија и платформи за спортско обложување да бидат приспособливи за разни пазари, но и фокусот да биде насочен целосно кон играчот.
„Овој пристап ни овозможи да го зацврстиме своето присуство на пазарите во пораст во Латинска Америка и Африка, како и на веќе развиените пазари, како тој во Европа. Брзиот развој на компанијата го привлече вниманието на Aspire Global, што ни овозможи да станеме составен дел од оваа групација“, вели тој во интервјуто и додава дека меѓу партнерствата склучени во овој период се и оние со глобалните моќни оператори, како William Hill и Betfair.
Успехот на компанијата е евидентен уште од нејзиното основање, меѓутоа во 2020 година BtoBet станува дел од реномираната глобална групација Aspire Global за која аквизиција Спасов вели дека им носи значителна предност на пазарот со оглед на тоа што групацијата сега нуди холистичко iGaming-решение на пазарите на кои BtoBet е присутна и каде што досега недостигаше софтверско решение за спортско обложување. „Покрај видливиот потенцијал за генерирање значителен развој, групацијата на големите клиенти им дава можност да влезат на нови пазари преку употреба на доста напредно и комплетно решение, со кое за многу кратко време ќе се издигнат на пазарот“, додава тој.
Во контекст на стратегијата за понатамошно дејствување и идните планови за развој, Спасов вели дека го зацврстуваат своето присуство на пазарите што се примарна патека за развој, како што се тие во Африка и Латинска Америка, но не исклучува ниту проширување на присуството на други пазари.
„Од друга страна, го прошируваме своето присуство и на други пазари, како што е веќе развиениот iGaming-пазар во Европа. И со задоволство би кажал дека ги исполнуваме целите што сме си ги поставиле и на двата фронта“, заклучува тој.
Она што е интересно и што вреди да се спомене е и тоа дека iGaming-индустријата континуирано еволуира, па во тој контекст директорот на BtoBet појаснува и дека постојано ги следат новите можности што се јавуваат на новорегулираните пазари, како што би бил Бразил, откога ќе биде целосно регулиран и отворен за бизнис.
На крајот, технолошкиот развој неоспорно е континуиран процес, па постојаното истражување нови и иновативни решенија, кои може да им се понудат на партнерите, е логична последица. А сè ова, заклучува Спасов, е со цел да обезбедат стимулирачко искуство за нивните играчи, особено откако фокусот BtoBet го става на играчот, со што софтверското решение на компанијата се разликува од другите провајдери на пазарот.
(ПР-текст)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Надворешен долг, побарувања и меѓународна инвестициска позиција во четвртото тримесечје од 2023 година
Објавено е редовното статистичко соопштение за позначајните промени кај надворешниот долг, надворешните побарувања и меѓународната инвестициска позиција.
На крајот на четвртиот квартал од 2023 година:
На 31.12.2023 година, нето надворешниот долг изнесува 4.458 милиони евра (или 32,6% од проценетиот БДП). Нето надворешниот долг на земјата, во четвртиот квартал од 2023 година, е зголемен за 305 милиони евра, или за 7,3%. Од аспект на структурата, приватниот нето-долг и натаму има поголемо учество во вкупниот нето-долг со 67%.
Во текот на четвртиот квартал од 2023 година, негативната нето меѓународна инвестициска позиција (МИП) е зголемена за 160 милиони евра и изнесува 8.500 милиони евра, односно 62,2% од проценетиот БДП за 2023 година.
Најновото соопштение за позначајните промени кај надворешниот долг, надворешните побарувања и меѓународната инвестициска позиција е достапно на следниот линк.
Економија
Во вториот квартал од 2025 година стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот ќе остане 1,5 отсто, одржана седница на Советот на Народната банка
Советот на Народната банка, на својата редовна седница, одржана на 28 март 2024 година, врз основа на редовната квартална оцена на системските ризици, донесе одлука за задржување на стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот за изложеностите на банките во Република Северна Македонија во висина од 1,5%, којашто ќе се применува и во вториот квартал од 2025 година. Одлуката се заснова врз оцените за постепено стабилизирање на нагорните циклични системски ризици и постојана стабилност на банкарскиот систем. Исто така, ги зема предвид условите од окружувањето коешто и натаму е неизвесно и придружено со ризици, што е причина за претпазливо спроведување на макропрудентните мерки заради натамошно јакнење на отпорноста на банкарскиот сектор. Со одржувањето на стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот се придонесува за спречување и за намалување на можните ризици.
Народната банка ќе продолжи со внимателно следење на системските ризици и ќе ја преоценува висината на стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот на редовна квартална основа. Притоа, имајќи ја предвид природата на противцикличниот заштитен слој на капиталот и насоките на релевантните европски институции, Народната банка може да ја оцени потребата за зголемување на стапката, при раст на ризиците и неизвесностите од окружувањето, во услови на поволни остварувања на банките. Во случај, пак, на значително остварување на ризиците во билансите на банките, може да се оцени и потребата од делумно или целосно ослободување на овој заштитен слој на капиталот, како поддршка во работењето на банките при евентуални неповолни сценарија.
Советот на Народната банка на седницата разгледа и други материјали поврзани со работата на централната банка.
Економија
Континуирана едукација и почитување на етичките и професионалните меѓународни стандарди се клучни за статусот и развојот на сметководството
Неопходни се одлучни чекори, јасна институционална поддршка и соработка помеѓу сите засегнати страни и партнери во процесот, како и искористување на искуствата на земјите од регионот, за да се овозможи натамошен развој на сметководствената дејност и унапредување на статусот на професионалните сметководители во нашата земја.
Ова се дел од препораките на учесниците на регионалната конференција посветена на трендовите, предизвиците, стандардите и перспективите на сметководството во регионот, која во организација на Институтот за сметководители и овластени сметководители (ИСОС) за првпат се одржува во нашата земја.
„Главната цел на ИСОС е да постави нови повисоки стандарди во струката кои ќе гарантираат висок степен на интегритет и професионализам, ќе го зголемат угледот и позицијата на сметководството и сметководителите, како и нивната улога и важност, не само за бизнисот, туку воопшто за целото општество. За да го постигнеме тоа треба посветено да работиме и заеднички да ги поставиме темелите на развојот за следните генерации, кои во оваа дејност ќе гледаат атрактивна и просперитетна професија. Оваа конференција секако е еден од чекорите кон остварување на оваа цел“, рече претседателката на ИСОС Весна Прентоска во своето обраќање на отворањето на конференцијата.
На настанот што се одвива под мотото „Во бројките веруваме”, присуствуваат околу 300 сметководители, претставници на професионални организации на сметководители и финансиски работници од регионот, на институции, организации и компании од земјава, како и домашни, регионални и меѓународни експерти од областа.
„За краток временски период од почетокот на примената на новиот Закон за вршење на сметководствени работи постигнат е значителен прогрес во неговата примена. Завршен е официјалниот превод на Меѓународните стандарди за финансиско известување – процес кој неоправдано бил одолговлекуван во минатото. Следува периодот кога овие стандарди треба да почнат да се применуваат и во нашата земја, што ќе донесе значајни придобивки за домашните компании и државата. Воедно, нивната имплементација претставува и значаен исчекор кон отпочнување на постапката за членство во Меѓународната федерација на сметководители, процес кој Министерството за финансии силно го поддржува“, потенцираше во своето воведно обраќање министерот за финансии Фатмир Бесими.
Поздравувајќи го одржувањето на оваа прва регионална конференција на професионалните сметководители во нашата земја, претседателот на Советот за унапредување и надзор над сметководствената професија Горан Рафајловски, истакна: „Придобивките од функционирањето на едно развиено, модерно сметководство, кое работи по меѓународни стандарди, се големи и ќе ги почувствуваат сите, почнувајќи од самите сметководители на кои им се отвораат нови перспективи, преку компаниите кои добиваат функција која треба да ја зголеми нивната конкурентност и секако државата, која добива алатка за поефикасна наплата на даноците. Ваквите придобивки се доволен мотив да го забрзаме процесот на воведување на најсовремените стандарди и практики во оваа дејност“.
Дискусиите во рамки на конференцијата се организирани во три панели. Првата панел-дискусија беше посветена на патот до членство во Меѓународната федерација на сметководители (IFAC), како една од главните стратешки цели на ИСОС. „Приклучувањето кон IFAC им дава до знаење на организациите од јавниот и приватниот сектор на локално, регионално и меѓународно ниво дека вашиот Институт на професионални сметководители има кредибилитет, капацитет и релевантност – и фокус кон јавниот интерес.
Членовите на IFAC се обврзуваат да усвојат меѓународни сметководствени стандарди и да ја поддржат нивната имплементација, вклучувајќи ги и образовните стандарди за почетна обука, како и за континуиран професионален развој. Исполнувањето на овие барања на патот кон аплицирање за членство во IFAC покажува дека меѓународните образовни, етички и сметководствени стандарди постојано се применуваат овде во Северна Македонија. Ова е причината зошто приклучувањето кон IFAC е повеќегодишен процес којшто се состои од повеќе чекори и вклучува повеќе засегнати страни“, рече претставничката на IFAC Јелена Мисита, претседател на советодавната група за поддршка на организациите на професионални сметководители во IFAC.
Во вториот конференциски панел, претставниците на организациите на професионалните сметководители од регионот дискутираа за состојбите и предизвиците со кои се соочува сметководството во нивните земји. Во рамки на третиот панел, претставници на деловната заедница, сметководители и домашни и меѓународни експерти од областа планирано е да дебатираат за актуелната положба и перспективите за натамошен развој на сметководствената професија во РС Македонија.
Инаку, собирот во Скопје беше искористен и да се поттикне поголема соработка помеѓу организациите на сметководителите во регионот, при што беше договорено во наредниот период да се заокружи процесот на формализирање на рамката за меѓусебна соработка во делот на размена на најдобри практики и искуства, како и во реализацијата на заеднички проекти за континуирана едукација на професионалните сметководители.