Економија
Инфлацијата годинава се очекува да изнесува 14, 3 отсто, според новите проекции на Народната банка
Инфлацијата предизвикана од понудата од надвор и од глобалниот шок што го предизвика војната во Украина ќе ја празни македонската кошничка и следната година.
Народната банка ги објави проекциите за макрокономскиот раст на Македонија за 2022 и 2023 година.
Војната во Украина проследена со економски санкции од западните земји кон Русија изврши големо влијание врз цените на храната кои се зголемија за 60%, на струјата за 650% и на гасот 50% во споредба со минатата година.
– Овој шок на цените на примарните производи и зголемената побарувачка резултираше со големо забрзување на глобалната инфлација од 4,7% лани, се проценува на 8,8% оваа година. Инфлацијата придонесе за затегнување на монетарните услуги. Сите овие фактори ќе влијаат врз економскиот раст. Во споредба со априлските проекции, бројките упатуваат поголема увозна инфлација – рече гувернерката на НБРМ, д-р Анита Ангеловска-Бежовска.
Врз основа на претпоставките за глобалното и домашното опкружување, подготвена е ревизија на макроекономското сценарио на среден рок.
– Со оглед на високата неизвесност, изготвивме две сценарија. Во првото сценарио, по растот на БДП од 4% минатата година, за оваа година предвидуваме забавување на растот од 2,3%. Во првата половина од 2022 беше остварен раст од 2,6%, но сепак проценуваме забавување од втората половина од годината. За следната година има надолна ревизија и се проектира раст од 2,6% сличен со претпоставките на меѓународните институции. Во второто сценарио во 2023 година растот би бил 2% што ќе значи забавување од 1,8% за цела година – истакна таа.
Ризиците за растот се надолни и во голема мера ќе зависат од европската економија и од личната потрошувачка која е се побавна поради помалиот расположлив доход.
– Кај личната потрошувачка очекуваме забавување на растот поради помал расположлив доход и помала расположливост за трошење. Иако очекуваме забавување на растот, сепак правиме ревизија на инфлацијата. Инфлацијата за 2022 се оценува на 14,3%, а за следната година се очекува забавување на 8 до 9 % зависно од цените на енергенсите и струјата на меѓународниот пазар. На среден рок инфлацијата ќе се намалува во 2024 и во 2025 година – објасни гувернерката Ангеловска-Бежовска.
Орце Костов
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.