Економија
Историјата да се тргне на страна, порача Бектеши на министерски состанок во Софија
Историските прашања треба да се тргнат на страна и да се носат решенија во интерес на сите, истакна министерот за економија Крешник Бектеши кој денеска учествуваше на Министерскиот состанок за Регионална соработка за енергетска безбедност, диверзификација и зелена транзиција кој што се одржи во Софија, Република Бугарија.
„Регионот произведува многу историски прашања и потребно е во овие тешки времиња неопходно е да се тргне историјата настрана. Ве повикувам сите на солидарност заеднички да изнајдеме решенија кои ќе бидат во интерес на сите земји“, кажа Бектеши.
На министерскиот состанок министерите на земјите од регионот со претставници од Европската Унија разговараа за енергетската безбедност, потребата за итна реакција во нарушувањето со снабдување со енергенси како резултат од кризата во Украина, декарбонизацијата и зелената транзиција, како и за формирањето на првата регионална платформа на ЕУ за набавка на гас во рамки на сеопфатната платформа на ЕУ.
Бектеши рече дека сите земји кои се присутни на овој министерски состанок се исправени пред воената агресија која се случува во срцето на Европа и која предизвикува огромни штети за сите.
„Северна Македонија е мала земја на Балканот, но ние сме вклучени во сите регионални иницијативи со цел да обезбедиме сигурност во набавката на гас за земјата, но и диверзификација на изворите на снабдување со енергенси. Сите сме исправени пред тешки одлуки во ова тешко време, но тешките времиња носат напредок“, кажа Бектеши.
Министерот се заблагодари на поддршката на Европската Унија со која изминатите години се работеше заеднички на реформите во енергетскиот сектор во Северна Македонија со цел изградба на нови интеконектори и поголема поврзаност на мрежата не само во регионот, туку и Европа.
„Главната цел за овие инвестиции за регионално поврзување на енергетските системи и диверзификација на енергетските извори е поголема кинкурентност на нашите економии и пониски цени на енергенси. Во моментов во финална фаза е почетокот на изградбата на интерконекторот со Грција, а во преговори сме со Бугарија за изградба на уште еден интерконектор кај Струмица. Во моментов се снабдуваме со гас само од еден гасовод со Бугарија со гас од Гаспром. Со новите интерконектори ќе ја намалиме зависноста на гас од Гаспром“, кажа Бектеши.
На министерскиот состанок за енергетика во Софија беше формирана новата регионална платформа на ЕУ за набавка на гас откако Гаспром прекина да ја снабдува Бугарија ќе ги вклучи и земјите од Западен Балкан. Во оваа платформа свое учество има и Северна Македонија. Новата регионална платформа во рамки на сеопфатната платформа на ЕУ има за цел да се справи со регионалните потреби за гас и струја, инфраструктурата, цените и намалувањето на зависноста од руските извори на енергија.
Софиската платформа ќе ги координира плановите во регионот, меѓународните набавки, залихи, поврзаност и со тоа ќе придонесе за енергетска безбедност во регионот.
На министерскиот состанок кој е во организација на Министерството за енергетика на Бугарија, покрај министерот Бектеши и домаќинот, министерот за енергетика на Бугарија, Александар Николов учествуваа и Дите Јоргенсен, Генерален директор на Директоратот за енергија на Европската комисија (ДГ ЕНЕР), Константинос Скрекас, министер за енергетика и животна средина на Грција, Виргил Даниел Попеску, министер за енергетика на Романија, Зорана Михајловиќ, вицепремиер и министер за рударство и енергетика на Србија, Парвиз Шахбазов, министер за енергетика на Азербејџан, Герман Галушченко, министер за енергетика на Украина, како и Алпарслан Бајрактар, заменик- министер за енергетика и природни ресурси на Турција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.