Економија
Иутекредит – најповолно микрокредитирање според најновите истражувања и анализи во 2019
Брзината во пристапот до финансиски средства е сè поголем приоритет кај граѓаните, а доволен показател за тоа е и бројот на финансиски друштва, кој се зголеми во последните неколку години. Сепак, искуствата со брзите кредити се различни во зависност од финансиското друштво од каде што се позајмени парите.
Според спроведеното истражување во октомври и ноември и анализата која ги опфаќа сите услови што ги нудат шесте најпопуларни финансиски друштва на нашиот пазар, вкупните трошоци за процесирање на апликација за кредит, за предвремена отплата или, пак, доцнење, како и потребните гаранции кои ги бараат некои од нив, се само дел од причините за разликите во исплатливоста на позајмицата.
Во анонимното истражување беа обезбедени договори за кредит кои вклучуваат амортизациски планови и општи услови. Крајната анализа покажува дека само едно друштво (Иутекредит) работи со најмали трошоци кои не вклучуваат т.н. скриени или дополнителни трошоци и казни за неисполнување на условите за гаранција на кредитобарателите.
И покрај тоа што сите финансиски друштва ја почитуваат законски утврдената стапка на вкупни трошоци (СВТ е пресметковна категорија која се калкулира според методологијата пропишана од страна на Народната банка на Република Северна Македонија) од 51,25%, сепак во пракса уделот на вкупните трошоците во износот на кредитит што се враќа достигнува и до 127%. Како тоа изгледа детално може да се погледне во табелата:
Извор: www.iutecredit.mk
Според истражувањето, најголема исплатливост за подигање на брз кредит има во финаниското друштво „Иутекредит“ со седиште во Скопје по што следува битолското „СН финансии“:
Извор: www.iutecredit.mk
Воедно, финансиските друштва се разликуваат и во квалитетот на услугата. Транспарентноста во комуницирање на условите за кредит, достапноста на услугите и начините за аплицирање, брзината на процесирање и одобрување на барањето за кредит, работното време и начинот на исплата прават голема разлика во корисничкото искуство.
Генерално сите финансиски друштва ја нудат можноста за онлајн аплицирање, а некои, пак, и воопшто немаат физички експозитури каде што корисниците ќе можат директно да ги посетат. Без разлика дали онлајн, телефонски или во експозитура, документацијата во некои друштва налага повеќе од само документ за лична идентификација. За одобрување на кредит се бараат потврди за лични примања, алтернативни контакти, па дури и жиранти со минумум месечни примања од 40.000 денари! Брзината и начинот на исплата исто така се разликуваат. Кај некои исплатата е веднаш 24/7, додека кај други се чека и по еден час во зависност од времето за процесирање на апликациите.
Сепак, потребите на граѓаните за итни финансиски средства продолжуваат да растат, а финансиските друштва се тука веднаш да излезат во пресрет на потребите. Како одговорни кредитори финансиските друштва мора да им понудат на своите клиенти транспарентен приказ на трошоците кои ги налагаат и да дадат совети за финансиска дисциплина и коректна кредитна историја, кои во иднина би го намалиле негативното искуство кое може да произлезе.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Ангеловска-Бежоска на Пролетните средби на ММФ и СБ: Носителите на политики ќе дискутираат за состојбите и перспективите во економијата
Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, и заменик-министерот за финансии, Филип Николоски, ја предводат нашата делегација, која учествува на Пролетните средби на групацијата на Светскатa банка (СБ) и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во Вашингтон, САД. Во делегацијата на Народната банка на овие средби ќе земе учество и вицегувернерот Фадил Бајрами.
Гувернерката Ангеловска-Бежоска и вицегувернерот Бајрами на претстојните Пролетни средби ќе одржат состаноци со заменик-директор на Меѓународниот монетарен фонд, Бо Ли, со директорот на ММФ за Европа, Алфред Камер, како и со извршниот директор на ММФ и алтернативниот извршен директор, Пол Хиберс и Лук Дресе. На состаноците со високите претставници на ММФ ќе стане збор за економските состојби во нашата земја и поставеноста на монетарната политика, којашто придонесе за стабилизирање на инфлацијата. Делегацијата на Народната банка, предводена од гувернерката, ќе оствари средба и со претставниците на одделите за статистика и за монетарни и капитални пазари при Меѓународниот монетарен фонд, на која ќе се споделат досегашните достигнувања и резултати од заемната успешна соработка.
Во рамките на Пролетните средби, Ангеловска-Бежоска ќе одржи состаноци и со високи претставници на Светската банка, заменик-претседателката на СБ, Антонела Басани и со извршниот директор на СБ за Конституенцата во која членува нашава земја, Јуџин Ругенаат. Исто така, делегацијата на Народната банка ќе учествува и на редовниот состанок на земјите членки на Конституенцата.
Одржувањето на Пролетните средби секоја година на едно место ги собира носителите на политиките, односно првите луѓе на централните банки и министрите за финансии од земјите членки, кои ќе разговараат за политиките и финансиските реформи во насока на остварување на целите за одржлив раст (SDG), особено поврзани со климатските промени и родовата еднаквост.
Економија
Трипуновски: Ги потпишав првите 16 договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост
Дополнителниот замени министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски на својата фејсбук страна објави дека ги потпишал првите 16 договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост.
Во својата објава Трипуновски вели: „Почитувани земјоделци, штотуку ги потпишав првите 16 договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост, нека е аирлија!“
Трипуновски во неколку наврати ја алармираше јавноста дека во Република Македонија постојат договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост кои истекуваат оваа година, но на истите не им е овозможено продолжување и дека Николовски го кочи продолжување со образложение дека се потребни законски измени на законот за земјоделско земјиште.
„Сепак на крајот успеавме да го реализираме нашиот предлог за разрешница на овој проблем по многу побрза и поедноставна постапка, наспроти тврдењата на министерот Николовски кој постојано, од непознати причини, тврдеше дека се потребни измени на законот за земјоделско земјиште и дека со анексирање на договорите не се решава овој проблем. Со ова само се докажа дека Николовски повторно ве лаже како што тоа го прави изминативе 7 години“, дополни Трипуновски.
Позитивно е тоа што овој голем проблем доби решение и засегнатите земјоделци конечно ќе можат да ги продолжат своите договори согласно законските регулативи. Со ова Трипуновски покажа дека ќе биде предводник во промените и решавањето на проблемите во македонското земјоделство.
„ВМРО-ДПМНЕ секогаш било и ќе биде на страната на македонските земјоделци, доколку ние не го изнесовме овој проблем во јавноста, СДС и Николовски никогаш немаше да ги продолжат овие договори на вредните македонски земјоделци или пак тоа ќе го правеа селективно и повторно земјоделското земјиште ќе завршеше кај луѓе што не се земјоделци или истото ќе го трансформираа за плантажи со фотоволтаици. ВМРО-ДПМНЕ секогаш ќе може гордо и со крената глава да биде помеѓу светиниколчани и сите земјоделци во Република Македонија“, заврши Трипуновски во својата објава.
Економија
Народна банка: Основната каматна стапка се задржува на нивото од 6,30 отсто
На 16 април 2024 година се одржа редовна седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка, на која беа разгледани најновите податоци и информации за глобалната и за домашната економија и најновите случувања на меѓународните и на домашните финансиски пазари во контекст на поставеноста на монетарната политика.
На седницата на Комитетот беше оценето дека тековнaта поставеност на монетарната политика е соодветна на условите во економијата. Така, каматната стапка на благајничките записи останува на нивото од 6,30%, а каматните стапки на депозитите преку ноќ и на 7 дена на нивоата од 4,20% и 4,25%, соодветно. Понудата на благајнички записи на редовната аукција е исто така непроменета и изнесува 10 милијарди денари. И натаму се очекува дека тековното ниво на каматните стапки, заедно со досегашните промени кај задолжителната резерва и преземените макропрудентни мерки ќе придонесат за натамошно забавување на инфлацијата и за задржување на стабилноста на девизниот курс. Притоа, последните промени кај инструментот задолжителна резерва, чијашто примена започнува од јуни 2024 година, значат и дополнителна поддршка на прудентниот карактер на монетарната политика, извести Народната банка.
Во услови на стабилен девизен пазар, главниот акцент при носењето на одлуката за задржување на тековната поставеност на монетарната политика беше ставен на потребата од стабилизирање на инфлацијата на историски ниските нивоа и инфлациските очекувања на потрајна основа, имајќи ги предвид присутните ризици, коишто во голема мера се поврзани со геополитичките тензии. Имено, инфлацијата очекувано забрза во март 2024 година на 4% на годишно ниво (3% во февруари), со оглед на престанокот на важноста на мерките за гарантирани цени на дел од прехранбените производи и пијалаци и за укинување/намалување на дел од увозните давачки. Сепак, остварувањето е под проекцијата на Народната банка, при значително намален притисок од цените на храната и енергијата, но и пониски ценовни притисоци од помалку променливите категории во првиот квартал, во согласност и со преземените монетарни мерки. Цените на примарните производи на берзите и натаму надолно се приспособуваат, со исклучок на нафтата којашто има одредени флуктуации. Остварувањата кај инфлацијата од почетокот на годината се пониски од очекувањата, но нивото сѐ уште е над историскиот просек, а ризиците во однос на идната динамика на цените и натаму постојат. Оттука, беше оценето дека е потребна натамошна претпазливост при водењето на политиките, вклучително и на политиките што делуваат врз побарувачката во економијата. Во однос на политиката на Европската централна банка (ЕЦБ), на последната седница во април повторно беше донесена одлука за задржување на основните каматни стапки на истото ниво.
Состојбата на девизниот пазар е стабилна и движењата се поволни. Нивото на девизните резерви на крајот на март изнесува 4.287,1 милион евра, што е соодветно за задржување на стабилноста на курсот на домашната валута. Движењата на девизниот пазар се поволни и придонесуваат за интервенции со нето-откуп на девизи од страна на Народната банка, при умерено намалена нето-побарувачка од корпоративниот сектор и натамошен висок прилив на девизи на менувачкиот пазар. Во однос на последните расположливи податоци од надворешниот сектор, трговскиот дефицит во првите два месеца од 2024 година е малку повисок од очекувањата според октомврискиот циклус проекции. Остварувањата на менувачкиот пазар заклучно со март се малку пониски од проектираните нето-приливи од приватните трансфери.
Остварениот економски раст во последниот квартал на 2023 година, како и за целата година, е под проектираниот, што упатува на посилно забавување на економскиот раст од очекуваното. Имено, реалниот раст на домашната економија во 2023 година изнесува 1%, при раст на БДП во четвртиот квартал од годината од 0,9% на годишна основа. Високофреквентните податоци за првиот квартал од 2024 година со кои се располага упатуваат на годишен раст кај индустриското производство и угостителството, при мал реален годишен пад на прометот во вкупната трговија и кај градежништвото. Сепак, расположливоста на податоците е ограничена и не е доволна за попрецизна оцена. Во однос на ризиците за растот во следниот период, тие и натаму постојат и се поврзани пред сѐ со случувањата во надворешното окружување, но и со интензитетот на остварувањето на домашните инфраструктурни проекти.
Во монетарниот сектор, според првичните податоци за март 2024 година, депозитите растат со слична динамика како и претходниот месец, но малку посилно од очекувањата. Од друга страна, кредитната активност на банките умерено забавува, но годишниот раст е малку над проекциите за првиот квартал.
Сѐ на сѐ, амбиентот за водење на монетарната политика е умерено поповолен од очекувањата. Сепак, ризиците кај инфлацијата наметнуваат потреба од натамошно внимателно следење на динамиката и факторите на инфлацијата и претпазливост во однос на водењето на макроекономските политики коишто влијаат врз побарувачката во економијата, вклучително и преку пазарот на труд каде што има високи стапки на реален раст на платите. Народната банка и натаму е подготвена да ги употреби сите неопходни инструменти и да презема соодветни мерки со коишто ќе се придонесе за задржување на стабилноста на девизниот курс, стабилизирање на инфлациските очекувања и за ценовна стабилност на среден рок, соопшти НБ.