Економија
И натаму постојат ризици за инфлација поради ценовните движења, се наведува во кварталниот извештај на НБРМ
Имајќи ги предвид неизвесноста и променливоста на факторите што дејствуваат на ценовното ниво, постојат нагорни ризици за инфлација. Народната банка внимателно ги следи инфлациските движења и доколку е потребно, ќе преземе соодветни мерки, се наведува во најновиот квартален извештај за последното тримесечје од 2021 година.
Во извештајот се посочува дека во однос на ценовните движења беа присутни нагорни ценовни движења во последниот квартал, што главно се должат на факторите од страната на понудата. Притоа во четвртиот квартал од 2021 година се забележува забрзување на инфлацијата како резултат на движењата кај прехранбената и енергетската компонента и привремените несовпаѓања на понудата и побарувачката предизвикани од пандемијата. Во согласност со тековната динамика на закрепнување на домашната економија и на пазарот на работна сила, засега не се согледуваат позначителни притисоци од побарувачката врз ценовниот раст. На ова упатуваат и движењата кај базичната инфлација, која, за разлика од општото ценовно ниво, бележи малку поумерена динамика од очекуваната. Воедно, домашната инфлација е во согласност и со ценовните придвижувања забележани во еврозоната.
И во последниот квартал беше задржан приспособливиот карактер на монетарната политика. Ваквата монетарна поставеност од почетокот на пандемијата постојано придонесува за поддршка на кредитните текови и одржување на ликвидноста во банкарскиот систем заради ублажување на ефектите од пандемијата врз домашната економија. Притоа задржаниот олабавен карактер на монетарната политика, како и здравата солвентна и ликвидносна позиција на банките, се фактори што и натаму имаат стимулативно влијание врз понудата на кредитите. На годишна основа кредитниот раст на крајот на четвртиот квартал изнесуваше 8,3 %, што е над проектираниот годишен раст според октомвриската проекција од 7,1 %. Овие движења се поддржани и од солиден раст на депозитната основа како главен извор на финансирање на банкарскиот систем. Имено, годишниот раст на вкупните депозити на крајот на декември достигна 7,5 %, што е над растот проектиран во октомвриската проекција од 7,1 %.
Олабавениот карактер на монетарната политика се спроведуваше во услови на солидно ниво на девизни резерви, кои се во сигурната зона, со динамика на промена во последниот квартал, која е подобра од очекуваната со последните проекции.
Економијата постепено закрепнува, се наведува во извештајот, со релативно ограничени ефекти од новите бранови на ширење на инфекцијата, при натамошна имунизација, целни и помалку рестриктивни мерки и приспособување на однесувањето и навиките на субјектите, како и натамошен приспособлив карактер на политиките. Неизвесноста и ризиците и натаму постојат како во глобални рамки така и во домашната економија и се поврзани главно со идниот тек на пандемијата. Народната банка продолжува со внимателно следење на движењата и ризиците од домашното и надворешното окружување заради соодветно приспособување на поставеноста на монетарната политика.
На Советот на Народната банка беше усвоена и новата политиката за усогласеност на Народната банка, документ со кој се уредува процесот на обезбедување усогласеност на работењето со етичките, професионалните и законските обврски на институцијата. Со политиката за усогласеност се разработува и се унапредува воспоставениот систематизиран процес за превентивно следење и обезбедување законито и етички усогласено работење во Народната банка. Народната банка, како централна банка, постојано работи на обезбедување високо ниво на усогласеност и интегритет во работењето, што придонесува и за соодветно извршување на нејзините цели и задачи и јакнење на довербата на јавноста во однос на работењето на Народната банка.
На седницата на Советот исто така беа разгледани и усвоени и други материјали од опсегот на работењето на банката.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Континуирана едукација и почитување на етичките и професионалните меѓународни стандарди се клучни за статусот и развојот на сметководството
Неопходни се одлучни чекори, јасна институционална поддршка и соработка помеѓу сите засегнати страни и партнери во процесот, како и искористување на искуствата на земјите од регионот, за да се овозможи натамошен развој на сметководствената дејност и унапредување на статусот на професионалните сметководители во нашата земја.
Ова се дел од препораките на учесниците на регионалната конференција посветена на трендовите, предизвиците, стандардите и перспективите на сметководството во регионот, која во организација на Институтот за сметководители и овластени сметководители (ИСОС) за првпат се одржува во нашата земја.
„Главната цел на ИСОС е да постави нови повисоки стандарди во струката кои ќе гарантираат висок степен на интегритет и професионализам, ќе го зголемат угледот и позицијата на сметководството и сметководителите, како и нивната улога и важност, не само за бизнисот, туку воопшто за целото општество. За да го постигнеме тоа треба посветено да работиме и заеднички да ги поставиме темелите на развојот за следните генерации, кои во оваа дејност ќе гледаат атрактивна и просперитетна професија. Оваа конференција секако е еден од чекорите кон остварување на оваа цел“, рече претседателката на ИСОС Весна Прентоска во своето обраќање на отворањето на конференцијата.
На настанот што се одвива под мотото „Во бројките веруваме”, присуствуваат околу 300 сметководители, претставници на професионални организации на сметководители и финансиски работници од регионот, на институции, организации и компании од земјава, како и домашни, регионални и меѓународни експерти од областа.
„За краток временски период од почетокот на примената на новиот Закон за вршење на сметководствени работи постигнат е значителен прогрес во неговата примена. Завршен е официјалниот превод на Меѓународните стандарди за финансиско известување – процес кој неоправдано бил одолговлекуван во минатото. Следува периодот кога овие стандарди треба да почнат да се применуваат и во нашата земја, што ќе донесе значајни придобивки за домашните компании и државата. Воедно, нивната имплементација претставува и значаен исчекор кон отпочнување на постапката за членство во Меѓународната федерација на сметководители, процес кој Министерството за финансии силно го поддржува“, потенцираше во своето воведно обраќање министерот за финансии Фатмир Бесими.
Поздравувајќи го одржувањето на оваа прва регионална конференција на професионалните сметководители во нашата земја, претседателот на Советот за унапредување и надзор над сметководствената професија Горан Рафајловски, истакна: „Придобивките од функционирањето на едно развиено, модерно сметководство, кое работи по меѓународни стандарди, се големи и ќе ги почувствуваат сите, почнувајќи од самите сметководители на кои им се отвораат нови перспективи, преку компаниите кои добиваат функција која треба да ја зголеми нивната конкурентност и секако државата, која добива алатка за поефикасна наплата на даноците. Ваквите придобивки се доволен мотив да го забрзаме процесот на воведување на најсовремените стандарди и практики во оваа дејност“.
Дискусиите во рамки на конференцијата се организирани во три панели. Првата панел-дискусија беше посветена на патот до членство во Меѓународната федерација на сметководители (IFAC), како една од главните стратешки цели на ИСОС. „Приклучувањето кон IFAC им дава до знаење на организациите од јавниот и приватниот сектор на локално, регионално и меѓународно ниво дека вашиот Институт на професионални сметководители има кредибилитет, капацитет и релевантност – и фокус кон јавниот интерес.
Членовите на IFAC се обврзуваат да усвојат меѓународни сметководствени стандарди и да ја поддржат нивната имплементација, вклучувајќи ги и образовните стандарди за почетна обука, како и за континуиран професионален развој. Исполнувањето на овие барања на патот кон аплицирање за членство во IFAC покажува дека меѓународните образовни, етички и сметководствени стандарди постојано се применуваат овде во Северна Македонија. Ова е причината зошто приклучувањето кон IFAC е повеќегодишен процес којшто се состои од повеќе чекори и вклучува повеќе засегнати страни“, рече претставничката на IFAC Јелена Мисита, претседател на советодавната група за поддршка на организациите на професионални сметководители во IFAC.
Во вториот конференциски панел, претставниците на организациите на професионалните сметководители од регионот дискутираа за состојбите и предизвиците со кои се соочува сметководството во нивните земји. Во рамки на третиот панел, претставници на деловната заедница, сметководители и домашни и меѓународни експерти од областа планирано е да дебатираат за актуелната положба и перспективите за натамошен развој на сметководствената професија во РС Македонија.
Инаку, собирот во Скопје беше искористен и да се поттикне поголема соработка помеѓу организациите на сметководителите во регионот, при што беше договорено во наредниот период да се заокружи процесот на формализирање на рамката за меѓусебна соработка во делот на размена на најдобри практики и искуства, како и во реализацијата на заеднички проекти за континуирана едукација на професионалните сметководители.
Економија
Битиќи и Деспотовски: Kреираме развој со поддршка на инвестиции на домашни и странски компании
Можностите за инвестиции и поддршка од државата особено за домашните компании, идни мерки како и презентација на примери на македонски компании кои со поддршката од државата градат успешни приказни беше во фокусот на денешната панел дискусија посветена на економијата и инвестициите. Настанот го организираа заменик на претседателот на Владата задолжен за економски прашања и за координација со економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи и директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски, а на панелот учествува и стопанственици и поранешниот премиер Димитар Ковачевски. Заменик-премиерот Битиќи нагласи дека за првпат домашните компании имаат поголема финансиска поддршка споредено со странските инвеститори, како и дека поддршката во последниве шест години е порасната за речиси 13 пати.
„Со гордост можам да кажам дека нашите напори во поддршка на домашните компании преку Законот за финансиска поддршка на инвестиции покажуваат конкретни резултати. Прво што направивме е изедначување на условите за финансиска поддршка на домашните со странските компании. Од нула поддржани компании во 2016 година до 919 денес, нашата заложба за економски развој и иновации станува реалност. За шест години, Владата ги има поддржано со околу 100 милиони евра за нивните инвестиции кои се над 500 милиони евра”.
Овој панел на кој учествуваа и стопанственици и експерти, стави акцент на синергијата меѓу Владата и приватниот сектор за стимулирање на економскиот раст. Учесниците имаа ретка шанса не само да се запознаат со најновите трендови во инвестициите, туку и активно да учествуваат во креирањето на стратегија за иднината на македонската економија.
Директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски посочи дека само во ТИРЗ во последниве три години се постигнати договори во вредност од една милијарда евра што е еднакво на нивото на инвестиции во ТИРЗ од 2006 до 2020 година.
„Покажавме дека знаеме и дека можеме. Од револуционерни до стратешки инвестиции, одново и одново докажавме дека не само што ја разбираме играта, туку и одлично ја играме постојано, не само на полувреме. Почнавме да играме и во европска и светска лига, со Јагео, Гересхајмер и други, а имаме и многу домашни успешни приказни“.
Сања Лазаревска сопственичка на компанијата Фор Лејди и Филип Арсов, ко-сопственик на Синапс Авиејшн ги споделија своите успеси и предизвици, давајќи увид во реалното влијание на владините политики врз домашните компании. И двајцата посочија дека програмите за поддршка на домашните компании им помогнале во реализација на плановите и развој на компаниите.
Поранешниот премиер Ковачевски истакна дека – „економската стабилност и поддршката на инвестициите секогаш беа на врвот на нашите приоритети, и денес можеме да ги видиме плодовите од тие напори“.
„Владата која ја предводев вложи значителни ресурси во приватниот сектор, што овозможи раст на инвестициите и зголемување на платите, дури и во време на големи предизвици. Поставивме таргет за 500 вера просечна плата, денеска е 650 евра или 290 евра повеќе од времето пред 2017 година. Нашата евроатлантска ориентација донесе највисоко ниво странски директни инвестиции од 754 милиони евра затоа што инвеститорите сакаат стабилен и безбеден амбиент за вложувања. Можностите за развој на компаниите ќе се зголемат уште повеќе со членството на Северна Македонија во ЕУ и затоа е важно да се продолжи европскиот пат. Овој пат носи подобар животен стандард за граѓаните, подобра работа за компаниите, дополнителни фондови за развој на нашата економија. Има уште многу што да се сработи“.
На оваа панел дискусија стопанствениците дадоа свои предлози за идни мерки кои им се потребни на домашните компании, како и конкретните чекори што треба да се преземат за да се осигура одржлива економска иднина за земјата.
Економија
Лозарите добиваат гарантирана откупна цена на винското грозје, Собранието го донесе новиот закон за вино
Собранието на Република Северна Македонија на денешната седница со 64 гласа „за“ го донесе новиот закон за вино, предложен од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Исполнивме уште еден даден збор пред лозарите, велат од МЗШВ.
Новиот закон за вино во целост е усогласен со одредбите на европското законодавство во делот на воведувањето нови производи од вино, како органско вино и ароматизирани вински производи.
Македонското вино најмногу се извезува кон земјите членки на Европската Унија и токму овој нов закон придонесува непречено да се зголеми, но и олесни извозот на македонско вино и производи од вино кон ЕУ.
Законот за вино во целост е на страна на лозарите решавајќи уште еден голем проблем за лозарите, а тоа е откупната цена. Со новиот закон за вино првпат се утврдува гарантирана производната цена на винско грозје за килограм најдоцна до 15 јули во тековната година и тоа за најмалку две најзастапени сорти. Пресметката на трошоците за производство на килограм винско грозје на определена површина и соодветен квалитет, во согласност со дадена методологија, се предвидува да ја врши високообразовна или научна институција од областа во земјоделството, соопшти МЗШВ.
Новиот закон предвидува и креирање нова годиншна, посебна програма за финасиска поддршка во лозарството и винарството, каде што преку конкретни мерки уште повеќе треба да се развиваат овие два значјни сектора.
Системот на заштитата на географските индикации на виното во целост е усогласен со европското законодавство. Новиот закон за вино во овој дел предвидува тие да се заштитуваат на национално и меѓународно ниво, со заштитена ознака за потекло или заштитена географска ознака. Традиционалниот назив на виното, на национално и меѓународно ниво, се заштитува со традиционална ознака.
Вината со географска ознака ќе треба да исполнуваат одредени барања во однос на квалитет или геогравски карактеристики, односно да бидат произведени од грозје што потекнува исклучиво или во најголем дел од дефинираното географското подрачје и производството на вино се одвива во дефинираното географско подрачје. Во насока на заштита на географските индикации на виното областите погодни за производство на вино во законот се делат на региони и реони и виногорја, локалитети, месности.
Производството на вино со географска ознака ќе биде следено од сертификациони тела, кој процесот ќе го верифицираат во сите фази почнувајќи од самиот почеток на производство на грозје до производство на вино со географска ознака. Сите заштитени ознаки на потекло и нивните корисници ќе бидат регистрирани во соодветен регистар во МЗШВ.
Министерот Николовски упати благодарност до сите фактори во креиарањето на новиот закон за вино, лозарите и земјоделските здруженија, стручната и научната јавност и винарниците.
Новиот закон за вино заедно со десетгодишната стратегија за развој на винарството и лозарството трасираат нов пат и сигурен развој на двата сектора – винарство и лозарство, преку стабилно произвдоство на винско грозје со мотивирани лозари, потоа зголемен извоз на македонско вино и уште повисоко позиционирање на светската винска мапа, се наведува во соопштението на МЗШВ.