Економија
Кина ги повикува граѓаните да складираат основни залихи од храна во случај на итност
Кинеската влада им порача на граѓаните да направат залихи од храна во случај на итни ситуации, откако коронавирусот и обилните дождови предизвикаа повисоки цени на зеленчукот и ја зголемија загриженоста за можен недостиг.
Ваквата порака од Министерството за трговија предизвика загриженост на домашните социјални мрежи. И додека некои коментираат како дошло до ваква порака поради зголемените тензии меѓу Кина и Тајван, други коментираат дека ќе набават основни намирници: ориз, масло и сол.
„Штом дознав за оваа порака, сите постари луѓе во моја близина полудеа и панично почнаа да купуваат во супермаркетите“, напишал еден корисник на „Веибо“, пишува „Ројтерс“.
А локалните медиуми неодамна објавија листа на намирници и работи што треба да ги има секој дома: колачиња, инстант-тестенини, витамини, радио и батериски ламби.
Со оглед на тоа што пораката за залихите предизвика паника кај многу граѓани, државните медиуми се обидоа да ја смират ситуацијата, пишува „Ројтерс“, додавајќи дека „Економик дејли“ (The Economic Daily) објавил дека целта на таа порака е да се осигура дека граѓаните нема да останат без залихи доколку дојде до локдаун. Оттаму додаваат дека корисниците на социјалните мрежи имаат премногу имагинација и претеруваат. „Пиплс дејли“ објави дека министерството издава такви препораки секоја година, но дека оваа година го сториле тоа порано поради природните катастрофи, зголемените цени на зеленчукот и неодамнешните случаи на коронавирус.
„Ројтерс“ пишува дека екстремните временски услови на почетокот на октомври ги уништиле посевите во Шандонг, најголемиот регион каде што се одгледува зеленчук, но и дека новите случаи на Ковид-19 се закануваат за нарушување на снабдувањето со храна. Како што се наведува, минатата недела повеќе од двојно се зголемиле цените на краставиците, спанаќот и брокулата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Трипуновски: Рекорден трговски дефицит во 2023 година во износ од 436 милиони евра
Дополнителниот заменик-министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, преку фејсбук-објава извести за рекорден трговски дефицит во 2023 година за земјоделско-прехранбени производи во висина од 436 милиони евра.
„Рекорден трговски дефицит во 2023 година во износ од 436 милиони евра. Еве како СДС го уништува македонското земјоделство, Македонија со СДС стана земја увозно зависна од храна. Негрижата за македонските земјоделци и тотално погрешните земјоделски политики на СДС ги принудија земјоделците да го напуштат полето, а со тоа македонските граѓани да јадат увозни земјоделски производи, Македонија од земја извозник стана земја увозник на храна под власта на СДС. Земјоделците ќе имаат вистински партнер во новата влада на ВМРО-ДПМНЕ и заедно ќе го вратиме македонското земјоделство во онаа препознатлива состојба, а Македонија повторно ќе биде земја извозник на храна“, рече Трипуновски.
Економија
Надворешен долг, побарувања и меѓународна инвестициска позиција во четвртото тримесечје од 2023 година
Објавено е редовното статистичко соопштение за позначајните промени кај надворешниот долг, надворешните побарувања и меѓународната инвестициска позиција.
На крајот на четвртиот квартал од 2023 година:
На 31.12.2023 година, нето надворешниот долг изнесува 4.458 милиони евра (или 32,6% од проценетиот БДП). Нето надворешниот долг на земјата, во четвртиот квартал од 2023 година, е зголемен за 305 милиони евра, или за 7,3%. Од аспект на структурата, приватниот нето-долг и натаму има поголемо учество во вкупниот нето-долг со 67%.
Во текот на четвртиот квартал од 2023 година, негативната нето меѓународна инвестициска позиција (МИП) е зголемена за 160 милиони евра и изнесува 8.500 милиони евра, односно 62,2% од проценетиот БДП за 2023 година.
Најновото соопштение за позначајните промени кај надворешниот долг, надворешните побарувања и меѓународната инвестициска позиција е достапно на следниот линк.
Економија
Во вториот квартал од 2025 година стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот ќе остане 1,5 отсто, одржана седница на Советот на Народната банка
Советот на Народната банка, на својата редовна седница, одржана на 28 март 2024 година, врз основа на редовната квартална оцена на системските ризици, донесе одлука за задржување на стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот за изложеностите на банките во Република Северна Македонија во висина од 1,5%, којашто ќе се применува и во вториот квартал од 2025 година. Одлуката се заснова врз оцените за постепено стабилизирање на нагорните циклични системски ризици и постојана стабилност на банкарскиот систем. Исто така, ги зема предвид условите од окружувањето коешто и натаму е неизвесно и придружено со ризици, што е причина за претпазливо спроведување на макропрудентните мерки заради натамошно јакнење на отпорноста на банкарскиот сектор. Со одржувањето на стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот се придонесува за спречување и за намалување на можните ризици.
Народната банка ќе продолжи со внимателно следење на системските ризици и ќе ја преоценува висината на стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот на редовна квартална основа. Притоа, имајќи ја предвид природата на противцикличниот заштитен слој на капиталот и насоките на релевантните европски институции, Народната банка може да ја оцени потребата за зголемување на стапката, при раст на ризиците и неизвесностите од окружувањето, во услови на поволни остварувања на банките. Во случај, пак, на значително остварување на ризиците во билансите на банките, може да се оцени и потребата од делумно или целосно ослободување на овој заштитен слој на капиталот, како поддршка во работењето на банките при евентуални неповолни сценарија.
Советот на Народната банка на седницата разгледа и други материјали поврзани со работата на централната банка.