Економија
Ковачевски: Го зголемуваме производството на стратешки земјоделски производи и ја намалуваме увозната зависност од пченица
Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, на седницата за пратенички прашања во Собранието соопшти дека Владата ги обезбеди основните прехранбени производи, но и за прв пат една Влада, по многу години, се фокусира на домашно производство на стратешките земјоделски производи, со цел намалување на увозната зависност од храна.
„Во државата беше воведен концепт на субвенционирање со којшто годишно се инвестираа кај земјоделците и по 8-9 милијарди денари, но производството на храна 15 години се намалува и тоа во стратешките култури. Порастот на цените на овие стратешки култури на светските берзи, како резултат на војната, на вештачките ѓубрива за 300 проценти, со оглед дека нивното производство е најголемо во завојуваните земји, ја исправи Владата пред одговорност да обезбеди, прво, непречено снабдување со храна, со основни продукти и второ, максимално да го зголеми производството на храна во државата. За таа цел донесен е план за производство на храна со Интервентен фонд, 400 милиони денари годишно за земјоделците при набавка на ѓубриво, со цел започнување на производството со намалени трошоци и дополнителни субвенции за остварен принос со цел зголемено домашно производство“, посочи премиерот Ковачевски.
Тој објасни и како ќе се обезбеди поголемо домашно производство на стратешките култури.
„Преку посебен Национален план за поддршка на производството на храна, ќе го зголемуваме производството на стратешките земјоделски култури. Тој содржи мерки, со цел да имаме одржливо и зголемено производство на стратешки земјоделски производи и полјоделски култури и коишто ќе бидат доставувани и одобрувани од страна на Владата. Во рамките на овој План од 400 милиони денари, што до крајот на година ќе изнесува 600 милиони денари, за секој еден хектар пченица земјоделците ќе добијат 4.000 денари за вештачко ѓубриво и ако остварат принос од 4.000 килограми по хектар, добиваат дополнителна субвенција добиваат 5.700 денари. Кај сончогледот добиваат 2.500 денари по хектар за вештачко ѓубриво и 5.700 денари дополнителна субвенција, доколку остварат принос од 1.5 тони по хектар и истиот го предадат во преработувачките капацитети. Ова ги мотивира земјоделците да произведуваат, но и да остваруваат повисоки приноси. Со тоа ќе ја намалиме увозната зависност на државата од пченица“, порача премиерот Ковачевски.
Во делот на сточарството, тој рече дека е обезбедена интервентна субвенција од 400 денари по грло за предадено јагне во регистрирани кланични капацитет и интервентна субвенција од 1.500 денари по грло за гоеници со тежина над 90 килограми, а се воведува и нова интервентна субвенција од 60 денари за производство конзумни јајца. Националниот план за производство на храна, како што објасни премиерот, содржи и зголемување на површините за производство на стратешки култури.
„За таа цел секоја педа обработливо земјиште ќе ја ставиме во функција на земјоделско производство на стратешки култури и за тоа во тек е наменски јавен оглас за доделување на речиси 6.000 хектари за зголемување на производството на житни култури“, додаде премиерот Ковачевски.
Тој рече дека и во останатите области на земјоделството исто така се обезбедени финансиски средства: за набавка на високо педигриран добиток, над 253 милиони денари; изградба на нов затворен систем за наводнување на Селска река Конопница; исплата на субвенции за продадено млеко; субвенции за полјоделците; ИПАРД 3 програмата, при што 60 проценти поголем износ е од ИПАРД 2 програмата (35 милиони евра со првиот јавен повик од ИПАРД оваа година) можност за нови инвестиции, предкофинасирање на инвестиции од 30 проценти до 50 проценти; објавен е и огласот за капитални субвенции за развој на плански региони од областа на земјоделството и рурален развој: веќе се склучени 110 договори од јавен повик од ИПАРД; исплатени се субвенции за лозарите во вредност од 9.4 милиони евра; објавен е јавен повик за неповратна финансиска поддршка од Програмата за фиксирање на микро земјоделски производители на вино во износ од 600.000.000 денари.
Премиерот Ковачевски упати апел до пратениците во Парламентот да придонесат, тутунарите побрзо да ги добијат субвенциите.
„Во однос на тутунот, обработката на тутунот е во завршна фаза, во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство се финализираат калкулациите, износот е некаде над една милијарда денари и сè е подготвено за исплатата, освен што во Собранието треба да се направи една измена на Законот за земјоделство и рурален развој, којашто измена е заглавена во втор читање – измената се прави секоја година, со цел да се избрише обврската да поднесуваат земјоделците потврда за платен ДДВ во УЈП. Ги замолувам пратениците што побрзо да ја завршат оваа законска измена за да започне исплатата на субвенциите за тутунарите“, повика премиерот Ковачевски на седницата за пратенички прашања во Собранието на Република Северна Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Ангеловска-Бежоска на Пролетните средби на ММФ и СБ: Носителите на политики ќе дискутираат за состојбите и перспективите во економијата
Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, и заменик-министерот за финансии, Филип Николоски, ја предводат нашата делегација, која учествува на Пролетните средби на групацијата на Светскатa банка (СБ) и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во Вашингтон, САД. Во делегацијата на Народната банка на овие средби ќе земе учество и вицегувернерот Фадил Бајрами.
Гувернерката Ангеловска-Бежоска и вицегувернерот Бајрами на претстојните Пролетни средби ќе одржат состаноци со заменик-директор на Меѓународниот монетарен фонд, Бо Ли, со директорот на ММФ за Европа, Алфред Камер, како и со извршниот директор на ММФ и алтернативниот извршен директор, Пол Хиберс и Лук Дресе. На состаноците со високите претставници на ММФ ќе стане збор за економските состојби во нашата земја и поставеноста на монетарната политика, којашто придонесе за стабилизирање на инфлацијата. Делегацијата на Народната банка, предводена од гувернерката, ќе оствари средба и со претставниците на одделите за статистика и за монетарни и капитални пазари при Меѓународниот монетарен фонд, на која ќе се споделат досегашните достигнувања и резултати од заемната успешна соработка.
Во рамките на Пролетните средби, Ангеловска-Бежоска ќе одржи состаноци и со високи претставници на Светската банка, заменик-претседателката на СБ, Антонела Басани и со извршниот директор на СБ за Конституенцата во која членува нашава земја, Јуџин Ругенаат. Исто така, делегацијата на Народната банка ќе учествува и на редовниот состанок на земјите членки на Конституенцата.
Одржувањето на Пролетните средби секоја година на едно место ги собира носителите на политиките, односно првите луѓе на централните банки и министрите за финансии од земјите членки, кои ќе разговараат за политиките и финансиските реформи во насока на остварување на целите за одржлив раст (SDG), особено поврзани со климатските промени и родовата еднаквост.
Економија
Трипуновски: Ги потпишав првите 16 договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост
Дополнителниот замени министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски на својата фејсбук страна објави дека ги потпишал првите 16 договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост.
Во својата објава Трипуновски вели: „Почитувани земјоделци, штотуку ги потпишав првите 16 договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост, нека е аирлија!“
Трипуновски во неколку наврати ја алармираше јавноста дека во Република Македонија постојат договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост кои истекуваат оваа година, но на истите не им е овозможено продолжување и дека Николовски го кочи продолжување со образложение дека се потребни законски измени на законот за земјоделско земјиште.
„Сепак на крајот успеавме да го реализираме нашиот предлог за разрешница на овој проблем по многу побрза и поедноставна постапка, наспроти тврдењата на министерот Николовски кој постојано, од непознати причини, тврдеше дека се потребни измени на законот за земјоделско земјиште и дека со анексирање на договорите не се решава овој проблем. Со ова само се докажа дека Николовски повторно ве лаже како што тоа го прави изминативе 7 години“, дополни Трипуновски.
Позитивно е тоа што овој голем проблем доби решение и засегнатите земјоделци конечно ќе можат да ги продолжат своите договори согласно законските регулативи. Со ова Трипуновски покажа дека ќе биде предводник во промените и решавањето на проблемите во македонското земјоделство.
„ВМРО-ДПМНЕ секогаш било и ќе биде на страната на македонските земјоделци, доколку ние не го изнесовме овој проблем во јавноста, СДС и Николовски никогаш немаше да ги продолжат овие договори на вредните македонски земјоделци или пак тоа ќе го правеа селективно и повторно земјоделското земјиште ќе завршеше кај луѓе што не се земјоделци или истото ќе го трансформираа за плантажи со фотоволтаици. ВМРО-ДПМНЕ секогаш ќе може гордо и со крената глава да биде помеѓу светиниколчани и сите земјоделци во Република Македонија“, заврши Трипуновски во својата објава.
Економија
Народна банка: Основната каматна стапка се задржува на нивото од 6,30 отсто
На 16 април 2024 година се одржа редовна седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка, на која беа разгледани најновите податоци и информации за глобалната и за домашната економија и најновите случувања на меѓународните и на домашните финансиски пазари во контекст на поставеноста на монетарната политика.
На седницата на Комитетот беше оценето дека тековнaта поставеност на монетарната политика е соодветна на условите во економијата. Така, каматната стапка на благајничките записи останува на нивото од 6,30%, а каматните стапки на депозитите преку ноќ и на 7 дена на нивоата од 4,20% и 4,25%, соодветно. Понудата на благајнички записи на редовната аукција е исто така непроменета и изнесува 10 милијарди денари. И натаму се очекува дека тековното ниво на каматните стапки, заедно со досегашните промени кај задолжителната резерва и преземените макропрудентни мерки ќе придонесат за натамошно забавување на инфлацијата и за задржување на стабилноста на девизниот курс. Притоа, последните промени кај инструментот задолжителна резерва, чијашто примена започнува од јуни 2024 година, значат и дополнителна поддршка на прудентниот карактер на монетарната политика, извести Народната банка.
Во услови на стабилен девизен пазар, главниот акцент при носењето на одлуката за задржување на тековната поставеност на монетарната политика беше ставен на потребата од стабилизирање на инфлацијата на историски ниските нивоа и инфлациските очекувања на потрајна основа, имајќи ги предвид присутните ризици, коишто во голема мера се поврзани со геополитичките тензии. Имено, инфлацијата очекувано забрза во март 2024 година на 4% на годишно ниво (3% во февруари), со оглед на престанокот на важноста на мерките за гарантирани цени на дел од прехранбените производи и пијалаци и за укинување/намалување на дел од увозните давачки. Сепак, остварувањето е под проекцијата на Народната банка, при значително намален притисок од цените на храната и енергијата, но и пониски ценовни притисоци од помалку променливите категории во првиот квартал, во согласност и со преземените монетарни мерки. Цените на примарните производи на берзите и натаму надолно се приспособуваат, со исклучок на нафтата којашто има одредени флуктуации. Остварувањата кај инфлацијата од почетокот на годината се пониски од очекувањата, но нивото сѐ уште е над историскиот просек, а ризиците во однос на идната динамика на цените и натаму постојат. Оттука, беше оценето дека е потребна натамошна претпазливост при водењето на политиките, вклучително и на политиките што делуваат врз побарувачката во економијата. Во однос на политиката на Европската централна банка (ЕЦБ), на последната седница во април повторно беше донесена одлука за задржување на основните каматни стапки на истото ниво.
Состојбата на девизниот пазар е стабилна и движењата се поволни. Нивото на девизните резерви на крајот на март изнесува 4.287,1 милион евра, што е соодветно за задржување на стабилноста на курсот на домашната валута. Движењата на девизниот пазар се поволни и придонесуваат за интервенции со нето-откуп на девизи од страна на Народната банка, при умерено намалена нето-побарувачка од корпоративниот сектор и натамошен висок прилив на девизи на менувачкиот пазар. Во однос на последните расположливи податоци од надворешниот сектор, трговскиот дефицит во првите два месеца од 2024 година е малку повисок од очекувањата според октомврискиот циклус проекции. Остварувањата на менувачкиот пазар заклучно со март се малку пониски од проектираните нето-приливи од приватните трансфери.
Остварениот економски раст во последниот квартал на 2023 година, како и за целата година, е под проектираниот, што упатува на посилно забавување на економскиот раст од очекуваното. Имено, реалниот раст на домашната економија во 2023 година изнесува 1%, при раст на БДП во четвртиот квартал од годината од 0,9% на годишна основа. Високофреквентните податоци за првиот квартал од 2024 година со кои се располага упатуваат на годишен раст кај индустриското производство и угостителството, при мал реален годишен пад на прометот во вкупната трговија и кај градежништвото. Сепак, расположливоста на податоците е ограничена и не е доволна за попрецизна оцена. Во однос на ризиците за растот во следниот период, тие и натаму постојат и се поврзани пред сѐ со случувањата во надворешното окружување, но и со интензитетот на остварувањето на домашните инфраструктурни проекти.
Во монетарниот сектор, според првичните податоци за март 2024 година, депозитите растат со слична динамика како и претходниот месец, но малку посилно од очекувањата. Од друга страна, кредитната активност на банките умерено забавува, но годишниот раст е малку над проекциите за првиот квартал.
Сѐ на сѐ, амбиентот за водење на монетарната политика е умерено поповолен од очекувањата. Сепак, ризиците кај инфлацијата наметнуваат потреба од натамошно внимателно следење на динамиката и факторите на инфлацијата и претпазливост во однос на водењето на макроекономските политики коишто влијаат врз побарувачката во економијата, вклучително и преку пазарот на труд каде што има високи стапки на реален раст на платите. Народната банка и натаму е подготвена да ги употреби сите неопходни инструменти и да презема соодветни мерки со коишто ќе се придонесе за задржување на стабилноста на девизниот курс, стабилизирање на инфлациските очекувања и за ценовна стабилност на среден рок, соопшти НБ.