Економија
Ковачевски: Со дијалогот со бизнис-заедницата и со граѓаните ќе ја надминеме и оваа криза како победници
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, на покана на Стопанската комора на северозападна Македонија, денеска се обрати на настанот „Тркалезна маса – дискусија меѓу бизнисмените и Владините претставници“ на која учествуваа членови на управниот одбор на комората и претставници на компаниите членки на оваа деловна асоцијација.
„Дијалогот меѓу владините институции и бизнис-заедницата во време на сериозна глобална економска криза е неопходно и секогаш добредојдено. Ние тој дијалог го започнавме уште на самиот почеток, не на оваа, туку со претходната Влада како суштински, а не монолог. Низ таков дијалог успеавме да излеземе како победници од корона-кризата и со помош на сите ваши мислења ќе излеземе како победници и од оваа енергетска и воена криза која е предизвикана од нападот на Русија на Украина“, истакна премиерот Ковачевски.
Во таа насока премиерот Ковачевски посочи дека за соочување со новата криза предизвикана со војната во Украина, Владата подготви пакет од 26 мерки, вреден 400 милиони евра, односно 615 милиони евра со другите антикризни мерки од изминатиот период, што претставува висок буџетски придонес наменет за граѓаните и за стопанството.
„Најголемиот дел од мерките ги проектиравме да одат преку Развојната банка на Северна Македонија (РБРСМ) и преку комерцијалните банки бидејќи имаме здрав банкарски сектор. Преку РБРСМ ќе се поддржи ликвидноста на компаниите преку субвенционирање на каматната стапка од страна на државата и со финансиска поддршка преку директно кредитирање на компаниите преку оваа банка, а предвидена е и финансиска поддршка преку комерцијалните банки со бескаматни кредити за обртни средства. Оваа мерка ќе значи подобрување на ликвидноста на компаниите при што Владата ќе ја субвенционира каматната стапка од 3,2% – 4% годишно, а крајните корисници би користеле кредити за обртни средства без каматен трошок“, образложи претседателот на Владата Ковачевски.
За поддршка на овие мерки, рече Ковачевски имаме стабилен и комплетно ликвиден буџет, како и потврден кредитен рејтинг од страна на сите рејтинг агенции и меѓународните финансиски институции со коишто сме во постојана комуникација, а прибирањето на даноците е на повисоко ниво и од 2020, од 2021 година, па дури и од 2019 година којашто е предкризна година.
„Во однос на комуникацијата со НБРМ, и таа се одвива на дневна основа, денарот е стабилен. Државните резерви се на највисоко ниво, а банкарскиот систем е исклучително високо капитализиран што овозможува да на долг рок ја одржиме нашата основа на финансискиот систем, а тоа е стабилен денар кој што е врзан со еврото и за тоа не постојат никакви проблеми во овој момент“, истакна Ковачевски.
Во завршницата на своето обраќање премиерот Ковачевски потенцираше дека Владата будно ги следи сите движења кои што се случуваат на светскиот пазар и на полето на безбедносната ситуација во Украина, и како земја со јасна ориентација во евроатлантските интеграции се носат одлуки за да му се помогне на украинскиот народ и држава, и што побргу да се запре војната и да се нормализираат односите во светот во интерес на сите граѓани.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.