Економија
Колемишевски: Со мерката „Мој ДДВ” за две тримесечија кај граѓаните се вратени 6.9 милиони евра
За само две тримесечја, преку мерката „Мој ДДВ“ граѓаните остварија поврат на близу 6,9 милиони евра, изјави на прес-конференција, Кирил Колемишевски, претседател на Комисија за економија на СДСМ.
Веќе следниот месец, односно во февруари 2020 година, започнува исплатата на 3,7 милиони евра за поврат на ДДВ за месеците октомври, ноември и декември. Претходно, за првото тромесечје беа исплатени над 3 милиони евра за првиот квартал односно за месеците јули, август и септември.
Оваа мерка, вели Колемишевски, оосвен што обезбедува дополнителен приход во семејствата, значително влијае и врз намалување на даночната евазија и зајакнување на даночната дисциплина. Според податоците што ги пренесе, во периодот од јули до ноември минатата година, просечно месечно скенирани се по осум милиони фискални сметки. Сега, само во декември 2019 година, скенирани се 12,5 милиони фискални сметки, односно постои раст од над 53 проценти.
„Овде треба да се истакне и за поголемата наплата на ДДВ, односно во декември растот на наплатата на ДДВ изнесува 12 проценти, додека наплатениот ДДВ од скенираните сметки бележи раст од 59 проценти. Исто така, во моментов има преку 200.000 корисници на апликацијата МОЈ ДДВ, што е уште еден доказ дека граѓаните веруваат во оваа мерка и дека овие граѓани ќе добијат повеќе пари во нивниот буџет. Граѓаните масовно стануваат партнери на државата и Управата за јавни приходи во борбата со сивата економија“, рече Колемишевски.
Додаде дека се зголемува наплатата на ДДВ, расте бројот на нови корисници кои започнуваат со скенирање и сериозно расте бројот на скенирани фискални сметки.
„Гледаме и слушаме дека оваа мерка ја омаловажуваат и ја напаѓаат. На тие негативни и несфатливи коментари, би сакал да возвратам. Дали се малку 1.000 или 1.500 денари за вас кои коментирате? Не сакате ли македонскиот народ да има пополни фрижидери? Сакате ли македонскиот народ да нема доволно пари за сметки? Не сакате ли вашите сограѓани да имаат поубав и порелаксиран живот? Колку и да се обидувате да ја оцрнувате македонската економија и да ги напаѓате политиките на Социјалдемократскиот Сојуз на Македонија, нема да ви успее. Нема да ви успее бидејќи фактите си го говорат своето, мерките се функционални, а македонските граѓани добиваат пари назад од државата“, истакна претседателот на Комисија за економија на СДСМ.
Тој оцени дека економските политики на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија даваат реални и видливи резултати, а преку одговорен, домаќински пристап, обезбедивме можности сѐ повеќе пари да завршуваат назад кај граѓаните.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Трипуновски: Јаболкото во Ресен ќе остане неоткупено поради големиот увоз на странско јаболко во Македонија
Дополнителниот заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски денес е во работна посета на Ресен каде што оствари работни средби со овоштарите од овој регион.
„Овоштарите од Ресен претрпуваат големи губитоци заради погрешните политики на СДС и големиот увоз на странско јаболко во Република Македонија. Согласно податоците, додека ресенското јаболко стои неоткупено, од 1 септември 2023 година до сега во Македонија се влезени околу 4 милиони килограми јаболко што е главна причина што ресенчани ги преживуваат најцрните денови во историјата на овоштарството во Македонија“, изјави Трипуновски.
Како поголеми проблеми на земјоделците од Ресенскиот регион, Трипуновски ги посочи неисплатените субвенции како и неисплатените штети од природните непогоди од пред некоја година, откупно-дистрибутивниот центар којшто требаше да биде завршен во 2023 година сѐ уште не е ни започнат со градба.
„Цврсто им ветив дека идната Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ има сериозен план и конкретни мерки со кои ќе се стави крај на маките на ресенчани“, заврши Трипуновски.
Економија
Ангеловска-Бежоска на Пролетните средби на ММФ и СБ: Носителите на политики ќе дискутираат за состојбите и перспективите во економијата
Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, и заменик-министерот за финансии, Филип Николоски, ја предводат нашата делегација, која учествува на Пролетните средби на групацијата на Светскатa банка (СБ) и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во Вашингтон, САД. Во делегацијата на Народната банка на овие средби ќе земе учество и вицегувернерот Фадил Бајрами.
Гувернерката Ангеловска-Бежоска и вицегувернерот Бајрами на претстојните Пролетни средби ќе одржат состаноци со заменик-директор на Меѓународниот монетарен фонд, Бо Ли, со директорот на ММФ за Европа, Алфред Камер, како и со извршниот директор на ММФ и алтернативниот извршен директор, Пол Хиберс и Лук Дресе. На состаноците со високите претставници на ММФ ќе стане збор за економските состојби во нашата земја и поставеноста на монетарната политика, којашто придонесе за стабилизирање на инфлацијата. Делегацијата на Народната банка, предводена од гувернерката, ќе оствари средба и со претставниците на одделите за статистика и за монетарни и капитални пазари при Меѓународниот монетарен фонд, на која ќе се споделат досегашните достигнувања и резултати од заемната успешна соработка.
Во рамките на Пролетните средби, Ангеловска-Бежоска ќе одржи состаноци и со високи претставници на Светската банка, заменик-претседателката на СБ, Антонела Басани и со извршниот директор на СБ за Конституенцата во која членува нашава земја, Јуџин Ругенаат. Исто така, делегацијата на Народната банка ќе учествува и на редовниот состанок на земјите членки на Конституенцата.
Одржувањето на Пролетните средби секоја година на едно место ги собира носителите на политиките, односно првите луѓе на централните банки и министрите за финансии од земјите членки, кои ќе разговараат за политиките и финансиските реформи во насока на остварување на целите за одржлив раст (SDG), особено поврзани со климатските промени и родовата еднаквост.
Економија
Трипуновски: Ги потпишав првите 16 договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост
Дополнителниот замени министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски на својата фејсбук страна објави дека ги потпишал првите 16 договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост.
Во својата објава Трипуновски вели: „Почитувани земјоделци, штотуку ги потпишав првите 16 договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост, нека е аирлија!“
Трипуновски во неколку наврати ја алармираше јавноста дека во Република Македонија постојат договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост кои истекуваат оваа година, но на истите не им е овозможено продолжување и дека Николовски го кочи продолжување со образложение дека се потребни законски измени на законот за земјоделско земјиште.
„Сепак на крајот успеавме да го реализираме нашиот предлог за разрешница на овој проблем по многу побрза и поедноставна постапка, наспроти тврдењата на министерот Николовски кој постојано, од непознати причини, тврдеше дека се потребни измени на законот за земјоделско земјиште и дека со анексирање на договорите не се решава овој проблем. Со ова само се докажа дека Николовски повторно ве лаже како што тоа го прави изминативе 7 години“, дополни Трипуновски.
Позитивно е тоа што овој голем проблем доби решение и засегнатите земјоделци конечно ќе можат да ги продолжат своите договори согласно законските регулативи. Со ова Трипуновски покажа дека ќе биде предводник во промените и решавањето на проблемите во македонското земјоделство.
„ВМРО-ДПМНЕ секогаш било и ќе биде на страната на македонските земјоделци, доколку ние не го изнесовме овој проблем во јавноста, СДС и Николовски никогаш немаше да ги продолжат овие договори на вредните македонски земјоделци или пак тоа ќе го правеа селективно и повторно земјоделското земјиште ќе завршеше кај луѓе што не се земјоделци или истото ќе го трансформираа за плантажи со фотоволтаици. ВМРО-ДПМНЕ секогаш ќе може гордо и со крената глава да биде помеѓу светиниколчани и сите земјоделци во Република Македонија“, заврши Трипуновски во својата објава.