Економија
Колкава плата треба да земат вработените што се на принуден одмор поради коронавирусот?
Во врска со интересот на јавноста за надоместоците на работниците на плата, Министерството за труд и социјална политика информира дека Законот за работните односи со член 112 ги дефинира случаите кога на работникот му се исплатува надоместок на плата.
Во согласност со одредбата работникот има право на надоместок на платата за целото време на отсуство, а висината на надоместокот не е ист за сите ситуации. Во став 10 од член 112 предвидено е дека во случај на прекин на работниот процес од деловни причини работодавецот е должен на работникот да му издаде решение и да му плати 70 проценти од платата и тоа најмногу до три месеци во тековната година.
Ова значи дека во услови на намалување на прометот, намалување на обемот на работа, работодавецот има потреба и право на реорганизација на работниот процес со цел да не дојде до отпуштање на вработените, при што некои од вработените може да ја реализираат работната обврска, а работниците што не може да вршат работни обврски или, пак, е намален обемот на работата кај работодавецот, тие може да го користат институтот – принуден одмор.
Во случај на потреба од користење принуден одмор, работодавецот е должен на работникот да му се издаде соодветно решение, обврска предвидена во согласност со член 112 став 10 од Законот за работните односи, како и да му плати надоместок на плата од 70 проценти од платата за период до три месеци во тековната година.
Надоместокот на плата за време на принуден одмор е утврден и во Општиот колективен договор за вработените во приватниот сектор од областа на стопанството (член 32).
Со истиот член од Законот за работните односи, член 112, став 7, превидено е ако работникот нема можности да ја врши работата поради виша сила, а за да не настане престанок на работниот однос, работодавецот може да им исплати надоместок во висина од 50 проценти од платата.
Во Законот не се пропишани други услови и дефинирање на поимот виша сила.
За поимот виша сила во правната литература е познато дека настанува од надворешни влијанија кои не може да се предвидат, не може да се избегнат или отстранат од страна на работодавецот.
Со други зборови, оваа ситуација не зависи од волјата на субјектот на кој настан тој би можел да влијае.
„Во согласност со наведеното, а имајќи ги предвид неколкуте одлуки на Владата на Република Северна Македонија, со кои целосно се забрани работата на правните субјекти во одредени дејности, а заради спречување внесување и ширење на коронавирусот Ковид-19, потребно е истата ситуација да се смета како виша сила. Во тој случај, за да им не престане работниот однос на работниците, работодавецот може да ја користи одредбата од член 112 став 7 и на работниците за периодот додека не постојат можности за работа (поради одлуките на Владата) да им исплати надоместок во висина од 50 проценти од платата“, се наведува во соопштението на МТСП.
И во двата случаја на примена на наведените одредби од Законот за работните односи, додаваат од таму, интерес имаат и работниците и работодавците. Со тоа работниците ги задржуваат работните места, а работодавците ќе имаат можност да ги користат мерките на Владата на Република Северна Македонија за разните видови поддршка под разни услови и критериуми утврдени со соодветните уредби со законска сила.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.