Економија
Комората на сметководителите бара продолжување на роковите за годишните сметки и финансиските извештаи
Пролонгирање на роковите за поднесување годишни сметки и финансиски извештаи преку законски измени на Законот за трговските друштва со цел подобрување на квалитетот на финансиското известување да бидат дел од економските мерки за петтиот пакет, бара Комората на сметководителите при Сојузот на стопанските комори на Македонија. Според роковите утврдени во Законот за трговските друштва, годишната сметка се доставува до Централниот регистар до крајот на февруари наредната година во хартиена форма или до 15 март во писмена форма.
„Роковите пропишани со Законот за трговските друштва се исклучително кратки во споредба со која било друга земја во регионот и пошироко. За споредба, во соседните Бугарија и Србија извештаите се поднесуваат до 30 јуни, во Хрватска до 30 април, во Германија до 31 март за големи ентитети и до 30 јуни за малите претпријатијата, во Франција и Шведска до 31 јули итн. Дополнителен проблем што се јави во 2020 година, поради ширењето на негативните ефекти од здравствено-економската криза, е тоа што огромен број сметководители и овластени сметководители како лица на чиј товар паѓаат подготовката на годишната сметка и финансиските извештаи, од здравствени и други причини беа оневозможени непречено да ги извршуваат своите активности. Поради тоа, се јавија големи застои при обработката на документите и нивната евиденција во сметководствените евиденциски системи. Нашето барање е рокот за поднесување на годишните сметки да се пролонгира до 30 април за хартиено поднесување, односно 15 мај за електронско подесување“, изјави Благоја Грозданов, член на Управниот одбор на Комората на сметководителите.
Тој вели дека навременоста е еден од главните ограничувачки фактори за обезбедување веродостојни и релевантни информации, а како проблем во финансиско известување го препознава и Одборот за меѓународни сметководствени стандарди, кој зборува за потреба да се воспостави баланс меѓу релативната важност на навременото известување и обезбедувањето веродостојни и релевантни информации за да се задоволат потребите на корисниците за донесување економски одлуки.
„Така, доколку се пролонгираат екстремно рестриктивните рокови кои се пропишани со Законот за трговските друштва, ќе се зголеми квалитетот на презентираните податоци во годишните сметки и финансиските извештаи. Преку законски измени проблемите со кои се соочуваме при секое поднесување на извештаите ќе бидат системски надминати“, потенцира Грозданов.
Комората повикува и на реализирање на најавата за формирање работна група за подготовка на Законот за вршење на сметководствените работи, со што, како што велат, треба да се надминат неповолните состојби во професијата, но и да се даде придонес кон унапредување на деловното окружување во земјата.
„Регулирањето на оваа професија на соодветен начин ќе даде значаен придонес и кон поефикасна борба против сивата економија. Воедно, бараме повлекување на сегашното решение, кое на перфиден начин вметнува член со кој се дозволува странци да работат во Македонија, но не и нашите професионалци да имаат можности интернационално“, рече Александра Андреева, член на Управниот одбор на Комората на сметководителите.
Таа потенцира дека наместо вистински залагања за уредување на професијата што ангажира околу 10.000 професионалци, структури од Министерството за финансии континуирано се обидуваат да донесат законски измени со кои само поединци имаат личен бенефит и профит, а професијата дополнително се загрозува.
Комората на сметководителите исто така бара еднократна неповратна помош за правните субјекти кои како дејност вршат сметководствени работи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.