Економија
Конфедерацијата на слободни синдикати го промовираше механизам за вонсудско решавање на работните спорови
Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија – КСС, го промовираше механизамот за мирно решавање на работните спорови, по мирен, вонсудски пат, со помош на помирувaч, односно арбитер, пред своите членови.
Со воспоставениот механизам за успешно надминување на колективните или индивидуалните работни спорови се создава поголема законска сигурност и ефикасни процедури кои се од интерес на сите засегнати страни. Законот за мирно решавање на работните спорови стапи на сила во 2015 година, а сега се создадени и условите за негово ефективно применување. Во рамки на проектот Унапредување на социјалниот дијалог¸ а со целосна поддршка и соработка со Министерството за труд и социјална политика, и социјалните партнери, се овозможи подготовка на програма за обука, интензивна обука на помирувачи и арбитри, во која беа обучени 90 кандидати, а 50 од нив се здобија и со официјална лиценца од Министерството за труд и социјална политика. Постапката на мирно решавање работни спорови, е доброволна, им помага на страните во спорот на полесен, побрз и финансиски поисплатлив начин да дојдат до компромис, односно до решение за одреден проблем.
„Уште од самото формирање во 2005 година КСС го промовираше овој модел за мирно решавање на споровите и се залагаше за поефективна примена на арбитражата како своја заложба и идеја. Како резултат на огромното залагање и одличната работа на сите партнери вклучени во реализацијата на проектот, земјата доби нов механизам кој треба да им овозможи на лиценцираните помирувачи и арбитри ефикасно да ја применуваат законски утврдената постапка за мирно решавање на работните спорови, од што полза ќе имаат пред сè работниците и работодавачите, но и земјата во целина“, изјави претседателот на КСС, Благоја Ралповски.
Се информираше и дека во рамките на Министерство за труд и социјална политика е воспоставен електронски систем за управување со случаите, кој вклучува и регистар на лиценцирани помирувачи и арбитри, со што треба да се овозможи прецизно, навремено и поедноставно управување со работните спорови, од нивното иницирање, до нивното разрешување.
Настанот имаше и едукативен карактер за членството со цел тие да бидат подобро информирани и запознаени со правата и можностите. Се наведе дека Помирувач е лице што им дава помош на страните во колективниот спор со цел да склучат спогодба за решавање на спор, по повод склучување, измена, дополнување или примена на колективен договор, остварување на правата на синдикално организирање и штрајк.
Арбитер е лице, трета независна страна, кое врз основа на фактите и аргументите на двете страни (работник и работодавач) во спорот донесува обврзувачко решение, поврзано со предметот како откажување договор за вработување или неисплата на плата. Министерството за труд и социјална политика ги покрива целокупните оправдани трошоци на постапката за мирно решавање на работните спорови.
Настанот беше во организација на проектот Унапредување на социјалниот дијалог, кој го финансира Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот, како дел од промотивната кампања за синдикатите. Досега, во рамки на овој проект, Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија доби техничка поддршка во зајакнување на капацитетите за колективно договарање, претставување на конфедерацијата и привлекување нови членови./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.