Економија
Кузеска: Поддршка од над 9 милиони денари за угостителите со шестиот пакет мерки
Со шеститот пакет мерки обезбедуваме поддршка од 9.9 милиони евра за над 6.000 угостители кои вработуваат над 17.000 лица, истакна на прес-конференција портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
„На сите угостителите ќе им бидат покриени 30 проценти од приходите, износ којшто ќе се пресметува како просек од просечниот месечен приход во 2019 и 2020 година, на кој ќе се аплицираат деновите во кои овие дејности беа затворени“, изјави Кузеска.
Дополнително, сите регистрирани угостителски објекти ќе добијат 15.200 денари финансиска поддршка по вработен, заклучно со 6 април 2021 година.
На ист принцип со исти критериуми, со 2,5 милиони евра ќе се поддржат околу 1200 компании, категоризирани како ресторани за свадби, евент индустријата, игротеки, ноќните клубови, приватните детски одморалишта, фитнес-центри, фотографи и фотографски студија.
Според најавеното, на овие компании исто ќе им бидат покриени 30 отсто од приходите, износ којшто ќе се пресметува како просек од просечниот месечен приход во 2019 година, а дополнително ќе добијат поддршка од 15.200 денари по вработен, заклучно со 31.12.2020 година.
Со шестиот пакет мерки со 1,4 милиони евра ќе бидат поддржани и туристичките агенции, притоа туристичките агенции со А лиценца ќе добијат до 5.000 евра, а туристичките агенции со Б лиценца ќе добијат до 2.000 евра.
Дополнително, во пресрет на туристичката сезона, како поддршка и помош за домашниот туризам, како и за угостителска дејност, ќе се овозможат бесплатни 50.000 ПЦР-тестови за странските туристи кои престојуваат во државата.
Во вој шести пакет антикризни мерки е предвидено финансиска поддршка од 30.750 денари да добијат сите музичари, членови на здруженијата на музичари како и лиценцирани туристички водичи, кои во текот на 2020 година имале просечен месечен нето приход под 15.000 денари.
Со бескаматна кредитна линија преку Развојната банка од 1 милион евра, согласно овој пакет мерки ќе се поддржат медиумите кои емитуваат радио и телевизиска програма.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.