Економија
Македонскиот ИТ-пионер „Еконет“ станува дел од реномираната ИТ-компанија „Синами“
Од април 2021 година една од постарите ИТ-компании „Еконет“ се спојува кон визијата на реномираната ИТ-компанија „Синами“, која веќе 20 години успешно дејствува на домашниот, но и на меѓународните пазари. Спојувањето кон визијата доаѓа по најавите на „Синами“ за нејзин раст и проширување како во бројот на вработени така и за развој на нови напредни софтверски решенија и продукти.
Зад двете компании стои искусен тим од ИТ-професионалци, а од „Синами“ и „Еконет“ велат дека спојувањето отвора нови можности и перспективи за освојување нови меѓународни пазари, особено имајќи го предвид исклучително големиот потенцијал што индустријата го нуди.
„Проширувањето на ‘Синами’, која од неодамна функционира како самостоен бренд, е само логична последица на нашата бизнис-стратегија за раст на компанијата. Имаме навистина огромен потенцијал и верувам дека овој чекор само дополнително ќе придонесе за исполнување на нашата амбициозна визија за развој. Располагаме со силни човечки ресурси, односно добро подготвен и мотивиран кадар со повеќедецениско искуство, кому сега му се придружува и нов тим од висококвалификувани ИТ-професионалци, па сигурен сум дека со овој состав ќе го одржиме растот што веќе го имаме во Европа и Северна Америка, но и ќе продолжиме со освојување нови пазари“, истакна Бојан Тасевски, извршен директор на „Синами“.
Инаку, компанијата „Еконет“ е еден од ИТ-пионерите на македонскиот пазар основана во 1999 година, која се позиционира како прв и единствен овластен дистрибутер на продуктите од реномираниот глобален бренд Cisco за Македонија, Албанија и за Косово, а потпирајќи се на своето искуство во дистрибуцијата на софистицирана ИТ-опрема, подоцна стана овластен дистрибутер и за уште еден светски бренд – Microsoft. Следењето на глобалните трендови во ИТ-индустријата, навремената дистрибуција на најсовремените ИТ-продукти, како и искуството во обезбедување консултантски услуги за дизајнирање и имплементација на технички решенија за голем број компании, беа главен мотив за „Еконет“ во 2016 година и самата да стане компанија за развој на нови софтверски решенија и услуги.
„Еконет“ е една од постарите домашни ИТ-компании присутна на регионалниот пазар повеќе од 20 години. Спојувањето со реномираната компанија „Синами“ е продолжување на нашата успешна приказна, но и нов почеток што ни отвора можност за уште поуспешно дејствување во ИТ-секторот. Повеќедецениското искуство што го имаат нашите кадри ќе биде дополнителна помош за тимот на „Синами“ во справување со секојдневните предизвици што ги носи новото време, а со примена на нашите вештини сигурен сум дека ќе придонесеме во континуираниот развој на нови напредни ИТ-решенија. Се чувствуваме задоволни што се придружуваме на искусен тим, кој постигнува исклучителни резултати и на меѓународниот пазар и веруваме дека заедно ќе се позиционираме уште подобро и ќе постигнеме уште повеќе“, истакнуваат од „Еконет“.
Инаку, „Синами“ е софтверска компанија, која дејствуваше речиси 20 години во рамките на „Сеавус“, а по аквизицијата на „Сеавус“ од страна на чешката Групација АРИКОМА, компанијата се издвои како нов самостоен бренд. Во клиентите на „Синами“ денес се вбројуваат дури 70 % од најуспешните Fortune 500 компании, како Airbus, Rolls Royce, McLaren, SAP, Tesla и слични профили на клиенти од разни индустрии, со просечен број од 40.000 вработени.
(ПР-текст)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Трипуновски: Јаболкото во Ресен ќе остане неоткупено поради големиот увоз на странско јаболко во Македонија
Дополнителниот заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски денес е во работна посета на Ресен каде што оствари работни средби со овоштарите од овој регион.
„Овоштарите од Ресен претрпуваат големи губитоци заради погрешните политики на СДС и големиот увоз на странско јаболко во Република Македонија. Согласно податоците, додека ресенското јаболко стои неоткупено, од 1 септември 2023 година до сега во Македонија се влезени околу 4 милиони килограми јаболко што е главна причина што ресенчани ги преживуваат најцрните денови во историјата на овоштарството во Македонија“, изјави Трипуновски.
Како поголеми проблеми на земјоделците од Ресенскиот регион, Трипуновски ги посочи неисплатените субвенции како и неисплатените штети од природните непогоди од пред некоја година, откупно-дистрибутивниот центар којшто требаше да биде завршен во 2023 година сѐ уште не е ни започнат со градба.
„Цврсто им ветив дека идната Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ има сериозен план и конкретни мерки со кои ќе се стави крај на маките на ресенчани“, заврши Трипуновски.
Економија
Ангеловска-Бежоска на Пролетните средби на ММФ и СБ: Носителите на политики ќе дискутираат за состојбите и перспективите во економијата
Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, и заменик-министерот за финансии, Филип Николоски, ја предводат нашата делегација, која учествува на Пролетните средби на групацијата на Светскатa банка (СБ) и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во Вашингтон, САД. Во делегацијата на Народната банка на овие средби ќе земе учество и вицегувернерот Фадил Бајрами.
Гувернерката Ангеловска-Бежоска и вицегувернерот Бајрами на претстојните Пролетни средби ќе одржат состаноци со заменик-директор на Меѓународниот монетарен фонд, Бо Ли, со директорот на ММФ за Европа, Алфред Камер, како и со извршниот директор на ММФ и алтернативниот извршен директор, Пол Хиберс и Лук Дресе. На состаноците со високите претставници на ММФ ќе стане збор за економските состојби во нашата земја и поставеноста на монетарната политика, којашто придонесе за стабилизирање на инфлацијата. Делегацијата на Народната банка, предводена од гувернерката, ќе оствари средба и со претставниците на одделите за статистика и за монетарни и капитални пазари при Меѓународниот монетарен фонд, на која ќе се споделат досегашните достигнувања и резултати од заемната успешна соработка.
Во рамките на Пролетните средби, Ангеловска-Бежоска ќе одржи состаноци и со високи претставници на Светската банка, заменик-претседателката на СБ, Антонела Басани и со извршниот директор на СБ за Конституенцата во која членува нашава земја, Јуџин Ругенаат. Исто така, делегацијата на Народната банка ќе учествува и на редовниот состанок на земјите членки на Конституенцата.
Одржувањето на Пролетните средби секоја година на едно место ги собира носителите на политиките, односно првите луѓе на централните банки и министрите за финансии од земјите членки, кои ќе разговараат за политиките и финансиските реформи во насока на остварување на целите за одржлив раст (SDG), особено поврзани со климатските промени и родовата еднаквост.
Економија
Трипуновски: Ги потпишав првите 16 договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост
Дополнителниот замени министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски на својата фејсбук страна објави дека ги потпишал првите 16 договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост.
Во својата објава Трипуновски вели: „Почитувани земјоделци, штотуку ги потпишав првите 16 договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост, нека е аирлија!“
Трипуновски во неколку наврати ја алармираше јавноста дека во Република Македонија постојат договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост кои истекуваат оваа година, но на истите не им е овозможено продолжување и дека Николовски го кочи продолжување со образложение дека се потребни законски измени на законот за земјоделско земјиште.
„Сепак на крајот успеавме да го реализираме нашиот предлог за разрешница на овој проблем по многу побрза и поедноставна постапка, наспроти тврдењата на министерот Николовски кој постојано, од непознати причини, тврдеше дека се потребни измени на законот за земјоделско земјиште и дека со анексирање на договорите не се решава овој проблем. Со ова само се докажа дека Николовски повторно ве лаже како што тоа го прави изминативе 7 години“, дополни Трипуновски.
Позитивно е тоа што овој голем проблем доби решение и засегнатите земјоделци конечно ќе можат да ги продолжат своите договори согласно законските регулативи. Со ова Трипуновски покажа дека ќе биде предводник во промените и решавањето на проблемите во македонското земјоделство.
„ВМРО-ДПМНЕ секогаш било и ќе биде на страната на македонските земјоделци, доколку ние не го изнесовме овој проблем во јавноста, СДС и Николовски никогаш немаше да ги продолжат овие договори на вредните македонски земјоделци или пак тоа ќе го правеа селективно и повторно земјоделското земјиште ќе завршеше кај луѓе што не се земјоделци или истото ќе го трансформираа за плантажи со фотоволтаици. ВМРО-ДПМНЕ секогаш ќе може гордо и со крената глава да биде помеѓу светиниколчани и сите земјоделци во Република Македонија“, заврши Трипуновски во својата објава.