Економија
Македонско-чешки бизнис-форум во Скопје: идентификувани сектори со најголем потенцијал за соработката
Македонски и чешки компании имаат долга историја на заедничка соработка со потенцијал за продлабочување, особено во секторите транспортна инфраструктура, енергетска индустрија и производство на медицинска опрема, беше истакнато на денешниот бизнис-форум, кој се одржа во DoubleTree by Hilton во Скопје, во организација на Сојузот на стопанските комори на Македонија и Амбасадата на Република Чешка.
На форумот учествуваа претставници на деловните организации од двете земји, кои ги презентираа своите интереси за соработка, инвестирање и зајакнување на деловните односи меѓу двете земји. По завршувањето на официјалниот дел, компаниите од двете држави имаа можност да остварат и директни бизнис-средби.
Едуард Муржицки, заменик-министер за индустрија и трговија на чешката влада, рече дека чешките компании нудат врвен квалитет на производи и услуги и искрено се заинтересирани за долгорочна и стабилна соработка.
„Се чини дека најголем потенцијал за идна соработка има во секторите транспортна инфраструктура или енергетска индустрија во сите нејзини сегменти вклучувајќи ги и обновливите извори на енергија. Гледам и голем потенцијал во областа на геолошките истражувања, еколошките технологии и управувањето со водите. Чешките компании може да му понудат на светот медицинска опрема со врвен квалитет. И, последно, но не и помалку важно, Чешка може да обезбеди разни технологии за развој на паметни и одржливи градови“, изјави Муржицки искажувајќи верување дека денешните деловни средби ќе имаат позитивно влијание врз развојот на економски односи меѓу двете држави.
Пред присутните се обрати и претставникот на Стопанската комора на Чешка, Јиржи Хансл, кој истакна дека чешките претприемачи ја гледаат Северна Македонија како перспективен партнер и идна земја членка на ЕУ.
„Чешка го поддржува нејзиниот пристап во ЕУ. Македонските, како и чешките компании, ќе имаат корист од многуте предности што ги нуди ЕУ и нејзиниот единствен пазар од 500 милиони потрошувачи. Верувам дека оваа деловна мисија ќе донесе нови можности за компании од двете земји, пред сѐ, во секторите како што се транспортот, инфраструктурата, енергетиката и здравството“, истакна Јиржи.
За да обезбеди соодветна рамка за зајакнување и интензивирање на соработката меѓу нашите земји, Сојузот на стопанските комори на Македонија и Стопанската комора на Чешка во рамките на форумот потпишаа меморандум за разбирање.
„Трговските врски меѓу двете земји имаат историја, а трговската размена е во нагорна линија, со потенцијал за унапредување и соработка со цел намалување на разликите во размената. Во исто време, на економски план за натамошен развој на соработката меѓу двете земји – ќе почнеме со интензивирање на деловните партнерства и промовирање на секторите со висок потенцијал“, изјави Ангелоски на потпишувањето на меморандумот.
Можностите и поволностите за инвестирање во нашата земја ги презентира заменик-министерот за транспорт и врски, Беким Реџепи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Трипуновски: Ги потпишав првите 16 договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост
Дополнителниот замени министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски на својата фејсбук страна објави дека ги потпишал првите 16 договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост.
Во својата објава Трипуновски вели: „Почитувани земјоделци, штотуку ги потпишав првите 16 договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост, нека е аирлија!“
Трипуновски во неколку наврати ја алармираше јавноста дека во Република Македонија постојат договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост кои истекуваат оваа година, но на истите не им е овозможено продолжување и дека Николовски го кочи продолжување со образложение дека се потребни законски измени на законот за земјоделско земјиште.
„Сепак на крајот успеавме да го реализираме нашиот предлог за разрешница на овој проблем по многу побрза и поедноставна постапка, наспроти тврдењата на министерот Николовски кој постојано, од непознати причини, тврдеше дека се потребни измени на законот за земјоделско земјиште и дека со анексирање на договорите не се решава овој проблем. Со ова само се докажа дека Николовски повторно ве лаже како што тоа го прави изминативе 7 години“, дополни Трипуновски.
Позитивно е тоа што овој голем проблем доби решение и засегнатите земјоделци конечно ќе можат да ги продолжат своите договори согласно законските регулативи. Со ова Трипуновски покажа дека ќе биде предводник во промените и решавањето на проблемите во македонското земјоделство.
„ВМРО-ДПМНЕ секогаш било и ќе биде на страната на македонските земјоделци, доколку ние не го изнесовме овој проблем во јавноста, СДС и Николовски никогаш немаше да ги продолжат овие договори на вредните македонски земјоделци или пак тоа ќе го правеа селективно и повторно земјоделското земјиште ќе завршеше кај луѓе што не се земјоделци или истото ќе го трансформираа за плантажи со фотоволтаици. ВМРО-ДПМНЕ секогаш ќе може гордо и со крената глава да биде помеѓу светиниколчани и сите земјоделци во Република Македонија“, заврши Трипуновски во својата објава.
Економија
Народна банка: Основната каматна стапка се задржува на нивото од 6,30 отсто
На 16 април 2024 година се одржа редовна седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка, на која беа разгледани најновите податоци и информации за глобалната и за домашната економија и најновите случувања на меѓународните и на домашните финансиски пазари во контекст на поставеноста на монетарната политика.
На седницата на Комитетот беше оценето дека тековнaта поставеност на монетарната политика е соодветна на условите во економијата. Така, каматната стапка на благајничките записи останува на нивото од 6,30%, а каматните стапки на депозитите преку ноќ и на 7 дена на нивоата од 4,20% и 4,25%, соодветно. Понудата на благајнички записи на редовната аукција е исто така непроменета и изнесува 10 милијарди денари. И натаму се очекува дека тековното ниво на каматните стапки, заедно со досегашните промени кај задолжителната резерва и преземените макропрудентни мерки ќе придонесат за натамошно забавување на инфлацијата и за задржување на стабилноста на девизниот курс. Притоа, последните промени кај инструментот задолжителна резерва, чијашто примена започнува од јуни 2024 година, значат и дополнителна поддршка на прудентниот карактер на монетарната политика, извести Народната банка.
Во услови на стабилен девизен пазар, главниот акцент при носењето на одлуката за задржување на тековната поставеност на монетарната политика беше ставен на потребата од стабилизирање на инфлацијата на историски ниските нивоа и инфлациските очекувања на потрајна основа, имајќи ги предвид присутните ризици, коишто во голема мера се поврзани со геополитичките тензии. Имено, инфлацијата очекувано забрза во март 2024 година на 4% на годишно ниво (3% во февруари), со оглед на престанокот на важноста на мерките за гарантирани цени на дел од прехранбените производи и пијалаци и за укинување/намалување на дел од увозните давачки. Сепак, остварувањето е под проекцијата на Народната банка, при значително намален притисок од цените на храната и енергијата, но и пониски ценовни притисоци од помалку променливите категории во првиот квартал, во согласност и со преземените монетарни мерки. Цените на примарните производи на берзите и натаму надолно се приспособуваат, со исклучок на нафтата којашто има одредени флуктуации. Остварувањата кај инфлацијата од почетокот на годината се пониски од очекувањата, но нивото сѐ уште е над историскиот просек, а ризиците во однос на идната динамика на цените и натаму постојат. Оттука, беше оценето дека е потребна натамошна претпазливост при водењето на политиките, вклучително и на политиките што делуваат врз побарувачката во економијата. Во однос на политиката на Европската централна банка (ЕЦБ), на последната седница во април повторно беше донесена одлука за задржување на основните каматни стапки на истото ниво.
Состојбата на девизниот пазар е стабилна и движењата се поволни. Нивото на девизните резерви на крајот на март изнесува 4.287,1 милион евра, што е соодветно за задржување на стабилноста на курсот на домашната валута. Движењата на девизниот пазар се поволни и придонесуваат за интервенции со нето-откуп на девизи од страна на Народната банка, при умерено намалена нето-побарувачка од корпоративниот сектор и натамошен висок прилив на девизи на менувачкиот пазар. Во однос на последните расположливи податоци од надворешниот сектор, трговскиот дефицит во првите два месеца од 2024 година е малку повисок од очекувањата според октомврискиот циклус проекции. Остварувањата на менувачкиот пазар заклучно со март се малку пониски од проектираните нето-приливи од приватните трансфери.
Остварениот економски раст во последниот квартал на 2023 година, како и за целата година, е под проектираниот, што упатува на посилно забавување на економскиот раст од очекуваното. Имено, реалниот раст на домашната економија во 2023 година изнесува 1%, при раст на БДП во четвртиот квартал од годината од 0,9% на годишна основа. Високофреквентните податоци за првиот квартал од 2024 година со кои се располага упатуваат на годишен раст кај индустриското производство и угостителството, при мал реален годишен пад на прометот во вкупната трговија и кај градежништвото. Сепак, расположливоста на податоците е ограничена и не е доволна за попрецизна оцена. Во однос на ризиците за растот во следниот период, тие и натаму постојат и се поврзани пред сѐ со случувањата во надворешното окружување, но и со интензитетот на остварувањето на домашните инфраструктурни проекти.
Во монетарниот сектор, според првичните податоци за март 2024 година, депозитите растат со слична динамика како и претходниот месец, но малку посилно од очекувањата. Од друга страна, кредитната активност на банките умерено забавува, но годишниот раст е малку над проекциите за првиот квартал.
Сѐ на сѐ, амбиентот за водење на монетарната политика е умерено поповолен од очекувањата. Сепак, ризиците кај инфлацијата наметнуваат потреба од натамошно внимателно следење на динамиката и факторите на инфлацијата и претпазливост во однос на водењето на макроекономските политики коишто влијаат врз побарувачката во економијата, вклучително и преку пазарот на труд каде што има високи стапки на реален раст на платите. Народната банка и натаму е подготвена да ги употреби сите неопходни инструменти и да презема соодветни мерки со коишто ќе се придонесе за задржување на стабилноста на девизниот курс, стабилизирање на инфлациските очекувања и за ценовна стабилност на среден рок, соопшти НБ.
Економија
За универзален снабдувач на електрична енергија Владата ја прифати понудата на ЕВН Македонија
Владата, согласно Законот за енергетика, ја донесе и Одлуката за избор на универзален снабдувач.
За најповолна понуда за избор на универзален снабдувач, во соодветната постапка е избрана понудата доставена од групата понудувачи ЕВН Македонија електроснабдување ДООЕЛ Скопје – носител и ЕВН Македонија АД Скопје – член на групата.
За носител на набавката е избран економскиот оператор којшто има понудено најнизок процент на бруто маржа во текот на електронската аукција, а чијашто понуда претходно е оценета како прифатлива. Критериумот за доделување на договорот за универзален снабдувач, притоа, е бруто понудената маржа за снабдување.
Основата за пресметката на цената по којашто универзалниот снабдувач ќе ги снабдува малите потрошувачи и домаќинствата во којашто е вклучена и бруто маржа, е во согласност со Тарифниот систем за продажба на електрична енергија на потрошувачите кои ги снабдува универзалниот снабдувач и снабдувачот во краен случај („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 246/23), донесен од страна на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија, појаснуват од Владата.