Економија
Македонците најмногу пазарале преку интернет од е-продавници од Британија, Ирска и Унгарија
Согласно објавените податоци од Народната банка на Република Северна Македонија, Асоцијацијата за е-трговија на Македонија (АЕТМ) го анализираше бројот и вредноста на реализирани онлајн трансакции со домашни платежни картички кон странски е-продажни места со цел да се креира слика каде најчесто Македонците купувале онлајн во текот на 2021 година.
Во текот на изминатата година Македонците реализирале вкупно 14,2 милиони онлајн трансакции со вкупна вредност од 420,7 милиони евра. Од овој износ, 318,9 милиони евра се реализирани кон домашните е-продавници, што претставува значајни 75,8% во вкупната вредност на онлајн трансакции. Со домашни платежни картички во странство, во 2021 година реализирани се вкупно 2,9 милиони онлајн трансакции со вкупна вредност од 101,8 милиони евра, наспроти 1,7 милиони онлајн трансакции со вкупна вредност од 47,8 милиони евра во 2020 година што претставува раст од 66,3% во бројот на трансакции и 113% во вредноста на трансакциите.
Од Асоцијацијата за е-трговија коментираат дека растот во 2021 година е очекуван ако се земе предвид дека во 2020 година поради пандемијата не се патуваше и трансакциите за авиобилети и резервации на хотели беа драстично намалени, во 2021 година овие трансакции го надминаа нивото од пред пандемијата.
Од вкупната вредност на трансакции, кои Македонците во текот на 2021 година го потрошиле онлајн за пазарење во странство, дури 75,7% од вредноста на трансакциите се реализирале во корист на Топ 10 земји.
Најголема вредност на трансакциите, односно најмногу онлајн плаќања македонците реализирале кон Обединето Кралство, Унгарија и Ирска и тоа до некаде е и очекувано имајќи предвид дека од овие земји потекнуваат Amazon UK, ASOS (Обединето Кралство), Facebook, Google (Ирска) и WizzAir (Унгарија).
Што се однесува до бројот на онлајн трансакции со македонски платежни картички во странство, високи 82,7% од трансакциите завршиле во корист на Топ 10 земјите прикажани во табелата во продолжение. Најголем број на трансакции со домашни платежни картички (вкупно 693.460) се реализирани во корист на e-продавници од Луксембург каде што е регистрирана европската филијала на Amazon преку која се одвиваат трансакциите за најголемиот дел од европските земји, без Обединето Кралство.
Од аспект на вредноста на трансакциите, просечна трансакција со платежни картички од земјава кон Обединето Кралство изнесува 58,5 евра и кон оваа земја е реализиран најголем износ на плаќања. Највисока просечна вредност се евидентира од e-плаќањата кон Унгарија, каде доминираат плаќања кон WizzAir и просечната вредност изнесува 129,5 евра, додека најмала просечна вредност се евидентира кон Луксембург на износ од 11,1 евра.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.