Економија
МЗШВ: Единаесет земјоделски задруги добија договори за финансика поддршка
Денска во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, се одржа конференција по повод денешниот Меѓународен ден на земјоделски задруги. Оваа година мотото е „Задруги за достоинствена работа“, како форма којашто има важна улога во создавањето на пристојни работни места, како и за социјално и економско зајакнување на локалните заедници.
Воедно, по повод Меѓународениот ден на задруги, единаесет земјоделски задруги денеска добија договори за набавка на земјоделска механизација во вредност од над 9 милиони денари преку Програмата за рурален развој.
Шефот на кабинетот на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Никица Бачовски, истака дека задругите се важни затоа што отвораат пристојни работни места во секторот земјоделството а исто така земјоделците преку здружување стануваат поконкурентни на пазарот.
„Министерството за земјоделство, во изминатите две години континуирано работи на мерки кои ќе придонесат земјоделците да се здружуваат. Денеска, со доделувањето на 11 договори за Мерката „Економско здружување на земјоделците за вршење на земјоделска дејност ќе се исплатат над 9 милиони денари. Кога земјоделците се здружени можат полесно да реализираат крупни инвестиции да конкурираат за мерките од Националните и ИПАРД програмата а со тоа полесно да набават и земјоделска механизација. Но, она што е клучно, здружени земјоделците можат да се справат и со проблеми со пласман на земјоделски производи за разлика од индивидуалните земјоделци кои самостојно излегуваат на пазарот и се соочуваат со проблеми за продажба на производи“, изјави Бачовски.
Програмскиот менаџер, на Европската делегација во Република Северна Македонија, Константинос Соупилас, истакна дека во споредба со земјите на Европската Унија, кај нас сеуште е мал бројот на земјоделски задруги, иако од година во година бројот на регистрирани задруги постојано расте.
„Најголем број на задруги има во Италија, со речиси 6.800 задруги, а најмногу членки има во Германија со 1,4 милиони земјоделци. Во однос на истражувањето на пазарот има 63% учество во Холандија, 55% во Италија, 50 % во Франција. Овие бројки само ја потврдуват силината која задругите ја имаат во Европа. Од друга стрна кај вас бројот на задруги е низок, со тенденција на пораст во тек на годините, затоа верувам дека преку проектот кој го спроведуваме же дадеме придонес за развој на задругарството“, изјави Соупилас.
Директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Николче Бабовски, истакна дека задругарството е клучен сегмент за модерно, конкурентно и извозно ориентирано земјоделство. Бабовски истакна дека со средства од Програмата за рурален развој задругите ќе се модернизираат со механизација.
„Денеска присутните задруги ќе набават 10 трактори, 5 тракторски приколки и берач на овошје. Со оваа финансиска поддршка за за набавка на механизација директно влијаеме врз зголемување на рентабилноста во земјоделското производство и ги правиме конкурентни домашните задруги“, изјави Бабовски.
Освен преку Програмата за рурален развој, паралелно преку проектот „Подршка за развој на земјоделските задруги во Република Македонија“, финансиран од Европската унија, а спроведуван од проектот CARE и Македонската развојна фондација за претпријатија, во фаза на избор се 8 постоечки и 12 нови задруги кои ќе добијат по околу 50.000 евра. Овие пари ќе можат да ги искористат за набавка на механизација, за ладилници, отпочнување на нови агробизниси и друго. На денешниот настан беа презентирани придобивките од овој проект за задругите, а беше промовирана е и избраната „чадор организација“ на задругите, која ќе биде вклучена во активностите на проектот, и ќе им помага на задругите во делот на поддршка, промоција и лобирање за нивните интереси.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Трипуновски: Јаболкото во Ресен ќе остане неоткупено поради големиот увоз на странско јаболко во Македонија
Дополнителниот заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски денес е во работна посета на Ресен каде што оствари работни средби со овоштарите од овој регион.
„Овоштарите од Ресен претрпуваат големи губитоци заради погрешните политики на СДС и големиот увоз на странско јаболко во Република Македонија. Согласно податоците, додека ресенското јаболко стои неоткупено, од 1 септември 2023 година до сега во Македонија се влезени околу 4 милиони килограми јаболко што е главна причина што ресенчани ги преживуваат најцрните денови во историјата на овоштарството во Македонија“, изјави Трипуновски.
Како поголеми проблеми на земјоделците од Ресенскиот регион, Трипуновски ги посочи неисплатените субвенции како и неисплатените штети од природните непогоди од пред некоја година, откупно-дистрибутивниот центар којшто требаше да биде завршен во 2023 година сѐ уште не е ни започнат со градба.
„Цврсто им ветив дека идната Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ има сериозен план и конкретни мерки со кои ќе се стави крај на маките на ресенчани“, заврши Трипуновски.
Економија
Ангеловска-Бежоска на Пролетните средби на ММФ и СБ: Носителите на политики ќе дискутираат за состојбите и перспективите во економијата
Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, и заменик-министерот за финансии, Филип Николоски, ја предводат нашата делегација, која учествува на Пролетните средби на групацијата на Светскатa банка (СБ) и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во Вашингтон, САД. Во делегацијата на Народната банка на овие средби ќе земе учество и вицегувернерот Фадил Бајрами.
Гувернерката Ангеловска-Бежоска и вицегувернерот Бајрами на претстојните Пролетни средби ќе одржат состаноци со заменик-директор на Меѓународниот монетарен фонд, Бо Ли, со директорот на ММФ за Европа, Алфред Камер, како и со извршниот директор на ММФ и алтернативниот извршен директор, Пол Хиберс и Лук Дресе. На состаноците со високите претставници на ММФ ќе стане збор за економските состојби во нашата земја и поставеноста на монетарната политика, којашто придонесе за стабилизирање на инфлацијата. Делегацијата на Народната банка, предводена од гувернерката, ќе оствари средба и со претставниците на одделите за статистика и за монетарни и капитални пазари при Меѓународниот монетарен фонд, на која ќе се споделат досегашните достигнувања и резултати од заемната успешна соработка.
Во рамките на Пролетните средби, Ангеловска-Бежоска ќе одржи состаноци и со високи претставници на Светската банка, заменик-претседателката на СБ, Антонела Басани и со извршниот директор на СБ за Конституенцата во која членува нашава земја, Јуџин Ругенаат. Исто така, делегацијата на Народната банка ќе учествува и на редовниот состанок на земјите членки на Конституенцата.
Одржувањето на Пролетните средби секоја година на едно место ги собира носителите на политиките, односно првите луѓе на централните банки и министрите за финансии од земјите членки, кои ќе разговараат за политиките и финансиските реформи во насока на остварување на целите за одржлив раст (SDG), особено поврзани со климатските промени и родовата еднаквост.
Економија
Трипуновски: Ги потпишав првите 16 договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост
Дополнителниот замени министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски на својата фејсбук страна објави дека ги потпишал првите 16 договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост.
Во својата објава Трипуновски вели: „Почитувани земјоделци, штотуку ги потпишав првите 16 договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост, нека е аирлија!“
Трипуновски во неколку наврати ја алармираше јавноста дека во Република Македонија постојат договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост кои истекуваат оваа година, но на истите не им е овозможено продолжување и дека Николовски го кочи продолжување со образложение дека се потребни законски измени на законот за земјоделско земјиште.
„Сепак на крајот успеавме да го реализираме нашиот предлог за разрешница на овој проблем по многу побрза и поедноставна постапка, наспроти тврдењата на министерот Николовски кој постојано, од непознати причини, тврдеше дека се потребни измени на законот за земјоделско земјиште и дека со анексирање на договорите не се решава овој проблем. Со ова само се докажа дека Николовски повторно ве лаже како што тоа го прави изминативе 7 години“, дополни Трипуновски.
Позитивно е тоа што овој голем проблем доби решение и засегнатите земјоделци конечно ќе можат да ги продолжат своите договори согласно законските регулативи. Со ова Трипуновски покажа дека ќе биде предводник во промените и решавањето на проблемите во македонското земјоделство.
„ВМРО-ДПМНЕ секогаш било и ќе биде на страната на македонските земјоделци, доколку ние не го изнесовме овој проблем во јавноста, СДС и Николовски никогаш немаше да ги продолжат овие договори на вредните македонски земјоделци или пак тоа ќе го правеа селективно и повторно земјоделското земјиште ќе завршеше кај луѓе што не се земјоделци или истото ќе го трансформираа за плантажи со фотоволтаици. ВМРО-ДПМНЕ секогаш ќе може гордо и со крената глава да биде помеѓу светиниколчани и сите земјоделци во Република Македонија“, заврши Трипуновски во својата објава.