Економија
МЗШВ: Наскоро истекува рокот за двете мерки за инвестиции во земјоделството од ИПАРД 2-програмата
За три недели, односно на 29 овој месец истекува рокот за поднесување барања за мерката 3 „Инвестиции во материјални средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи“. Рокот за поднесување барања за мерката 1 „Инвестиции во материјални средства на земјоделски стопанства“ истекува на 9 феврурари.
Министерот за земјоделство, Љупчо Николовски, посочи дека вкупната сума што е на располагање за домашниот агро-сектор преку овие два повика е во износ од 25 милиони евра. Односно вкупната финансиска поддршка за мерката 3 е 13,2 милиони евра, а за мерката 1 близу 12 милиони евра.
„Со оглед на тоа на што за овие два јавни повика имаме одредени новини во делот на апликацирањето, очекуваме рокот на обработка на барањата да биде многу брз од страна на платежната агенција, заради тоа што ги зајакнавме капацитетите. За првпат овој период почнавме 18-месечна кампања за ИПАРД-програмата, во рамки на која заеднички ќе посетиме 90 населени места, ќе има инфо-денови, работилници и форуми. Следната работилница е на 22 овој месец во Кавадарци. На овој начин сакаме да ги доближиме упатствата, постапките и начинот на аплицирање до сите заинтересирани апликанти“, изјави министерот за земјоделство,шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски.
Мерка 3 „Инвестиции во материјални средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи“ опфаќа инвестиции во преработувачки капацитети за различни земјоделски производи и инвестиции во опрема, додека мерката Мерка 1 „Инвестиции во материјални средства на земјоделски стопанства“ опфаќа инвестиции во изградба или реконструкција на објекти за добиточна храна, складишта за храна, оранжерии, капацитети за ладење – калибирање и пакување на земјоделски производи, опрема за земјоделство, системи капка по капка и друго.
Половина од средствата за инвестицијата ќе им биде кофинансирана, од кои 75 отсто од средствата што ќе бидат кофинансирани ќе бидат обезбедени од ИПАРД 2-програмата, а остатокот од буџетот на МЗШВ. За таа цел оваа година за два и по пати е зголемена сумата за национално кофинансирање за ИПАРД-програмата.
Директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Николче Бабовски, посочи дека ИПАРД-програмата е одлична можност домашните компании да создадат македонски земјоделски производи со додадена вредност.
„Искористувањето на средствата од ИПАРД-програмата за нас претставува нов позитивен инпут во буџетот на државата, односно зголемување на бруто домашниот производ бидејќи само со првиот повик и на речиси 400 реализирани проекти, за 123 апликанти парите кои ги вложиле за реализација на инвестициите, веќе им се вратени. Односно 1,4 милиони евра се вратени во македонското стопанство“- истакна Бабовски.
Во првиот повик за овие мерки се склучени 932 договори со вкупна вредност од близу 18 милиони евра, од кои над 13,2 милиони евра ќе бидат кофинансирани преку европските фондови, а остатокот е национално кофинансирање. Од Министерството велат дека ова е рекордна бројка на пристигнати апликации и се очекува со сегашните активни повици бројот на поднесени апликации уште повеќе да се зголеми.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.