Економија
Министерството за труд в година со буџет од над 48,5 милијарди денари
Вкупниот буџет за 2020 година на Министерството за труд ќе изнесува 48 милијарди и 600 милиони денари, соопшти денес министерката Мила Царовска. Од овие средства Царовска вели дека речиси 47 милијарди и 500 милиони денари завршуваат кај граѓаните.
Според буџетските ставки за 2020 година, 10,5 милијарди денари се предвидени за социјални трансфери. Дел од овие пари, односно 600 милиони денари, е предвиден за исплата на детски додаток, за образовен додаток се одвоени 672 милиона денари, а за социјална пензија 468 милиони денари.
„Со преостанатите средства ќе се исплаќаат гарантираниот приход и други социјални трансфери предвидени во законите за социјална и детска заштита“, објасни министерката Царовска.
За в година во буџетот е предвидена новата мерка за субвенционирање плати, и таа изнесува 2,4 милијарди денари за цела година. Во оваа ставка се раздвојуваат трансферите кон Пензискиот фонд, кон Фондот за здравство и кон Агенцијата за вработување.
„Преку Агенцијата за вработување морам да истакнам дека в година инвестираме поголема сума од оваа година. Ако лани почнавме со оперативните мерки за вработување, кои изнесуваа една милијарда и сто милиони денари, оваа година сумата за оперативни мерки за вработување ќе биде една милијарда и триста милиони. Ако има целосна реализација до средината на годината, имаме можност за дополнителни финансиски средства, како што покажавме оваа година, со 200 милиони ги дополнивме оперативните мерки за вработување што влијаат и на раст на компаниите, но исто така и на вработувањето и вработливоста во нашата држава“, образложи министерката Царовска.
За да ги поттикнат младите лица до 23 години да работат во производство или да станат индивидуални земјоделци, за 2020 година обезбеден е младински додаток од вкупно 160 милиони денари за целата година.
„Се очекува тие да бидат искористени од 4.000 млади лица до 23 години, кои се вработени во производството или се земјоделци“, рече министерката.
Дополнително, Министерството за в година 25 отсто ги зголемило финансиските средства за капитални инвестиции во детската заштита. Обезбедени се 105 милиони денари за капитални инвестиции во детската заштита или 17 милиони денари повеќе од лани.
„Создадовме буџет што обезбедува социјална сигурност на лицата во социјален ризик. Ги поддржуваме децата и детскиот развој и обезбедуваме социјална сигурност за повозрасните. Ние се грижиме како Министерство од најмладите до највозрасните затоа најголем процент од буџетот завршува кај граѓаните“, рече министерката Царовска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.