Економија
Министерство за здравство: Со изградба на нов универзитетски клинички центар ќе се овозможи подобрување на ефективноста и ефикасноста во здравството
Изградбата на нов и современ универзитетски клинички центар треба да придонесе за подобрување на ефективноста и ефикасноста, преку воведување професионално управување во здравствените установи, проширување на планирањето и управувањето со човечките ресурси и воведување квалитет на нега во здравството преку осигурување на квалитет и групирање на сите постојни служби во една зграда во интегриран капацитет, посочуваат од Министерството за здравство по денешната седница на собраниската Комисија за финансирање и буџет на која беше прифатен предлог-законот за изменување на Законот за задолжување на РМ кај Банката за развој при Советот на Европа, со кој се прекинува Компонентата за изградба и модернизација на КЦ „Мајка Тереза“ од рамковниот договор за заем кај Банката за развој при Советот на Европа.
Од Министерството во соопштението додаваат дека моделот на градба ќе понуди соодветна циркулација и функционална поврзаност на сите единици и целини, што ќе придонесе за континуитет во овозможувањето на здравствените услуги, клиничка непосредна поврзаност на услугите и прегрупирање на клучните услуги во еден ист кампус, како и интеграција на наставата и истражувањето во рамки на кампусот, притоа не нарушувајќи ја комфорноста на присутните.
„Преку физибилити студија за дислокација на Универзитетски клинички центар–Скопје, изработена со интернационална институционална поддршка од Европската инвестициска банка во 2009 година, утврдено е дека овие цели не може во целост да се постигнат во рамки на постојниот кампус ‘Мајка Тереза’ од причини кои се веќе презентирани во студијата и воедно ѝ се познати на пошироката јавност – од достапност на сегашната локација на комплексот клиники, постојна сообраќајна мрежа, чести застои и време на чекање, проблематично движење на возила и пациенти, сè до оддалеченост на различните клинички згради, дотраеност на опрема и објекти. Воедно, преку градење нов блок за клинички центар и групирање на само дел од клиничките болници во еден објект, при што дел сепак остануваат во постојните објекти, не можеме во целост да ги решиме актуелните проблеми“, стои во соопштението на Министерството за здравство.
Како резултат на сето ова, по донесување на одлуката за прекинување на Компонентата за изградба и модернизација на КЦ „Мајка Тереза“ од рамковниот договор за заем кај Банката за развој при Советот на Европа, Владата ги образложи сите факти и аргументи пред надлежните на Банката и по прифаќање на истите од нивна страна, почна процесот на измена на Законот за задолжување на РМ кај Банката за развој при Советот на Европа, посочуваат од Министерството и додаваат дека по спроведување на преговорите конечно е утврдено дека Рамковниот договор за заем се прекинува без предвидени негативни поени, односно оваа Влада на Република Македонија ги откажува средствата без негативни последици по буџетот на РМ и граѓаните.
По завршувањето на правно–формалните чекори од оваа постапка, информираат од Министерството, ќе биде формирано и тело сочинето од претставници од Европската комисија во Скопје, Банката за развој при Советот на Европа, како и претставници од надлежните институции од Македонија и експерти од различни профили. Ова тело ќе работи на анализи и проценки, по што ќе бидат презентирани заклучоци за начинот, методологијата, намената и функционалните потреби за проектирање и градба на нов клинички центар, воедно, согласно со европските регулативи.
Истовремено, додаваат во соопштението дека стручни служби и надлежни институции во земјава веќе работат на локација за нов универзитетски клинички центар која е предвидена во Генералниот урбанистички план на Скопје 2001-2020 година, Генералниот урбанистички план на Скопје 2012-2022 година, како и со Урбанистичкиот план за четврт ССЗ 01 од Генералниот урбанистички план на Скопје 2012-2022 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.