Економија
Финансиската поддршка за одржување на насади со јаболка се зголемува на 41.000 денари по хектар
Промените во мерките во новата Програма за директни плаќања во делот на финансиската поддршка за производство на јаболка, се направени по барање на производителите на јаболка. Конкретно, пред носењето на Уредбата за директни плаќања беа одржани повеќе состаноци со подсекторските работни групи во МЗШВ, во кои членуваат производители на јаболка меѓу кои и дел од организаторите на денешниот протест. Трансформирањето на субвенцијата за килограм предадено јаболка е направена по барање на дел од овоштарите кои протестираат и истата според нивните пресметки е вкалкулирана во субвенцијата за одржување на овошни насади со јаболка, соопшти Министерството за земјоделство.
Оваа година, финансиската поддршка за одржување на насади со јаболка се зголемува од 33.000 денари на 41.000 денари по хектар, а 20 отсто повисокa финансиска поддршка добиваат овоштарите со развоен потенцијал, поточно за оние овоштари кои имаат од 1 до 5 хектари поддршката расте од 39.600 на 50.000 денари по хектар. Дополнително сите овоштари од преспанскиот регион ќе добијат за 15 отсто повисока субвенција за подрачја со ограничени можности, или субвенцијата ќе биде зголемена од 50.000 на 57.500 денари по хектар.
Сите политики кои што се носеа, како и мерките од програмите за финансиска поддршка и рурален развој беа по претходна консултација со претставници од потсекторските групи, во кои членуваат производители на јаболка, меѓу кои и организаторите на денешниот протест. Освен промените во Програмата за директни плаќања за 2019, МЗШВ по низа консултации со овоштарите лани со Програмата за 2018 ја воведе и интервентната субвенција која важеше до 25 декември 2018 година за производителите на индустриско јаболко, со цел да имаат рентабилно производство. Конкретно, производителите на индустриско јаболко кои го предадоа своето производство кај регистрирани откупувачи кои вршат извоз, ќе добијат субвенција од 3 денари за килограм предадени јаболка. Оваа одлука беше донесена со цел да им се помогне на овоштарите поради претрпените загуби во производството од временските непогоди. Досега, со помош на интервентната субвенција откупени се 45.000 тони индустриско јаболка, односно се 30% од вкупното производство.
Во однос на исплатата на оваа интервентна субвенција, сите потврди кои се поднесени во системот на Агенција за финансиска поддршка во земјоделство и рурален развој се прифатени. Во моментов преку Платежната агенција се работат детални контроли на сите поднесени потврди, дали биле преку регистрирани преработувачи или регистрирани откупувачи, за да се утврди точно колку земјоделци и со кои количини во зависност од мерката имаат поднесено барања. Сите производители на индустриско јаболко што имаат поднесено потврда за дополнителни директни плаќања за интервентната субвенција од 3 денари по килограм индустриско јаболка, ќе ги добијат парите.
Со објавувањето на Програмата за 2019 година и трансформирањето на субвенцијата од килограм во единица површина, цената на индустриско јаболко се зголеми двојно, и сега индустриското јаболко се откупува по 2 денари за килограм. Со цел да им се помогне на овоштарите од овој регион кои изминативе години беше најпогоден од временските непогоди, токму земјоделците од преспанскиот регион први ги добија парите за обештетување од временските непогоди. Владата кон крајот на април лани исплати 85 милиони денари за обештетување на 2.355 земјоделци во Ресен.
МЗШВ апелира до овоштарите да не подлегнуваат на манипулации. Изминатиот период министерството презема серија мерки за развој на овоштарството, вклучително и на производството на јаболка и сите мерки ги носи и ќе продолжи да ги носи во консултација со сите засегнати страни. Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство е отворено за нови предлози”, се додава во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Трипуновски: Рекорден трговски дефицит во 2023 година во износ од 436 милиони евра
Дополнителниот заменик-министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, преку фејсбук-објава извести за рекорден трговски дефицит во 2023 година за земјоделско-прехранбени производи во висина од 436 милиони евра.
„Рекорден трговски дефицит во 2023 година во износ од 436 милиони евра. Еве како СДС го уништува македонското земјоделство, Македонија со СДС стана земја увозно зависна од храна. Негрижата за македонските земјоделци и тотално погрешните земјоделски политики на СДС ги принудија земјоделците да го напуштат полето, а со тоа македонските граѓани да јадат увозни земјоделски производи, Македонија од земја извозник стана земја увозник на храна под власта на СДС. Земјоделците ќе имаат вистински партнер во новата влада на ВМРО-ДПМНЕ и заедно ќе го вратиме македонското земјоделство во онаа препознатлива состојба, а Македонија повторно ќе биде земја извозник на храна“, рече Трипуновски.
Економија
Надворешен долг, побарувања и меѓународна инвестициска позиција во четвртото тримесечје од 2023 година
Објавено е редовното статистичко соопштение за позначајните промени кај надворешниот долг, надворешните побарувања и меѓународната инвестициска позиција.
На крајот на четвртиот квартал од 2023 година:
На 31.12.2023 година, нето надворешниот долг изнесува 4.458 милиони евра (или 32,6% од проценетиот БДП). Нето надворешниот долг на земјата, во четвртиот квартал од 2023 година, е зголемен за 305 милиони евра, или за 7,3%. Од аспект на структурата, приватниот нето-долг и натаму има поголемо учество во вкупниот нето-долг со 67%.
Во текот на четвртиот квартал од 2023 година, негативната нето меѓународна инвестициска позиција (МИП) е зголемена за 160 милиони евра и изнесува 8.500 милиони евра, односно 62,2% од проценетиот БДП за 2023 година.
Најновото соопштение за позначајните промени кај надворешниот долг, надворешните побарувања и меѓународната инвестициска позиција е достапно на следниот линк.
Економија
Во вториот квартал од 2025 година стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот ќе остане 1,5 отсто, одржана седница на Советот на Народната банка
Советот на Народната банка, на својата редовна седница, одржана на 28 март 2024 година, врз основа на редовната квартална оцена на системските ризици, донесе одлука за задржување на стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот за изложеностите на банките во Република Северна Македонија во висина од 1,5%, којашто ќе се применува и во вториот квартал од 2025 година. Одлуката се заснова врз оцените за постепено стабилизирање на нагорните циклични системски ризици и постојана стабилност на банкарскиот систем. Исто така, ги зема предвид условите од окружувањето коешто и натаму е неизвесно и придружено со ризици, што е причина за претпазливо спроведување на макропрудентните мерки заради натамошно јакнење на отпорноста на банкарскиот сектор. Со одржувањето на стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот се придонесува за спречување и за намалување на можните ризици.
Народната банка ќе продолжи со внимателно следење на системските ризици и ќе ја преоценува висината на стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот на редовна квартална основа. Притоа, имајќи ја предвид природата на противцикличниот заштитен слој на капиталот и насоките на релевантните европски институции, Народната банка може да ја оцени потребата за зголемување на стапката, при раст на ризиците и неизвесностите од окружувањето, во услови на поволни остварувања на банките. Во случај, пак, на значително остварување на ризиците во билансите на банките, може да се оцени и потребата од делумно или целосно ослободување на овој заштитен слој на капиталот, како поддршка во работењето на банките при евентуални неповолни сценарија.
Советот на Народната банка на седницата разгледа и други материјали поврзани со работата на централната банка.