Економија
Министрите Апостолска и Шапуриќ во Дубровник на регионалниот самит на претприемачи
Министерката без ресор задолжена за странски инвестиции, Зорица Апостолска и министерот без ресор задолжен за регулатива за подобрување на инвестициската клима за домашните претпријатија, Зоран Шапуриќ учествуваа на шестиот „Регионален самит на претприемачи на Средна и Југоисточна Европа – 300 НАЈДОБРИ“, кој од 22 до 24 март 2019 година се одржа во Дубровник, Република Хрватска.
Во своето обраќање пред учесниците на самитот министерката Зорица Апостолска порача дека со зачленувањето во НАТО и цврстата определба за отпочнување на пристапни преговори со ЕУ, Владата на Република Северна Македонија внесе политичка стабилност и заедно со економските политики креира опкружување кое делува охрабрувачки за припадниците на бизнис заедница своите идеи да ги издигнуваат на повисоко ниво.
„Како Влада посветено работиме на поддршка на духот на претприемиштвото во нашата економија, нудиме поддршка, и тоа конкретна, финансиска, за сите кои воведуваат промени и иновации во економската активност, кои имаат креативни идеи. Претприемачкиот дух го поддржуваме во развивањето на нови механизми за освојување на пазари, за воведување на нови технологии и начини на организација на деловната активност“, рече министерката Апостолска, притоа нагласувајќи дека Владата и понатаму останува фокусирана на создавање на функционална и конкурентна пазарна економија.
Осврнувајќи се на вториот „Светски Конгрес на претприемачи“, кој во октомври годинава ќе се одржи во Скопје, министерката Апостолска нагласи дека како природна последица на позитивните трендови на препримништвото во Северна Макадонија произлезе и одлуката на Владата да ја прифати иницијативата на Меѓународниот економски форум – Перспективи, Република Северна Македонија да биде земја домаќин на овој конгрес, со уверување дека развивањето и унапредувањето на претприемачката култура и соработка е важна за развојот на економијата на секоја земја.
Министерот Зоран Шапуриќ говерејќи за значењето на државните институции во развивањето на соработка помеѓу бизнис заедниците од регионот, истакна дека нивната примарна задача е преку соработка со бизнис заедницата и стопанските комори да работата на создавање на поволна клима и регулатива која ќе ја стимулира и олеснува деловната активност.
„Државата и бизнисот потребно е да бидат партнери, да развиваат интерактивен дијалог во креирањето и реализацијата на политиките кои го олеснуваат регионалното економско поврзување помеѓу земјите“, рече министерот Шапуриќ, притоа нагласувајќи ја потреба од олеснување на прометот со стоки и услуги преку редуцирање на админситративните и царинските бариери во регионот на Средна и Југоисточна Европа.
„Добра работа за економијата е што земјите од регионот имаат јасно дефинирана цел за членство во ЕУ, дел од земјите се кандидати, а дел и веќе се полноправни членки на ЕУ, со што имаме стабилен политички амбиент за развивање и продлабочување на економската сорабоката“, рече Шапуриќ.
Шестиот „Регионален самит на претприемачи на Средна и Југоисточна Европа – 300 НАЈДОБРИ“ е во организација на Меѓународниот економски форум – Перспективи и на истиот земаа учество претставници на над 200 компании од регионот на Средна и Југоисточна Европа, вклучително и над 30 компании од земјава. Основната цел на одржувањето на самитот е промоција на значењето на претприемништвото за економскиот и општествениот развој и давање на допринос за развој на претприемништвото во регионот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.