Економија
Мицкоски: Енергетската криза со себе ќе повлече голема економска криза
„Предупредував за сето ова дека ќе се случува. Предупредував уште во март месец и предупредував што треба да направи оваа Влада, но поради самобендисаноста на Владата и неспособноста ништо тие не направија. Еве септември дојде почнува учебната година за некој месец од денеска започнува и грејната сезона, имајќи во предвид дека во средна и во источна Европа грејната сезона започнува од 15 септември допрва доаѓаат тешките времиња“, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање при денешната посета на Општина Бутел.
Мицкоски посочи дека енергетската криза со себе ќе повлече голема економска криза. Затоа што голем дел од производните капацитети веќе се затвораат и во Македонија знаете дел од тие капацитети веќе се затворија.
„Веќе добиваме информација од теренот, од помалите стопански субјекти дека сметките за август кои практично се однесуваат на јули месец во овој нов регулационен период се зголемени некаде три и четирикратно. Што значи дека голем дел од нив ќе бидат приморани или да отпуштаат вработени или да го затвораат својот бизнис, дел од нив и ќе банкротираат“, кажа Мицкоски.
Тој рече дека сето тоа ќе влијае и ќе има последици во економијата.
„Информациите се дека, веќе се тргува на европските берзи електрична енергија како што е таа во Франција за месеците ноември, декември, јануари, февруари по 1,000 евра за мегават час. Пикот е веќе 2,000 евра за мегават час. Просечната цена е повеќе од 500-600 на референтните берзи во Унгарија, Австрија тие што се однесуваат кај нас“, истакна Мицкоски.
Тој вели дека периодот што следи ќе биде предизвикувачки и многу тежок, ио според него, за жал на граѓаните оваа власт сеуште е таму каде што е и не гледа некаква иницијативност од нивна страна да се подобри состојбата.
Тој рече дека ќе предложат некои закони веднаш штом ќе биде оперативен Парламентот. Според информациите кои ги има до крајот на овој месец ќе биде на годишен одмор.
„Ќе предложиме некои закони со кои ќе се потрудиме колку толку да ја ублажиме оваа кризна состојба која е пред нас оваа есен и оваа зима. Од Парламентарното мнозинство СДСМ-ДУИ зависи дали ќе ги прифатат или нема да ги прифатат нашите предлози. Но важно е дека за сето ова што денеска се случува предупредувавме уште пред една година, тогаш не само што не пристапија сериозно туку имаше и такви кои се шегуваа на наша сметка зошто протестираме за струјата, зошто протестираме за ова? Еве денеска тие ни викаат бевте во право и за жал државата оди кон амбис“, изјави Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Трипуновски: Рекорден трговски дефицит во 2023 година во износ од 436 милиони евра
Дополнителниот заменик-министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, преку фејсбук-објава извести за рекорден трговски дефицит во 2023 година за земјоделско-прехранбени производи во висина од 436 милиони евра.
„Рекорден трговски дефицит во 2023 година во износ од 436 милиони евра. Еве како СДС го уништува македонското земјоделство, Македонија со СДС стана земја увозно зависна од храна. Негрижата за македонските земјоделци и тотално погрешните земјоделски политики на СДС ги принудија земјоделците да го напуштат полето, а со тоа македонските граѓани да јадат увозни земјоделски производи, Македонија од земја извозник стана земја увозник на храна под власта на СДС. Земјоделците ќе имаат вистински партнер во новата влада на ВМРО-ДПМНЕ и заедно ќе го вратиме македонското земјоделство во онаа препознатлива состојба, а Македонија повторно ќе биде земја извозник на храна“, рече Трипуновски.
Економија
Надворешен долг, побарувања и меѓународна инвестициска позиција во четвртото тримесечје од 2023 година
Објавено е редовното статистичко соопштение за позначајните промени кај надворешниот долг, надворешните побарувања и меѓународната инвестициска позиција.
На крајот на четвртиот квартал од 2023 година:
На 31.12.2023 година, нето надворешниот долг изнесува 4.458 милиони евра (или 32,6% од проценетиот БДП). Нето надворешниот долг на земјата, во четвртиот квартал од 2023 година, е зголемен за 305 милиони евра, или за 7,3%. Од аспект на структурата, приватниот нето-долг и натаму има поголемо учество во вкупниот нето-долг со 67%.
Во текот на четвртиот квартал од 2023 година, негативната нето меѓународна инвестициска позиција (МИП) е зголемена за 160 милиони евра и изнесува 8.500 милиони евра, односно 62,2% од проценетиот БДП за 2023 година.
Најновото соопштение за позначајните промени кај надворешниот долг, надворешните побарувања и меѓународната инвестициска позиција е достапно на следниот линк.
Економија
Во вториот квартал од 2025 година стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот ќе остане 1,5 отсто, одржана седница на Советот на Народната банка
Советот на Народната банка, на својата редовна седница, одржана на 28 март 2024 година, врз основа на редовната квартална оцена на системските ризици, донесе одлука за задржување на стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот за изложеностите на банките во Република Северна Македонија во висина од 1,5%, којашто ќе се применува и во вториот квартал од 2025 година. Одлуката се заснова врз оцените за постепено стабилизирање на нагорните циклични системски ризици и постојана стабилност на банкарскиот систем. Исто така, ги зема предвид условите од окружувањето коешто и натаму е неизвесно и придружено со ризици, што е причина за претпазливо спроведување на макропрудентните мерки заради натамошно јакнење на отпорноста на банкарскиот сектор. Со одржувањето на стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот се придонесува за спречување и за намалување на можните ризици.
Народната банка ќе продолжи со внимателно следење на системските ризици и ќе ја преоценува висината на стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот на редовна квартална основа. Притоа, имајќи ја предвид природата на противцикличниот заштитен слој на капиталот и насоките на релевантните европски институции, Народната банка може да ја оцени потребата за зголемување на стапката, при раст на ризиците и неизвесностите од окружувањето, во услови на поволни остварувања на банките. Во случај, пак, на значително остварување на ризиците во билансите на банките, може да се оцени и потребата од делумно или целосно ослободување на овој заштитен слој на капиталот, како поддршка во работењето на банките при евентуални неповолни сценарија.
Советот на Народната банка на седницата разгледа и други материјали поврзани со работата на централната банка.