Економија
МФ: Oбезбедени се средства за заокружување на „Ветерен парк Богданци“
Од Министерството за финансии соопштија дека се потпишани спогодба и договор за обезбедување средства за изградба на втората фаза од проектот „Парк на електрични ветерници – Богданци“.
Според министерот Тевдовски, проектот има за цел да придонесе за заштитата на климата и животната средина, преку обезбедување обновливи енергии и економски раст, средствата, пак, се обезбедени по поволни услови.
„На јавното потпишување, потпишана е спогодбата за финансиска соработка помеѓу Владите на Македонија и Германија, чии потписници се германскиот амбасадор Томас Герберих и министерот за финансии, Драган Тевдовски. Потоа потпишана е гаранцијата со КфВ Банката, како и кредитот кој го зема ЕЛЕМ, чиј потписник е директорот Драган Миновски. Потписник од КфВ банка е директорот за Југоисточна Европа и Турција, Кристоф Тикскенс“, се наведува во соопштението на Министерството за финансии.
„Македонската влада треба да се концентрира целосно на реформските процеси кои мора да доведат до создавање ново македонско општество, во кое сите луѓе ќе можат да ги остваруваат основните човекови права и кое дава можност за подобри услови за живот“, изјави германскиот амбасадор Герберих на денешното потпишување.
На потпишувањето на договорот се обрати и директорот на КфВ банка за Југоисточна Европа, Кристоф Тикскенс. Според него, финансирањето и спроведувањето на овој проект се важни за банката, но уште повеќе за граѓаните на Македонија бидејќи тој претставува чекор напред кон зголемување на производството на електрична енергија од обновливи извори.
Според директорот на ЕЛЕМ, Драган Миновски, има неколку клучни продобивки од финализацијата на овој проект и тоа, како што посочи тој, „се зголемува инсталираната моќност на АД ЕЛЕМ за 13,8 мегават часови и годишно производство од дополнителни 37 гигават часови, доволни за снабдување со електрична енергија на околу 6 000 домаќинства“.
Се заокружува проектот „Парк на ветрени електрични централи – Богданци“ на проектираната инсталирана моќност од 50 мегават часови и вкупно годишно производство од околу 137 гигават часови. Со изградбата ќе се зголеми уделот на обновливите извори во производството на електрична енергија од АД ЕЛЕМ од околу 3 %, велат во соопштенеито од министерството и додаваат дека Република Македонија има обврски кон Европска Унија за исполнување на целите за 20 % производство од обновливи извори во енергетскиот биланс, цел која е поставена и поддржана од сите релевантни институции во Република Македонија.
„Во рамки на втората фаза од овој проект предвидено е поставување на 6 турбини во ветерниот парк Богданци со инсталирана моќност од 13,8 мегават часови. На овој начин ќе се искористи ветрот како обновлив извор на енергија преку изградба на ветерни електрани, со цел постигнување на дополнително годишно производство од 37 гигават часови природно одржлива енергија.
За реализација на втората фаза од проектот обезбеден е поволен заем во износ од 18 милиони евра во рамки на билатералната развојна соработка со Германија, преку КфВ банка, додека АД ЕЛЕМ ќе обезбеди 3 милиони евра од сопствени средства. За средствата во износ од 18 милиони евра заемопримач ќе биде АД ЕЛЕМ, додека Република Македонија ќе издаде државна гаранција,“ велат од Министерство за финансии.
Министерот за финансии ги соопшти и условите според кои се обезбедува заемот на АД ЕЛЕМ, односно рокот за отплата на заемот е 12 години, со вклучен грејс период од 3 години, каматната стапка е фиксна каматна стапка и истата дополнително ќе биде утврдена на денот на потпишување на договорите (индикативната каматна стапка добиена од КфВ на 23.11.2018 година изнесува 1,15% и истата важи до 14.12.2018 година), а сервисирањето на заемот ќе го врши АД ЕЛЕМ од приходите кои ги остварува, a го гарантира државата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.