Економија
Над 40 милиони евра поддршка за стопанството со бескаматни и поволни кредитни линии преку Развојната банка
Бескаматни и поволни кредитни линии им се ставаат на располагање на компаниите за да се поддржат во време на енергетска криза како дел од последните пакет-мерки што ги усвои Владата. Кредитните линии се воспоставуваат преку Развојната банка на Северна Македонија (РБСМ) за што Владата завчера на седница усвои информација и го задолжи министерот за финансии да ги потпише договорите со РБСМ за нивно администрирање, информира Министерството за финансии.
Станува збор за три кредитни линии дизајнирани за поддршка на приватниот сектор.
Првата – бескаматна кредитна линија за обртни средства за компании директно погодени од енергетската и економската криза преку директно кредитирање од РБСМ во износ од 5 милиони евра, Втората – бескаматна кредитна линија за обртни средства за зголемени цени на енергенти преку банки учеснички во вредност од 10 милиони евра и третата – кредитна линија за енергетска ефикасност (ЕЕ) и обновливи извори на енергија (ОИЕ) преку банки учеснички во износ од 10 милиони евра, но интенцијата и начинот на кој се креирани овие кредитни линии е, покрај овие 25 милиони евра буџетски средства, да генерираат дополнителни двојно повеќе средства, и тоа над 40 милиони евра и со тоа да се даде позитивен импакт во економијата.
Кредитната линија за обртни средства за компании погодени од енергетската и економската криза преку директно кредитирање од РБСМ е наменета за микро, мали и за средни трговски друштва, трговци поединци, занаетчии што се од секторот производство на храна во согласност со шифрата на дејност. Важно да се напомене дека крајните корисници ќе ги добијат средствата без камата, односно камата е 0 %, со шест месеци грејс период за отплата, притоа во зависност од времетрањето на отплатата предвидена e и грант компонента од 10 или 20 %.
Преку бескаматна кредитна линија за обртни средства за зголемени цени на енергенти се обезбедуваат 10 милиони евра за микро, мали и за средни трговски друштва, како и трговци поединци и занаетчии. Средствата ќе се пласираат преку комерцијалните банки кои ќе изразат интерес за учество, а кои ќе треба да учествуваат со 50 %, односно вкупниот ефект во стопанството да биде 20 милиони евра. Предвидено е банките да пресметуваат каматна стапка до 3,5 % годишно за својот дел од кредитот (или просечно до 1,75 % на вкупниот кредит), притоа таакон деловните банки ќе биде целосно субвенционирана, со што крајната каматна стапка за крајните корисници, односно компаниите, ќе изнесува 0 %.
Третата кредитна линија наменета за инвестиции во основни средства, односно енергетска ефикасност (ЕЕ) и обновливи извори на енергија (ОИЕ) во износ од 10 милиони евра е наменета за микро, мали и за средни трговски друштва, како и трговци поединци и занаетчии и приватни здравствени установи. Ќе се пласира исто така преку комерцијалните банки, при што 60 % од проектот ќе се кредитира преку оваа кредитна линија,а 40 % од сопствени средства на инвеститорот или кредит од банката учесник. Услови под кои ќе се пласира кредитот кон крајниот корисник е отплата до 8 години со грејс период до 12 месеци за енергетска ефикасност и 12 години отплата со грејс период до 24 месеци за проекти за обновливи извори на енергија. Каматната стапка што банките учеснички ќе ја наплатуваат од крајните корисници е 1,6 % годишно.
Трите кредитни линии се дел од пакет-мерките на Владата, што се конципирани во три насоки: да влијаат на цените на прехранбените производи, да влијаат на цените на енергeнтите и поддршка на ликвидноста на стопанството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.